Во Прилеп започнува да се гради една нова хумана приказна, поттикната од желбата лицата со малигни заболувања и нивните семејства да не се чувствуваат сами во периодот кога им е најпотребна поддршка. Станува збор за организацијата „Glue“, чија цел е да придонесе кон поквалитетен живот на овие лица, преку помош, информации, достапни услуги и полесно справување со предизвиците што ги носи болеста.
Визијата на организацијата е да создаде систем на поддршка кој ќе ги опфати различните потреби на пациентите – од моментот на дознавање на дијагнозата, па сè до почетокот и текот на понатамошното лекување.
За почеток, активностите ќе се одвиваат во Прилеп, каде што е предвидено отворање на посебно катче за поддршка на лицата со малигни заболувања. Идејата е на едно место да се обезбедат различни лекови, препарати и други средства што пациентите често ги бараат во различни градови и држави, а кои не секогаш им се лесно достапни.
Покрај тоа, организацијата планира да обезбеди и психолошка поддршка преку група психолози, како и советување за исхрана со помош на нутриционисти. Предвидена е и помош при организирање превоз до Скопје, како и обезбедување информации и поддршка за пациентите полесно да се снајдат во процесот на лекување и да ги остварат потребните контакти со здравствените установи и онколозите.
Во рамките на катчето се планира да има и перики, турбани и различни помагала што би им биле потребни на лицата кои се соочуваат со последиците од лекувањето.
Од организацијата посочуваат дека лековите и услугите ќе бидат бесплатни за лицата кои не можат самостојно да си ги дозволат, а средствата за нивно обезбедување ќе се собираат преку хуманитарни забави и други настани.
Првата хуманитарна забава на 19 септември во „Империја“
Почетокот на оваа иницијатива е предвиден за 19 септември 2026 година (сабота), кога во ресторанот „Империја“, на патот Прилеп–Македонски Брод, кај Новоселани, ќе се одржи првата хуманитарна забава во организација на „Glue“.
Настанот е замислен како прво издание на „Конкурент Party – Glue org.“, со кој се испраќа порака дека и покрај конкуренцијата, локалните бизниси можат заеднички да се забавуваат, да се дружат и да придонесат за една хумана цел.
На првата забава се поканети управителите и персоналот од маалските кафулиња во Прилеп, но добредојдени се и сите хумани луѓе кои сакаат да бидат дел од оваа иницијатива.
За музичкиот дел ќе се погрижи Викторија Ефтимова со нејзиниот бенд, додека за гастрономското искуство ќе биде задолжен кетерингот „Мерак“. По забавата е предвиден и after party со DJ, чие име организаторите го чуваат како изненадување.
📅 Датум: 19.09.2026 (сабота)
🕗 Почеток: 20:00 часот
📍 Локација: Ресторан „Империја“, патот Прилеп–Македонски Брод, кај Новоселани
🎟️ Карта: 1.000 денари
🍽️ Во цената: Храна и еден аперитив
📞 Резервации: 075 357 992
На менито на кетерингот „Мерак“ се предвидени Цезар и шопска салата, похована даска со кашкавал, пирошки, пилешки прсти и зденки, ребро во рерна, кременадли во BBQ сос, пилешко во сос и десерт.
Организаторите најавуваат дека ова е само почеток на низа хуманитарни забави, но и културно-уметнички собири, преку кои ќе се обезбедуваат средства за функционирање на организацијата и помош за лицата на кои им е најпотребна.
На 19 септември, во ресторанот „Империја“, не се поставуваат само темелите на една организација, туку и на една заедничка идеја – дека со добра организација, солидарност и човечност, можеме да направиме многу за оние кои се соочуваат со тешки животни предизвици.

























