дома блог страница 76

Г.г. Стефан: Трите Илиндена не се само датуми, туку сведоштво дека Македонија постоела и постои

Сите три Илиндена не се само датуми, туку се сведоштво дека Македонија постоела и постои, и дека живее во срцата на своите чеда, а нашата слобода е плод на духовната зрелост и жртвата на нашите предци. Но, слободата не е нешто што ни е дадено еднаш и засекогаш, туку е подвиг којшто треба да се чува. Како македонски народ, Илинден нѐ повикува на покајание и на враќање кон светите вредности – кон: верата, правдата, честа и достоинството, наведува Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во Илинденското послание.

– Само доколку сме чесни, верни и воцрковени, ако се обединиме и се помириме како народ, ќе се одбраниме и ќе постоиме, трудејќи се да го запазиме единството на Духот преку врските на мирот, порачува меѓу другото поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан во посланието за Илинден.

† СТЕФАН,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО
СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,
ПО ПОВОД ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,
ДО МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

Сети се на старите денови,
помисли за годините на поранешните поколенија[1].

„Мир и благослов од Бога до свештенослужителите, до монаштвото и до сите чеда на Македонската православна црква“ по повод илинденските празнувања испраќа Архиепископот охриски и македонски⁷ г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод во Илинденското послание што МИА го пренесува во целост.

Возљубени празникољупци,

Денес, со трепет и со духовна радост, го прославуваме Илинден – големиот настан од нашата народна и црковна историја, денот кога го чествуваме споменот на светиот и славен пророк Илија, но и кога се сеќаваме на родољубивата и храбра борба на нашите предци за слобода, правда и чест.

Денешното празнување е длабоко врежано во спомените на нашиот слободољубив народ. Зашто Илинден не е само празнично одбележување, туку е и сеќавање коешто преобразува, коешто нѐ потсетува на богоугодните дела на светиот пророк Илија, но и на славните илинденци, и коешто нѐ повикува нивните вера и верба да останат да бидат наш пример и патоказ.

Светото Писмо ни го посведочува пророкот Илија како исповедник на вечно живиот Бог многу векови пред Христа. Одликувајќи се со исклучителна вера и честитост, тој истапил против постапките на тогашните цар и царица кои отпаднале од вистинскиот Бог.

Иако живеел во Стариот, светиот Илија се јавил и во Новиот Завет, на гората Тавор, заедно со Мојсеја, за време на Христовото преображение[2]. А пред крајот на светот повторно ќе дојде, како што пееме и во неговиот тропар: „Ангел во тело, столб на пророците, втор Претеча на Христовото доаѓање“[3].

Возљубени во Господа,

Пророкот Илија го прославуваме како боговидец и ревнител за Божјото слово, како изобличител на беззаконите цареви и на лажните пророци. Таков бил свети Илија: чувар на Божјиот завет, постојан сведок Божји и будител на заспаната совест. Затоа, од нашиот народ неговиот празник бил избран за ден кога македонскиот народ се кренал на востание.

И денес, во времиња кога се поткопуваат моралните вредности низ светот и кога мнозина наметнуваат лажни верувања – светиот Илија нека ни биде пример за следба. Неговиот живот е сличен на историјата на македонскиот народ, која е исполнета со страдања, но и со надеж; со порази, но и со воскреснувања. Храбрите илинденски јунаци не се плашеле од оние кои можеле да го убијат телото[4], па храбро се кренале против петвековниот поробувач. Имајќи вера во Бога, тие биле подготвени на жртва за идните поколенија да живеат слободно. И токму на Илинден ја започнале борбата за слобода – борбата да бидат свои на своето и достоинствени пред историјата.

Инаку, троен е Илинден во македонската историја: првиот, од 1903 година, кога македонскиот народ се кренал на востание. Вториот, асномскиот Илинден, од 1944 година, го потврди правото на сопствена држава. Третиот, пак, од 1991 година, донесе независност и, иако само на дел од македонската земја, конечно дочекавме слободна и независна држава.

Сите три Илиндена не се само датуми, туку се сведоштво дека Македонија постоела и постои, и дека живее во срцата на своите чеда, а нашата слобода е плод на духовната зрелост и жртвата на нашите предци. Но слободата не е нешто што ни е дадено еднаш и засекогаш, туку е подвиг којшто треба да се чува. Затоа, да се трудиме постојано да стоиме во слободата, со која Христос нѐ ослободи, и да не се подаваме повторно под ропски јарем[5].

Возљубени родољупци,

И ние, наследниците на славните илинденци, се наоѓаме на историски крстопат, соочени со нови бури и премрежија. Затоа и нашето поколение треба да го продолжи илинденскиот подвиг и да го чува она коешто е стекнато со многу страдања и жртви.

Како македонски народ, Илинден нѐ повикува на покајание и на враќање кон светите вредности – кон: верата, правдата, честа и достоинството. Но, само доколку сме чесни, верни и воцрковени, ако се обединиме и се помириме како народ, ќе се одбраниме и ќе постоиме, трудејќи се да го запазиме единството на Духот преку врските на мирот[6].

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,

Во времињата кога сме немале своја држава, Црквата била таа којашто нѐ чувала во сите овоземни бури. Во неа не се чувала само верата, туку и просветата и писменоста, културата и националната свест. Таа била народен дом во кој се чувала свеста за достоинството на македонскиот човек. И денес нашата Црква е жива и бодра Мајка, која постојано нѐ потсетува дека без верата во Христа нема ниту спасение, ниту национално опстојување.

Затоа, како библиски народ, секогаш да се трудиме да останеме чеда Божји, исполнети со богољубие, родољубие и човекољубие. Да бидеме народ кој го памети и го живее славниот Илинден. Да ги негуваме илинденските идеали, зашто само така ќе ги сочуваме како наследство и аманет за идните македонски поколенија, каде и да живееме како народ. По примерот на свети Илија да бидеме бодри и ревносно да си ја чуваме прадедовската вера, па чувајќи си ја верата, да си ги запазиме и Црквата, и Татковината и националната посебност.

Во овие празнични мигови, да се помолиме семилостивот Бог да ги всели во рајската населба душите на сите кои се жртвувале за слободата на Македонија! Ним нека им е вечен споменот, а нас, нивните наследници, Бог нека нѐ чува и нека нѐ благослови! Амин!

Честит и вечен Илинден!

† СТЕФАН,
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ заедно со членовите на Светиот архијерејски синод
на Македонската Православна Црква
– Охридска Архиепископија

† ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† ЈОВАН, Митрополит Крушевско-демирхисарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско-канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско-гостиварски
† ГРИГОРИЈ, Митрополит Кумановско-осоговски
† ГЕОРГИЈ, Митрополит Дебарско-кичевски
† НИКОЛА, Митрополит Австралиско-новозеландски
† ЈОАКИМ, Епископ Дељадровско-илинденски
† МАРКО, Епископ Делчевско-каменички

Илинден, 2026-то лето Господово

[1] 5 Мојс 32, 7.

[2] Сп. Мт 17, 1–8; Мк 9, 2–8 и Лк 9, 28–36.

[3] Тропар на свети Илија.

[4] Сп. Лк 12, 4.

[5] Сп. Гал 5, 1.

[6] Ефес 4, 3.

Св Илија – Kлyчapoт на небото и заповедник на гpмотевиците: Честит именден Илија, Илко, Илинка, Илина, Илчо…

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 20 јули. Денеска е Св. пророк Илија-Илинден.

Во народното верување свети Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици и е Пророк кој пaли и гaси на небото и земјата.

Именден празнуваат: Илија, Илко, Илинка, Илинденка, Илина, Иљо, Илчо…

Бидејќи во народното верување Св. Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици, очигледно е дека врз св. Илија се пренесени многу елементи на врховниот пагански бог на Словените, громовникот Перун.

Останало забележано во записите на Марко Цепенков дека „во летно време кога да биет ровја, св. Илија трчал со кочијата по облаци, за да ја втаса ламјата и штотуку да ја втасал ќе врлел со еден камен морски и одошто силно ќе yдpел со камчето, огон силен излегувало и кај ќе yдрело ќе расипело и ќе yбиело. Ламјaта од страв кај ќе и се вдаит, тамо ќе се скриет, за да не ја убиет. Тешко му кај ќе се скриет.“ И во Кумановско Свети Илија се држи како празник и не се работи од страв да не биjат гpомови по полето, луѓето и стоката и сл.

Свечено затворено 56-то издание на “Илинденски денови” во Битола (Фото галерија)

Синоќа со доделувањето на признанија и награди, односно прогласување на најуспешните фолклорни групи, КУД, ансамбли и поединци кои настапија на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ – Битола, заврши 56-то издание кое беше едно од најдолгите во својата историја.

Пред присутните се обрати градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кој истакна дека да се биде во Битола во овој период од годината е навистина привилегија, како за граѓаните така и за гостите, за нашите иселеници и сите добронамерници.

default

„И за нас како добри домаќини е привилегија што секоја година уживаме во песната, играта, фолклорот. А, е привилегија бидејќи боите, звуците и душата на домашниот и светскиот фолклор, одекнаа од најубавите фестивалски сцени почнувајќи од Офицерскиот дом, преку Широк сокак, Безистенот, Музејот, Магазата, Плоштадот Магнолија, па се до Старата чаршија.

Годинава го имавме историски најдолгото издание на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“, кој има и интернационална димензија со нашите пријатели од десетици земји од светот.

Традицијата има свои сведоци со песни што не стареат. Големи аплаузи за она што успеало да опстане низ времето, песната, чекорот, гласот, носијата и приказните што генерации ги носат со себе“ рече градоначалникот Коњановски.
Градоначалникот рече дека културата е светлина што не се гасне, а фолклорот не е само традиција, туку иднина што ги чува корените.

default

„Најдобриот начин да се празнува е токму преку културно – уметничкиот израз кој поврзува и одржува.Тоа уште еднаш потврдува дека со гордост, како Македонци и како Битолчани, ги продолжуваме традициите на нашите предци, пренесувајќи им порака на младите генерации за нивната обврска, да продолжат да го почитуваат делото на носителите на двата Илиндена и сите оние кои ги дадоа своите животи за денешната слобода, во која само низ културно издигнување можеме да продолжиме да го трасираме патот на напредокот. Нека ни е честит Илинден“, беше пораката на Коњановски.

default

Директорот на Центарот за култура Сашо Илковски во свото обраќање рече дека пред 18 дена започна приказната на 56-то издание на фестивалот со надеж дека и ова издание ќе биде уште една успешна страница во историјата на фестивалот.

„Вечерва со гордост можеме да кажеме дека таа надеж ја претворивме во реалност. Во изминатие денови Битола беше вистинска точка на поврзување. Град во кој се сретнаа различни народи, јазици, традиции, култури. Град во кој музиката, играта и песната станаа универзален јазик на пријателство“, рече Илковски.

На свеченото затворање на фестивалот беше вечерта на интернационална музика и игра.

Крушево достоинствено ја пречека Илинденската коњаница – над 140 коњаници пристигнаа во градот на Републиката (Фото галерија)

Крушево и годинава достоинствено ја пречека традиционалната Илинденска коњаница, еден од најпрепознатливите симболи на чествувањето на Илинден и споменот на хероите кои ја испишаа најсветлата страница од македонската историја.

По тој повод, градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески, истакна дека пристигнувањето на коњаницата претставува потсетник на непокорот, слободата и илинденскиот дух, кои со децении се негуваат и се пренесуваат од генерација на генерација.

„Голема благодарност до сите коњаници кои и годинава, со љубов, почит и посветеност, го изодеа патот до Крушево. Над 140 коњаници од различни краеви на Македонија пристигнаа да го продолжат овој величествен традиционален марш и да ја донесат пораката за слобода и сеќавање на илинденските идеали“, порача Чонески.

Тој нагласи дека Крушево, како град на Илинден и Крушевската Република, со особена гордост ги отвора своите врати за сите посетители кои доаѓаат да им оддадат почит на илинденците и да бидат дел од одбележувањето на најзначајниот датум во македонската историја.

Традиционалната Илинденска коњаница и оваа година претставува еден од највпечатливите моменти во пресрет на 2 Август – Илинден, носејќи силна порака за единство, слобода и почит кон историското наследство.

Ретки се ваквите ноќи во Прилеп што не се пропуштаат, а оваа ќе биде токму таква – Не чекајте ни миг, резервирајте навреме (ВИДЕО)

Кога врвниот џез ќе се спои со префинета гастрономија, авторски коктели и летна атмосфера, резултатот е вечер што долго се памети. Токму такво доживување подготвува AVRA – Bites & Cocktails во среда, на 5 август, кога во Прилеп гостува едно од најголемите музички имиња во Македонија, а со сигурност број еден џез музичар во земјава, Џон Илија Апелгрен и неговиот бенд.

Станува збор за човек чиј глас со години ја воодушевува публиката на најпрестижните концертни сцени во земјата и регионот. Заедно со својот квартет ќе приреди вечер исполнета со безвременски џез стандарди, софистицирана атмосфера и музика што ретко имаме можност да ја слушнеме во живо во Прилеп.

Ова не е обична свирка. Ова е ретка можност љубителите на квалитетната музика да уживаат во настап на врвни музичари, кои зад себе имаат богато концертно искуство и настапи со Националниот џез оркестар, Македонската филхармонија и бројни џез фестивали.

Но, музиката е само дел од приказната.

Специјално за оваа вечер, AVRA, во соработка со Винарија Тиквеш, ја подготви ексклузивната “The Jazz Collection” – серија signature коктели инспирирани од премиум производите на Tikveš Spirits & Wines.

На менито ќе се најдат уникатни коктели како Tikveš Sour, Pear & Jazz, Blue Note Sour, Vranec Negroni, Kumova Paloma и White Gold, а сите ќе бидат достапни по промотивна цена од само 260 денари.

Замислете летна вечер, внимателно подготвен коктел во раката, звукот на саксофонот и топлиот глас на Џон Апелгрен кој ги оживува најубавите џез класици. Токму тоа е атмосферата што AVRA ја подготвува за своите гости.

Интересот за вакви настани секогаш е голем, а бројот на места е ограничен, па од AVRA препорачуваат резервациите да се направат навреме.

📞 Резервации на телефонскиот број: 078 564 477

Ова не е само уште една вечер во градот. Ова е вечер за оние кои знаат да уживаат во добра музика, врвни коктели и амбиент што долго ќе се памети.

Ротаракт клуб Прилеп донираше електромагнетен стимулатор за Дневниот центар за лица со церебрална парализа

Ротаракт клубот од Прилеп денес реализираше значајна хуманитарна донација, предавајќи електромагнетен стимулатор на Дневниот центар за лица со церебрална парализа во Прилеп. Станува збор за современ апарат кој ќе се користи во третманите на штитениците, со цел подобрување на мускулната стимулација, физичкиот развој и нивното секојдневно функционирање.

Претседателот на Ротаракт клуб Прилеп, Емил Батаклиев, истакна дека донацијата е обезбедена со средствата собрани од хуманитарната манифестација „Трка со срце“, која се одржа на 14 јуни.

„На 14.06. организиравме хуманитарен маратон наречен „Трка со срце“ и средствата кои беа собрани од самиот маратон беа наменети за купување електромагнетен стимулатор од неколку илјади евра за Дневниот центар во Прилеп. Може да кажеме дека сме многу задоволни, успешно ја завршивме мисијата и еве денес дојдовме да го предадеме. Стручните лица ќе одржат обука и ќе почнат да го користат. „Медио стим“ е електромагнетен стимулатор кој се користи за стимулирање на мускулите кај децата со посебни потреби, за да можат подобро да функционираат и да се развиваат“, рече Батаклиев.

Пожари на гробиштата во Прилеп – Комуналец со апел до граѓаните!

ЈКП „Комуналец“ апелира: Внимавајте при палење свеќи на гробиштата во Прилеп

ЈКП „Комуналец“ – Прилеп упати апел до граѓаните за зголемена внимателност при посетата на новите и старите градски гробишта, по појавата на неколку пожари од помал обем во изминатиот период. Од претпријатието информираат дека сите пожари биле навремено локализирани, но апелираат посетителите при палење свеќи и одржување помени задолжително да проверат дали свеќите се изгаснати пред да го напуштат гробното место.

Воедно, се препорачува да не се оставаат запалени кандилца со пловак, особено во пресрет на празникот Илинден, кога се очекува зголемена посетеност на гробиштата.

Од „Комуналец“ потсетуваат дека во наредниот период се најавени екстремно високи температури, поради што ризикот од појава и ширење пожар е значително зголемен.

“Да бидеме разумни, внимателни и одговорни, со цел заеднички да спречиме несакани последици“, апелираат од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

Гимназијалец од Прилеп ќе ја претставува Македонија на престижната Олимпијада по геонауки во Торино, Италија

Уште еден голем успех за прилепското образование и младите таленти! Никола Здравески, ученик во прва година во СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп, ќе ја претставува Македонија на престижната Меѓународна олимпијада по геонауки (IESO 2026), која ќе се одржи од 20 до 28 август во Торино, Италија.

Овој значаен пласман е потврда за неговото знаење, посветеност и љубов кон геонауките, но и резултат на долгите подготовки и напорната работа заедно со неговиот ментор, професорката Александра Ристеска, која со својата стручност и поддршка придонесе Никола да стигне до ова високо меѓународно натпреварување.

Учество на олимпијада од ваков ранг претставува огромна чест, но и можност за стекнување нови знаења, искуства и пријателства со најдобрите млади геонаучници од целиот свет.

На Никола му посакуваме многу успех, одлични резултати и достојно да ги претстави Прилеп и Македонија на ова престижно светско натпреварување. Веруваме дека неговата посветеност ќе биде крунисана со уште еден голем успех.

Цел свет на едно место: “Илинденски денови” во Битола со гости од Венецуела, Кина, Холандија, САД…. (ФОТО)

САД- Венецуела, Порторико, Кина, Грузија, Холандија, Унгарија, Словачка, Грција и Шведска и секако од земјата домаќин Македонија, беа дел од годинашното издание на „Илинденски денови” во Битола.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски и оваа година организираше прием, односно фолклорна дружба со гости од фестивалот „Илинденски денови“, кои изминативе недели ја разиграа Битола и ја обоија во боите на фолклорот.

Неговиот кабинет беше претесен за домашните и странските гости кои ги пренесоа своите позитивни импресии од фестивалот, организацијата, гостопримството на градот, од убавините на Битола со своите културни и историски посебности.

Градоначалникот Коњановски на средбата истакна дека во овој период Битола, посебно е разубавена, а светското шаренило, надополнето со музиката, играта и песната, никого не остава рамнодушен. Ова пак истовремено значи и светска промоција на градот, кој го има овој фестивал и повеќе од половина век ја негува традицијата, но и ги отвара ширум своите врати за традициите во фолклорот на други народи.

Добрата соработка за градење силни културно – уметнички врски беше повод и за размена на пригодни подароци и промотивни материјали во знак на сеќавање на изданието на фестивалот кое беше едно од најдолгите во својата историја со голем број учесници, како домашни така и странски од различни делови на светот.

Разбојништво во Прилеп: Прилепчанец со електричен парализатор ограбил продавница

-СВР Битола – ОВР Прилеп, до ОЈО Прилеп, поднесе кривична пријава против П.Т.(53) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 27.06.2026 околу 13:00 часот во продавница на ул.„Вера Циривири“ во Прилеп, пријавениот со закана со електричен парализатор од вработената одзел пари од касата и го напуштил местото, информираат од МВР.