Наменската фабрика „11 Октомври-Еурокомпозит“ АД Прилеп направи уште еден значаен чекор во процесот на повторно активирање и рестартирање на своите производствени капацитети.
Централниот регистар официјално ја евидентираше промената во трговскиот регистар, со што и формално се потврдуваат новите одобренија и лиценци на компанијата за работа со воена опрема.
Според документот од Централниот регистар, промената е заведена под деловен број 35020260021889, по електронски пат преку регистраторот Павлинка Голешки.
Измената се однесува на „Промена на одобренија“, согласно претходно донесеното Решение бр. 17-139/3 од 11.09.2026 година, издадено од Министерството за економија и труд – Управа за наменско производство.
Со решението, на „Еурокомпозит“ му е дадена согласност за вршење на внатрешен промет со воени стоки во работните простории на седиштето на компанијата во Прилеп.
Уписот е извршен согласно законските процедури и релевантните одредби што го регулираат работењето на компаниите во оваа област.
Новото одобрение доаѓа во значаен момент за прилепската фабрика, која по сопственичката трансформација влезе во процес на реорганизација и повторно активирање на своите капацитети.
Добивањето согласност за внатрешен промет со воени стоки претставува предуслов за понатамошно реализирање на дел од планираните активности и договори поврзани со производството на заштитна и друга опрема.
За „Еурокомпозит“, ова е уште еден формален чекор во процесот на враќање на фабриката во функција и создавање услови за повторно производство во рамките на наменската индустрија.
























