дома блог страница 352

Приведен прилепчанец кој возел под дејство на алкохол и имал забрана за управување на возило

-На 26.04,2025 во 03.25 часот на ул.„7 Септември“ во Кавадарци, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Кавадарци го лишиле од слобода А.М.(28) од Прилеп. При контрола на патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко моторно возило „мерцедес“ со прилепски регистарски ознаки, кое го управувал, и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,80 промили алкохол во крвта. Исто така, било констатирано дека возилото го управувал под активна забрана за управуање на моторно возило од „Б“ категорија.

А.М. бил задржан во полициска станица и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена пријава по член 297 А од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.

На Томина недела сите патишта водат кон 500 години старото светилиште во демирхисарско Граиште (ФОТО)

Kaj демирхисарското село Граиште, во недопрена природа, се наоѓа 500 години старо светилиште – манастирот Св. Тома, или познат како Граиштански манастир, или Шути манастир.

Манастирот е граден во доцниот среден век, но уништен во XVIII век. Возобновен е во 2002 г. врз темелите на стариот храм.

На 27.04. (недела) кога се празнува христијанскиот празник Томина недела, сите патишта, не само од Демир Хисар и Демирхисарско, туку и од други градови водат кон ова светилиште.

До манастирот има асфалтиран пат, а на празникот ќе се одржи водосвет и осветување на леб. Чинот ќе започне во 10:30часот, а после пладне ќе има и добра музика.

За сите верници кои ќе го посетат храмот, домаќините ќе имаат приготвено вкусна манастирска чорба, па останува само да уживате во чистиот воздух, природата и топлото време.

Нека е за многу години!

После 1 мај доаѓа уште еден слободен викенд – ќе одмориме три дена

Следната недела следува уште еден неработен ден следната недела, а тоа е Први Мај.

После 1 Мај имаме и продолжен викенд.

Имено 6 Јуни (петок), Духовден, петок пред Духовден е неработен ден.

За сите граѓани на РСМ

1 јануари (среда), Нова Година,
7 јануари (вторник), Божик, првиот ден на Божик според православниот календар,
30 март (недела), Рамазан Бајрам, првиот ден на Рамазан Бајрам, односно 31 март (понеделник) е неработен ден,
21 април (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар,
1 мај (четврток), Ден на трудот
24 мај (сабота) „Св. Кирил и Методиј“- Ден на сесловенските просветители,
2 август (сабота), Ден на Републиката,
8 септември (понеделник), Ден на независноста,
11 октомври (сабота), Ден на народното востание,
23 октомври (четврток), Ден на македонската револуционерна борба,
8 декември (понеделник), „Св. Климент Охридски”.

За граѓаните од православна вероисповед

6 јануари (понеделник), Бадник, ден пред Божик,
19 јануари (недела), Богојавление (Водици),
18 април (петок), Велики Петок, петок пред Велигден,
6 јуни (петок), Духовден, петок пред Духовден,
28 август (четврток), Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица).

За граѓаните од католичка вероисповед

21 април (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден,
1 ноември (петок), Празникот на сите светци,
25 декември (четврток), првиот ден на Божик.

За граѓаните од муслиманска вероисповед

6 јуни (петок), Курбан Бајрам, првиот ден на Курбан Бајрам

За граѓаните припадници на албанската заедница во РСМ

22 ноември (сабота), Ден на албанската азбука

За граѓаните припадници на српската заедница во РСМ

27 јануари (понеделник), Свети Сава

За граѓаните припадници на ромската заедница во РСМ

8 април (вторник), Меѓународен ден на Ромите

За граѓаните припадници на влашката заедница во РСМ

23 мај (петок), Национален ден на Власите

За граѓаните припадници на еврејската заедница во РСМ

2 октомври (четврток), Јом Кипур, првиот ден на Јом Кипур

За граѓаните припадници на бошњачката заедница во РСМ

28 септември (недела), Меѓународен ден на Бошњаците

За граѓаните припадници на турската заедница во РСМ

21 декември (недела), Ден на настава на турски јазик.

ВО ЖИВО: Започна погребната миса за папата Франциск, емоции и солзи на плоштадот Свети Петар

На плоштадот Свети Петар во Ватикан, утрово точно во 10 часот по локално време, започна погребната церемонија за папата Франциск, кој почина во понеделникот на 88-годишна возраст. Светата миса ја предводи кардиналот Џовани Батиста Ре, деканот на колегиумот на кардиналите, исполнувајќи ја последната желба на папата за скромен и достоинствен испрат.

На малите екрани може да се забележат бројни светски лидери и високи гости кои пристигнаа од сите краишта на светот за да му оддадат последна почит. Меѓу присутните се поранешниот американски претседател Доналд Трамп со сопругата Меланија, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, францускиот претседател Емануел Макрон, украинскиот претседател Володимир Зеленски, италијанскиот претседател Серџо Матарела и премиерката Џорџа Мелони.

Рим денес е под силни безбедносни мерки – улиците се преполни со полиција и специјални единици, но атмосферата е тивка и облеана во тага. Илјадници верници од сите делови на светот пристигнаа за да присуствуваат на последната миса за својот духовен водач. Повеќе од 50.000 луѓе веќе поминаа покрај ковчегот на папата, а масата на присутни на плоштадот расте од минута во минута.

Церемонијата се следи во тишина и молитва, додека ковчегот на папата, поставен во едноставен дрвен ковчег, ја симболизира неговата скромност и посветеност на верата. По завршувањето на мисата, ковчегот ќе биде пренесен во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што, согласно неговата желба, ќе биде погребан без раскош, со едноставна плоча на која ќе стои само натписот „Franciscus“.

Денеска, светот се простува со папата Франциск во молк, почит и благодарност за неговото дело и духовното водство што го остави зад себе.

Трамп: Украина и Русија се пред историски договор

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека Украина и Русија се блиску до историски договор. Тој по пристигнувањето во Рим, каде ќе присуствува на погребот на папата Франциск, наведе дека е време Русија и Украина да седнат на маса.

– Само што слетав во Рим. Добар ден за разговори и состаноци со Русија и со Украина. Многу блиску се до договор, а двете страни сега треба да се сретнат на високо ниво за да ја довршат работата, истакна Трамп.

Тој на сопствената социјална мрежа „Трут соушл“ (Truth Social) објави дека „Повеќето главни точки се договорени. Запрете го крвопролевањето, ВЕДНАШ. Ќе бидеме секаде каде што е потребно за да помогнеме да се стави КРАЈ на оваа сурова и бесмислена војна“.

Во Крушево за Велигден имаат една многу јака традиција – Фудбалска утакмица играат женетите против неженетите (ВИДЕО)

Наш читател ни испрати фотографии од една многу интересна традиција која се случува во Крушево на сам ден Велигден.

На игралиштето “Плоч” кај хотел Монтана, секоја година на празникот се формираат две фудбалски екипи, на женети и не неженети, и тие одигруваат фудбалски натпревар.

Оваа година, како што стои во објавата на социјалните мрежи, после многу години победата на НЕЖЕНЕТИТЕ стана реалност, со резултат 2-1 во нивна полза.

-Велигден, 10 часот на Плоч, фудбалски натпревар помеѓу екипите Женети – Неженети, традиција од памтивек. Како и секоја година, така и оваа, со иницијатива на неколку дечки, од изработка на стативи, чистење на теренот до организација на прослава. Дружење на различни генерации, размена на искуства, смеа, тага и најбитното, продолжување на традицијата. После многу години победата на Неженетите стана реалност, со резултат 2-1 во нивна полза. За многу години Велигден, Влашко маало 2025 – пишува на својот ФБ профил Владимир Ѓорѓиески.

Нам ни останува да им посакаме традицијата и дружбата да им траат уште долги години!

(Фото галерија) Прекрасна традиција која се негува со години: На Источен Петок во Битола се одржува манифестацијата Градски-Селски Велигден

Во дворот на ООУ “Даме Груев” во Битола, вчера, започна тридневниот фестивал “Весел Петок”, со кој во “Јенимаале” се одбележува празникот Источен Петок – Балаклија, или познат како Градски – Селски Велигден.

Првиот фестивалски ден започна со богата културно уметничка програма во организација на ОУ Даме Груев, каде настапија учениците од ова училиште, игроорците од КУД „Илинден” Битола, КУД „Илинден” Демир Хисар и Традиционалната играорна група на Општина Неаполи – Сикес, Грција.

Денес, се одржа традиционалното дефиле низ улиците во Јенимале, а учесниците на фестивалот и гостите ги поздрави градоначалникот Коњановски:

„Убаво е кога низ музика, песна и игра, продолжува да се негува традицијата. Ви се заблагодарувам за оваа прекрасна атмосфера со која, веќе традиционално ја исполнувате Битола. На сите граѓани сакам да им го честитам Источен Петок – БАЛАКЛИЈА, православниот верски празник кој се слави во четврток и петок, по ВЕЛИГДЕН. Нека е за многу години“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Завршувањето на овогодинешниот фестивал Весел Петок е утре, со Велигденски концерт во НУ Народен Театар Битола, каде што учество ќе земат играорни групи од Битола, како и гости од други градови од Македонија и странство, гости на фестивалот.

СДСМ следната недела ќе ги објави дел од кандидатите за градоначалници

СДСМ следната недела ќе ги објави имињата на дел од кандидатите за градоначалници за кои ќе ја бара поддршката од граѓаните на претстојните локални избори, најави лидерот на партијата Венко Филипче.

Тој избегна да одговори на директното прашање дали партијата ќе го поддржи Горан Герасимовски за втор мандат во Центар и кажа дека во тек се внатрепартиски анкети во повеќе општини.

-Се разговара на повеќе нивоа и еден дел од нашите кандидати за градоначалници, некои десетина од нив, ќе ги промовираме како кандидати за локалните избори во текот на следната недела – рече тој.

Во однос на плановите за соработка со другите партии, Филипче кажа дека на локалните избори начелно ќе настапат заедно со коалицијата во која партиципираат и тие од 14-15 партии. Во дел од општините, како што додаде, дел од партиите од коалицијата ќе настапат самостојно.

-Веќе започнавме и на техничко ниво разговори во однос на советничките места, не во сите општини подееднакво, поради тоа што во еден дел од општините партиите ќе настапуваат самостојно, меѓутоа коалицијата оди заедно на локалните избори – изјави тој.

Одговарајќи на прашање дали е можна соработка со Алијанса за Албанците на министерот за здравство Арбен Таравари, која реши на локалните избори да оди со свои советнички листи, што предизвика раздор со останатите партнери во коалицијата ВЛЕН, Филипче се осврна на владината коалиција, за која оцени дека е навистина нестабилна и не функционира добро.

-Тоа што се случува во владината коалиција укажува на тоа дека таа е навистина нестабилна и не функционира добро. Во различен временски период, прилично краток, се слушаат дијаметрално спротивни ставови во однос на тоа дали ќе има или ќе нема предвремени парламентарни избори, што го ставам во контекст на односите во рамките на коалицијата.

Дека не функционира таа коалиција граѓаните практично на своја кожа го доживуваат тоа секој ден. Една лоша стратегија во економијата, немање реализација на капиталните инвестиции, огромен број на институции коишто не делат плата на вработените.

Внимавајте клучни институции во овој временски период после трагедијата во Кочани, дел од инспекторатите се без плата, дел од социјалните служби, Министерството за култура, Министерството економија, едноставно лош перформанс на Владата.

Згора на сето тоа, ако ги кажеме и нашите ставови зошто сметаме дека таа истрага за трагедијата во Кочани е страшно селективна, сакајќи да поштеди некои функционери на Министерството за внатрешни работи, сметаме дека коалицијата е навистина нестабилна – рече Филипче.

На прашањето дали СДСМ ќе побара предвремени парламентарни избори, Филипче рече дека тие се подготвени што и да се случи во следниот период.

-Дали ќе има само локални избори, дали заедно со локалните ќе има и предвремени парламентарни избори СДСМ е спремен за секаков тип на избори во следниот период – изјави тој.

(Фото галерија) Тројца владици служеа литургија денеска на Голем Петок во манастирот Св. Архангел Михаил

На 25.04.2025 г., кога го празнуваме споменот со Чудотото на Животворниот извор на Мајката Божја, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение со Епископот Хераклејски г. Климент, Епископот Велички г. Никола, протоереј ставрофорот Никола Грамбозов, архимандритот Никодим, еромонахот Јов и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија, во манастирот посветен на Свети Архангел Михаил, во Варош.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови тајни.

Со овој празник, посветен на Пресвета Богородица, и се оддава признание на мајката Божја, поради тоа што непосредно по Велигден нема друг празник поврзан со нејзиното име.

Во некои места празникот е познат под името Богородица Балаклија. Поради тоа што Богородица му ги миела раните на Исус, на овој ден луѓето ги посетуваат изворите ги мијат лицето и очите, или три пати преку себе префрлаат вода од изворите. Поради тоа најчесто овој празник се празнува во црквите што се покрај извори.

На сите граѓани, а посебно на варошани им го честитаме празникот, со желби до година да пречекаат голем број гости.

За многу години!

Денот на основањето на Универзитетот “Св. Климент Охридски” во Битола, одбележан со отворен ден под мотото “Корени и крилја” (ФОТО)

Во рамките на одбележувањето на 25 Април, Денот на основањето на Универзитетот „ Св. Климент Охридски“ – Битола, организиран е Отворен ден под мотото „Корени и крилја“.

Универзитетот, во својата програма вклучува неколкуднвни активности со кои има за цел да ја доближи и презентира студиска програма пред матурантите со посебен акцент на партнерството КОЛОРС АЛИЈАНСА, а со тоа создава можности за меѓународна соработка со останатите Европски Универзитети, членки на Алијансата.

На денешната панел дискусија учество имаше и градоначалникот Тони Коњановски каде што истакна дека Општината има клучна улога во образованието на младите и нивнот развој во заедницата. Градоначалникот пред младите ја истакна важноста од стекнување на високообразовна диплома која има значајна улога во понатамошениот личен развој, но исто така и напредокот на општеството и градот, затоа што младите се најважната алка на едно општество.

Исто така, градоначалникот Коњановски, ги презентираше и можностите кои ги нуди Општина Битола во својата програма за млади, меѓу кои е отворениот Младински центар, место каде што младите можат да се информираат на теми од важен интерес за младите, достапните програми за развој на социјалниот и професионален живот на младите.

Општина Битола секоја година од својот Буџет издвојува 1 000 000 денари годишно, а со тоа го овозможува непреченото функционирање на Младинскиот Центар, како и 550 000 денари за поддршка на младински проекти преку здруженија на граѓани кои аплицираат на јавен повик.

Во 2018 година, Општина Битола го оформи Локалниот совет за волонтерство, а заложбите на волонтерскиот совет е да се вреднува волонтерскиот труд, стекнување на нови вештини и знаења и подобро прилагодување на пазарот на труд. Затоа секоја година во месец декември по повод меѓународниот ден на волонтерството се распишува јавен повик за оддавање на признание во областа на волонтерството, на поединци и групи.

Во соработка со Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, трета година по ред се промовира Универзитетската летна пракса, во која студентите имаат можност во летните месеци да го надоградат своето знаење во секторите во Општина Битола, како и јавните претпријатија кои се надлежност на општината. Студентите се избираат на јавен повик и имаат можност во рок од еден месец да се здобијат со практично знаење, за надоместок од 10 000 денари.

Во рамки на општина Битола од 2022 година кога формиран е Локалниот Младински Совет составен од девет члена на возраст од 15 – 29 години од различни профили, кој има за цел да делува со поставување на точки на дневен ред на Советот на општина Битола и да иницира теми кои ги засегаат младите, а со тоа и поголема застапеност на младите во креирање на локални младински политики.

Сите овие можности беа презентирани како од градоначалникот, така и од претставниците на Младинскиот локален совет на штандот поставен на платото пред Офицерскиот дом, како можност за доближување на активностите на општината до младите и нивно поттикнување за поголема вклученост.