Koнцерт на Дуња Иванова во Прилеп

На 28 Јули 2020/ вторник/ од 19.30 часот на платото пред Центарот ќе се одржи концерт „Сеќавања“ на пијанистката Дуња Иванова, кој ги обединува можеби најлуцидните парчиња музика на Макс Рихтер, Лудовико Еинауди и Јан Тирсен.

Концертот ќе се одржи со запазување на сите мерки за заштита од корона вирусот. ( за присутните е задолжително носењето маска, мерење температура и дезинфекција на раце.)

Во минималистички манир, но со програмски определени содржини, овие музички автори на исклучително софистициран начин го предводат современиот израз. Нивната музика поттикнува разговор со самите себеси, не се потребни ниту слики ниту зборови. Тие самите, секој пат одново, создаваат уникатна музичка приказна.

Биографија

Дуња Иванова (1985), магистрира на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано (2010), магистрира (2009) и докторира (2015) на катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Со солистичка и камерна концертна дејност се претставува во Њујорк (САД), Париз (Франција), Сараево (БиХ), Тирана (Албанија), Рагуза (Италија), Приштина (Косово); на фестивалите Скопско лето, Охридско лето, Денови на Македонската музика, Музика вива, Филмскиот фестивал Браќа Манаки, Струшки вечери на поезијата, Нов културен бран, Интернационалниот филмски фестивал Winter Apricots во Прилеп, настапува со оркестарот на Музичката младина на Македонија, во камерни состави и во рамките на балетски претстави. Особено значајни се нејзините рецитали посветени на музиката на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт, Руичи Сакамото, Мајкл Најман, Тери Рајли, Стив Рајх, Микаел Сапин, Давид Федел, Бјанка Бан, Јан Тирсен, Макс Рихтер како и низа мултимедијални концерти и настапи на нестандардни локации.

Иванова е селектор и изведувач на музиката за кусиот игран филм “Љубовникот“ (2018). Учествува со свои трудови од областа на музичката теорија и практика на трибините на здружението на педагозите по пијано на Македонија ЕПТА, на конференциите на Институтот за истражување и архивирање музика ИРАМ, на научно-стручни собири на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и во рамките на музичко- едукативни работилници.

Во 2007 и 2008 година е ангажирана како демонстратор од Факултетот за музичка уметност во Скопје.Од 2007 година работи како наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ – Скопје.

Автор е на книгите ,,Рецепцијата на музичкото дело во естетичките теории на 20-от век“ (2016), „Естетското доживување на музиката“ (2010), на публикациите „Мултиапликативната примена на музиката во образовниот процес кај децата“ (2010), „Децата и музиката во виртуелната реалност“ (2012), ,,Контекстот како предуслов за музичко доживување“ (2018).


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.