дома блог страница 326

Прилепчанец фатен на дело: Крадел во двор од куќа на ул. “Толе Паша”

-На 25.05.2025 во 05.30 часот во Прилеп, на ул.„Толе Паша“ полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода Ѓ.Г.(31) од Прилеп, кој бил затекнат при вршење на кривично дело “кражба” во двор на куќа во Прилеп.

Украденото било вратено на сопственикот, а по документирање на настанот, против Ѓ.Г. ќе биде поднесена соодветна пријава – информираат од МВР.

Ристески за глобалната кинеска CGTN: Во Прилеп имаме одлични брендови, се надевам дека во блиска иднина ќе донесеме голема кинеска инвестиција (ВИДЕО)

Заменик министерот за економија Maрјан Ристески деновиве е дел од македонската делегација која учествува на Четвртиот саем за соработка на Кина со државите од Централна и Источна Европа за размена на стоки и трговија (China-CEEC Expo 2025), кој од 22 до 25. мај се одржува во градот Нингбо.

Во изјава за кинеската глобална телевизиска мрежа CGTN, Ристески се осврна на досегашната соработка со Народна Република Кина и укажа на можностите за инвестирање во Македонија и Прилеп, а со цел зголемување на економската размена.

Во својата изјава Ристески се осврна на брендовите на Прилеп, а тоа се: Витаминка, Мермерниот Комбинат, тутунската индустрија и технолошкиот гигант “Микросам”.

Ристески потсети на соработката на Прилеп со Кина, додека тој беше градоначалник, збратимувањето со кинескиот град Дејанг, кинеските инвестиции во образованието во Прилеп и помошта од кинеската држава за време на КОВИД кризата.

Премногу легенди на едно место! Златната генерација на Победа се собра на Градски во Прилеп (ФОТО)

На Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп се собра златната генерација на прилепска Победа од сезоната 1987/88.

Оваа екипа во која настапуваа: Мирсад Јонуз, Милан Тодороски, Марјан Стојковски, Тони Наумоски… и многу други звучни фудбалски имиња, во таа сезона во Втората југословенска лига – Истока, успеа да наниже серија од 7 победи, со што од последното место на табелата, се искачи до самиот врв.

Состанокот на Градски во Прилеп беше исполнет со емоции, носталгија и многу убави спомени од времето кога ја носевме истата боја на дресот со срце и гордост.

-Се насмеавме, се прегрнавме и повторно се почувствувавме како тим – како што отсекогаш сме биле.Во знак на почит и благодарност, на сите присутни легенди им беа доделени благодарници, како потсетник на нивниот придонес и верност кон клубот. Особена чест му припадна на Симон Наумоски, кому му беше врачена плакета за посебен придонес и несебична посветеност кон генерацијата и клубот – пишуваат од ФК Победа.

Во Прилеп отворена изложбата “Рефлексивна привлечност ” од скулпторот Слободан Милошески (ФОТО)

Во петокот во ликовната галерија на НУЦК “Марко Цепенков” во Прилеп беше отворена изложбата “Рефлексивна привлечност ” од скулпторот Слободан Милошески, кој се претставува со дела кои се иновативна уметност, заради материјалот што е употребен и со концептот на идеи што ги носат.

-Скулптурите претставени на изложбата прртставуваат различни метални симболи-стилизирани растенија, геометриски форми…обезбедувајќи им на гледачите приказ на изработка, со комбинирање слоеви од метал, едноставност и безбедност на хроматската текстура, во склад со уметничката душа….Видлив е капацитетот на авторот да ги примени своите специфични вештини во создавањето хармонично координирани површини направени од метални елементи и конструкции-забележува проф.д-р Џемаил Бектовиќ, за творештвото на уметникот.

Слободан Милошески досега реализирал бројни изложби во земјава и во странство. Изложбата е дел од годишната програма на Центарот,поддржана од Министерството за култута и туризам.

Истакнати модни дизајнери дел од годинешното издание на Креативниот ден во Битола

Повеќе реномирани дизајнери ментори ќе бидат дел од годинешното, 4. По ред издание на Креативниот ден во Битола кое оваа година ќе се одржи на 28.мај во Битолскиот театар и тоа: Благој Мицевски, Андреј Папаз, Александар Ортаковски, Муамед Маликовски, Монсоло, Екатерина Петреска, Боркица, Христијана Голубовиќ,Сербез, Алшар Силвија Михајловска, Весна Божиловиќ,Бе.оне, Маја Петковска, Маја Андревска, Ирена Стојановска, Снежана Петровска, Анастасија Зулевска, училишта од Скопје, Струга, Прилеп, Богданци, Куманово, Штип, Виница и домаќинот Битола.

ВИП гости: Никола Ефтимов, Ивана Кнез, Елена Лука, Татјана Алексиќ, претставници од Текстилен Кластер.

„Она што е најважно во овај процес е тоа дека учениците поминуваат низ цел процес од идеја до реализација на модел. Уште поголемо искуство е соработката со конкретен ментор и клиент што на некој начин теоретското искуство го претвора во практично. На тој начин се подигнува нивото на текстилното образование кое произведува дизајнери подготвени за конкретни предизвици“, вели Мицевски.

„Преку практична работа, креативна слобода и јавна презентација на нивниот труд, учениците добиваат чувство на вредност, самодоверба и реална перспектива за својата идна професија. Работењето на конкретен проект од почетна идеја до финален производ, особено под менторство на професионалци, е мотивациски двигател и одлично надополнување на класичната училнишна рутина. Учениците учат за работа под притисок, комуникација, тимска соработка и презентациски вештини, сето тоа преку искуствено учење кое остава трајна трага“, истакнува Ортаковски.

Дизајнерите ќе дизајнираат заедно со младите од текстилниот отсек во средните училишта низ Македонија. Учествуваат 32 екипи од 11 градови, 9 стручни училишта. Секој тим се состои од: талентиран ученик од стручно модно училиште, дизајнер-ментор, кој ги води низ креативните и техничките аспекти на процесот и успешна жена – Дама – која, претставувајќи ја финалната креација на модната писта, ја покажува својата општествено, социјална одговорност, јавно им го признава стекнатото знаење и вештини на младата генерација дизајнери и креативци.

Со тоа настанот секоја година станува се помасивен, со се поголема заинтересираност и учество на училиштата. Поврзаноста со бизнис секторот е во насоката на тоа што моделите ги носат успешни деловни жени од Битола, а собраните средства одат за подобрување на практичната настава.

„Креативен ден“ е настан по иницијатива и идеја на Весна Божиловиќ, продуцент и дизајнер од продукција “Божиловиќ“, на која од првиот настан се приклучија професорките Анита Стефановска, Ема Ќука и Живка Танушевска од текстилната струка на СОУ “Таки Даскало“, Битола.

„Она што започна како мала иницијатива, Денот на креативноста, сега се прошири на национално ниво, поврзувајќи средношколци, студенти, ментори, успешни жени и професионалци од индустријата. Една од нашите клучни цели е да ја разбиеме стигмата околу стручното образование и да им покажеме на младите дека изборот на овој пат не е само паметен, туку и возбудлив, модерен и полн со можности. Со здружување на студенти, експерти од индустријата, дизајнери и бизнис лидери, создаваме мост помеѓу образованието и пазарот на труд, давајќи им на младите луѓе доверба да се гледаат себеси како професионалци – дури и пред да дипломираат“, истакнува Божиловиќ.

Оваа година темата е Ориент.

„Фокусот ни е на креативниот процес од почеток до крај -од истражување на ориенталната култура и модни влијанија, преку скицирање на модели, до изработка и стилизирање. Сите тимови работат на модели кои се инспирирани од ориентот- богатото културно наследство, декоративните елементи , традиционалните ткаени и колоритни мотиви од истокот. Покрај организацијата на модната ревија ќе има и средби и разговори околу дизајнирањето на облека со познати дизајнери од Македонија.

Целта ни е не само да прикажеме облека , туку и целосно визуелно и културно искуство инспирирано од ориентот“, велат професорките Анита Стефановска, Ема Ќука и Живка Танушевска.

Овој настан полека но сигурно, прераснува во растечка заедница на иноватори, едукатори и претприемачи кои веруваат во моќта на модата како професионален пат и алатка за промени, се трансформира во вистинска Модна Зона.

Билетите експресно продадени! Алкалоид вечерва го игра најважниот дуел од постоењето на клубот

Ракометарите на Алкалоид вечер во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ќе го играат најважниот натпревар во својата четиригодишна историја. Тие се домаќини на грчки АЕК во реваншот на ЕХФ Европскиот куп.

Алкалоид од Атина донесе четири голови предност (29:25) кои се надеваме ќе бидат доволни за освојување на трофејот.

Предводникот на Алкалоид, тренерот Кирил Лазаров, побара од неговите избраници да бидат смирени и да не подлегнат на психолошкиот притисок.

За остварување на целта, македонскиот претставник ќе има голема поддршка од навивачите кои експресно ги купија билетите.

Почетокот на натпреварот е закажан за 20:30 часот.

“Трчај бе” и Атлетската федерација на Македонија, донираа реквизите во вредност од 100.000ден. за училиштата во Битола

Втора година по ред, Здружението организатор на трката „Трчај бе“, заедно со Атлетската федерација на Македонија, во пресрет на трката „Мини трчај бе“ која ќе се одржи на 01 јуни, донираат спортски реквизити за основните училишта во Битола.

Денешната донација е во вредност од 100.000 денари и се состои во пречки и конуси.

Организаторот на трката, Никола Димитровски, во име на здружението и атлетската федерација изрази благодарност до сите наставници по физичко образование, нагласувајќи дека нивната соработка е особено важна за организација на еден ваков настан и побара во иднина дополнително да бидат детектирани сите потреби на училиштата од реквизити поврзани со атлетиката, со цел истите да бидат обезбедени со следните донации.

(Фото галерија) Воени оркестри на армиите на Македонија и САД, одржаа концерт на плоштадот “Магнолија” во Битола

Денеска, на плоштадот “Магнолија” во Битола, едночасовен концерт одржаа воените оркестри од армиите на Република Македонија и САД.

Концертот се реализира пред вежбата „Immediate Response 25“, која ќе се одржи на Криволак, а посетителите имаа можност да проследат повеќе популарни џез нумери, шлагери и македонски фолк мелодии.

Во име на Општина Битола, воените оркестри ги поздрави заменик градоначалникот на Битола – Бојан Бојкоски

Денешниот концерт е уште една потврда за силната соработка и пријателство помеѓу армиите, како и за нивната посветеност кон
културното зближување и заедничките вредности.

Воените оркестри, преку својата изведба создаваат атмосфера на хармонија и разбирање, што е клучно за ефикасна меѓуармиска соработка и градење доверба меѓу сојузниците.

Судиските одлуки му го одзедоа пласманот на Големо Коњари во Втора лига? (ВИДЕО)

Денеска се одиграа трите бараж натпревари за пополнување на Втора македонска фудбалска лига.

Пласман во Втората лига за следната сезона обезбедија Шкендија Арачиново, Слога Виница и Тетекс.

За Прилеп и прилепскиот регион во фокус беше натпреварот на стадионот во Ѓорче Петров, каде пласман во Втора лига бркаше ФК Големо Коњари.

Иако Тетекс водеше со 2:0 до 87. минута, фудбалерите на тимот од прилепско и со играч помалку, успеаја да израмнат на 2:2. Стрелец на двата погодоци во финишот на натпреварот беше Беким Алимоски во 88. и во 90. минута.

Следуваше изведување на пенали, каде тетовчани беа поуспешни.

После натпреварот се огласија од ФК Големо Коњари, од каде упатија честитки за ангажманот на екипата. Од клубот сметаат дека судиите со црвениот картон и неколку досудени непостоечки офсајд ситуации, го оштетиле Големо Коњари, а како пример објавија видео од една од спорните ситуации, каде судиите досудија офсајд.

ФК Големо Коњари сега ќе чека шанса за пласман во Втората лига преку жрепка, во која два од трите поразени тима денеска ќе станат второлигаши.

Moторциклист заврши со тешки повреди на ул. “Тризла” во Прилеп

-На 23.05.2025 во 21.10 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на ул.„Тризла“ во Прилеп, мотоцикл со прилепски регистарски ознаки, управуван од Н.Е.(51) од Прилеп, излетал од коловозот.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Општа болница во Прилеп.

Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Прилеп – информираат од СВР Битола.