дома блог страница 327

Tребало да се вика Св. Сава, но прилепчани не попуштиле: Еве како е граден грандиозниот храм Св. Кирил и Методиј во Прилеп

Храмот Свети Кирил и Методиј, познат и како Параклис и годинава свечено го одбележува својот празник. Светите браќа Кирил и Методиј се познати христијански светители, најмногу за словенските народи. За нив во црковните богослужби се пее како за рамноапостолни, учители и просветители.

Учители и просветители се затоа што ја создале азбуката, преведувале книги и учеле многу народи на писменост и наука. Рамноапостолни се, оти се еднакви на апостолите. Ширејќи ја писменоста, го ширеле и христијанството. Голема е заслугата на Светите браќа за покрстувањето на словенските народи.

Огромно е почитувањето на Светите браќа Кирил и Методиј во Прилеп и пошироко. Тоа се гледа во тоа што голем број прилепчани ги носат имињата на овие светители и на овој ден слават именден. Има и семејства во кои, ако на едното дете му дале име Кирил, на другото му даваат Методија.

Во почетокот на 20 век во Прилеп е изградена грандиозната црква посветена на Светите браќа Кирил и Методиј. Градена е во време на српската окупација на Македонија.

И постои едно кажување дека властите во тоа време за градба на црквата го определувале местото кај денешната пошта, но црквата да биде посветена на Свети Сава, но иницијативниот одбор и народот не се согласил, па со отстапување на места од имотите на видни прилепски семејства, изградена е црквата на местото каде од порано постоела помала црквичка – Параклис од 1884 година, а која ја паметат постарите дека е урната во средината на 20 век.

Црквата Свети Кирил и Методиј претставува репрезентативно остварувања на познатиот белградски архитект Момир Коруновиќ, чија активност на овие простори во периодот меѓу двете Светски војни резултирала со значајни архитектонски остварувања.

Светиот дом е граден е во непосредна близина на стариот Параклис. Храмот има основа на впишан крст. Се влегува со искачување на неколку скалила, со што започнува градбата на храмови во велелепни стилови. Во подрумот на храмот се наоѓаат гробници од загинати војници од Првата светска војна.

Црквата Свети Кирил и Методиј во Прилеп градена е во периодот од 1926-1936 година, аа на 4 октомври 1926 година, на најсвечен начин, е положен камен темелник.

Првата служба е одржана во ноември 1930 година, веројатно во подрумските простории каде се изградени костурници за коските на оние кои загинале во Прилеп во војните од 1912-1918 година, а во 1936 година црквата ја осветил тогашниот епископ Охридско-битолски Николај (Велимировиќ).

Црквата е висока 23 метра. Покрај костурницата има балкон за жени и посебен балкон за пејачки хор. Храмот има скромен иконостас, кој не е споменик на културата. Во 2006 година довршена е градбата на куполата, која не била крената при градбата на храмот, заради немање на финансии.

Последниве години во црквата се сликаше фрескоживопис во олтарниот дел.

Претреси во битолско, прилепско, крушевско и во Македонски Брод, пронајдени оружје и муниција, лишени од слобода четири лица

На 23.05.2025, полициски службеници од СВР Битола – ОВР Прилеп во с.Обршани, прилепско, го лишија од слобода Д.М.(41) од с.Обршани. при претрс во неговиот дом, извршен со судска наредба, пронајдени се ловечка пушка и патрони различен калибар.

На 23.05.2025 во с.Цапари, битолско, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода Ј.Н.(44) од с.Цапари, затоа што при преглед во неговиот дом пронајдени се пет пушки, четири пиштоли, како и 39 парчиња муниција од различен калибар.

На 23.05.2025 во с.Пресил, крушевско, полициски службеници од ОВР Прилеп и ОВР Крушево го лишија од слобода И.Р.. Врз основа на наредба од основен суд Прилеп извршен е претрес во неговиот дом и пронајдени се две рамки за пиштол и муниција различен калибар.

На 23.05.2025 во с.Горно Ботушје, општина Македонски Брод, полициските службеници од ОВР Македонски Брод го лишија од слобода З.М.(58) од Македонски Брод . При претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Кичево, пронајдени се 15 патрони за ловечка пушка и делови за оружје.

По документирање на настаните, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Христијанскиот свет ги празнува македонските просветители Св. Кирил и Методиј – Честит именден Кире, Кирил, Методиј, Менде, Методија…

Големите македонски и сесловенски просветители Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, тие имаат и заеднички празник на 24/11 мај. Поради нивните заслуги за христијанството Светета црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Именден празнуваат: Кирил, Методија, Кире, Киро, Методиј, Мето, Менде…

Во почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување Кирил на 27/14 фев. и на св. Методиј на 19/6 април. Но подоцна се јавила потреба за нивен заеднички празник, едно затоа што тие се родени браќа и друго затоа што заедно извршувале иста дејност.

Најпрвин заедничкото празнување било на денот на упокојувањето на св. Методиј, како што е запишано во Станиславовиот пролог: „И се празнува нивниот спомен на 6 април и црквите многу празнуваат во нивниот спомен“.

Но, поради тоа што овој датум се паѓа во строгите велигденски пости кога црквата забранува свечено празнување, се нашло за попогодно ова празнување да биде пренесено на 11 мај (с.с.). При празнувањето на илјадагодишнината од Моравската мисија во 1863 година, Светиот серуски синод донел одлука, почнувајќи од таа година 11 мај (с.с.) да се празнува како црковен празник на преподобните Кирил и Методиј.

Потоа ова празнување било прифатено од сите словенски народи. Родени се во Солун во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лав бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија. Најстариот од седумте деца, Методиј е роден околу 815 година, а Константин бил седмо дете и е роден во 826/27 година.За постариот брат Методиј многу малку се знае. Не се знае дури ниту неговото крстено име, а името Методиј е добиено во монаштво.

Се знае дека завршил највисоки школи во Константинопол, дека во младоста ја избрал воената служба и десетина години бил управител на Словенско кнежевство во Македонија што било под власта на византискиот император и дека таму го напишал делото „Закон судниј људем“ („Закон за судење на луѓето„). Но ја напуштил оваа служба и заминал во манастирот на планината Олимп (Мала Азија) каде што се закалуѓерил.

Подоцна во овој манастир дошол и неговиот помал брат Константин со кого заедно учествувале во две значајни мисии: Хазарската и Моравската.Константин, пак, уште како дете го учел напамет познатиот христијански беседник Григориј Богослов, се истакнувал во учењето поради што бил забележан од царските советници, кои му овозможиле да се школува во познатата Магнаурска школа во Цариград којашто имала ранг на денешен универзитет.

Тука се афирмирал како извонреден мислител, богослов и апологет на христијанството. Во житијата се вели дека граматиката ја изучил за три месеци, дека го учел Хомер (Илијадата и Одисејата), дека кај Лава и Фотија ги учел дијалектиката, сите филозофски науки, потоа реториката, артиметиката, астрономијата, книжевноста, сите елински уметности итн.

По завршувањето на школата работел како библиотекар во познатата Патријаршиска библиотека во Цариград, од каде што заминал во еден манастир на Босфор. По престојот во манастирот бил поканет за професор на Магнаурската школа каде што станал познат професор по филозофија, поради што го добил прекарот Филозоф.Бидејќи се истакнал со познавање на црковните но и на световните прашања на 24 годишна возраст од страна на византискиот двор бил испратен во Арапската мисија кај Сарацените, којашто имала државно-политички и религиозен карактер.
Со Сарацените водел полемики по повеќе верски прашања, а се запознал и со нивниот живот и обичаите.Во 858-859 година Кирил, Методиј и повеќе други пратеници од Византија престојувале во Мисија кај Хазарите каде што требало да решат повеќе важни политички и верски прашања.

Овде ги нашле и моштите на папата Климент I, кој уживал голема почит кај Римјаните, а Кирил напишал и пофално слово за Климент и химна за него. По успешното завршување на оваа мисија, Методиј повторно заминал во својот манастир на Олимп, а Кирил во некој манастир во Цариград. За време на овој престој во Цариград тој се прославил со дешифрирањето на еден запис од чашата на еврејскиот цар Соломон која се чувала во црквата „Света Софија“ во Цариград.

Сепак, за двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземал мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија.

Имено, замолил да му испратат луѓе кои Божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. А тие мисионери биле Кирил и Методиј.

Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.Во Моравија Кирил и Методиј биле пречекани со воодушевување од страна на кнезот Ростислав, но и со жесток отпор од страна на германските свештеници.

Тие ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот.Поради ваквите пречки во работата двајцата браќа тргнале за Рим со намера, лично поред папата, да ја образложат својата дејност и да ги оспорат многуте клевети. На пат за Рим минале низ Панонија каде што кнезот Коцел бил одушевен од нивната служба и посакал и во неговото кнежевство службата да се изведува на разбирлив словенски јазик.

Потоа стигнале во Венеција каде што Кирил имал остра полемика во одбрана на правото сите народи, па и Словените, на свој јазик да ја изведуваат богослужбата. „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А Сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво?

Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“ ‒ им рекол Кирил и додал дека и Персијанците, Ерменците, Арабјаните, Хазарите и други народи словото Божјо го проповедаат на свој јазик и дека е незамисливо дури и апсурдно тоа да се прави на јазик неразбирлив за верниците.Во Рим браќата биле пречекани со голема свеченост, уште повеќе што со себе ги носеле моштите на папата Климент I, коишто св. Кирил ги нашол за време на Хазарската мисија.

Во Рим во тоа време сè уште бил жив култот кон папата свети Климент I, кој маченички го завршил животот, поради што враќањето на неговите мошти во светиот град претставувало голем настан, а браќата биле почестени со големо внимание.Папата, тргнувајќи од некои интереси на папската столица, дозволил во неколку цркви во Рим да се изврши богослужба на словенски јазик, со што го признал овој јазик за службен во црквата.

Тој ги зел во заштита словенските книги, Методиј го произвел во свештеник, Константин во повисок калуѓерски ред (со што го добил името Кирил), повеќе ученици добиле свештенички звања, а Климент и Наум станале презвитери.По големите напори Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година на голема жалост на брат му Методиј и неговите ученици. Тука бил и погребан, така што и денес неговите мошти почиваат во Рим во црквата „Свети Климент“.

Оттука св. Методиј со своите ученици се вратил во Моравија, одел и во Панонија кај кнезот Коцел, но непријатностите не престанале. Две и пол години минал во затвор, а по ослободувањето (по директна интервенција на папата), морал постојано да оди во Рим и Цариград да се правда од клеветите и да реферира за постигнатите резултати. Чувствувајќи го својот крај во 884 година зел двајца свои ученици-брзописци и за шест месеци ја превел целата Библија на словенски јазик.

Починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград.По смртта на Методиј неговите ученици останале без заштита. Германските свештеници со нив жестоко се пресметале. На Горазд му се губи трагата, некои од учениците биле продадени како робови, други протерани преку Дунав, на југ. Меѓу овие биле и светите Климент и Наум кои делото на своите учители со голема страст и знаење го продолжиле на брегот на Охридското Езеро во древниот град Охрид.

Грчката црква не го празнувала споменот на светите Кирил и Методиј. Словенските цркви, пак, споменот на смрта на св. Методиј го одбележувале на 6 април (с.с.) набргу по неговата смрт. Сведоштво за тоа е и „Асемановото евангелие“ (10-11 век) во кое датумот 6 април е забележан како „спомен на смртта на преподобниот наш отец Методиј, архиепископ на горна Моравија, брат на преподобниот Кирил Филозоф.“

Долго време споменот на св. Кирил Филозоф се одбележувал на 14 февруари (с.с.), а на 6 април (с.с.) се одбележувал заедничкиот спомен на двајцата браќа. Бидејќи овој празник е во велигденските пости кога не е дозволено повесело празнување потребен бил нов датум за таа цел.

Со указ на светиот Синод на Руската црква, по повод 1000 годишнината од првотро осветување на словенскиот јазик, во 1863 година решено е секоја година на 11 мај (с.с.) да се слави празникот на преподобните Кирил и Методиј, со ноќно бдение, со литургија и молебен и со служба која за таа цел била напишана истата година.Светите браќа Кирил и Методиј од страна на Светата црква се прогласени за рамноапостолни поради нивните заслуги за афирмацијата на христијанската вера.

„Најголема пофалба за нив, ‒ пишува Григор Прличев во Словото за св. Кирила и Методија, ‒ е оти папата, денешниот папа римски, оценувајќи ги нивните маки и трудови, оценувајќи ја величината на нивните дела, ги нарече рамноапостоли и издаде заповед, писмена заповед, строга повела по сето свое паство да го празнуваат сите денот на св. Кирил и Методија.“

Коментирајќи ја ваквата одлука на папата и на црквата воопшто Прличлев истакнува дека нивните заслуги се големи. „Иако биле болни тие многу направиле за афирмација на Христовата вера, тие пак се трудеа, неуморно се трудеа додека го извршија великото дело, коешто не би можеле да го извршат ни цареви, ни императори, ни самите можеби Христови апостоли, ниеден од апостолите не покрстил толку души колку св. Кирил и Методи.“

Во ова свое Слово коешто не е датирано, но веројатно е кажувано за време на неговото учителствување во Солун 1884-1890, Прличев во едно свое вдахновено расположение искажува умерение дека солунската гимназија „ќе произведе уште многу Кириловци и Методиевци, што ќе бидат светила на нашите училишта, ќе бидат благолепие на нашите цркви, ќе бидат столпници на верата и ќе го прославуваат македонското име.“

Празникот на светите браќа Кирил и Методиј посвечено почнал да се празнува во 19 век. Марко Цепенков забележува дека овој празник силум се воведе во црквата (…) при подигнувањето на црковното прашање. Стефан Тановиќ во своите записи од Гевгелиско вели дека „Св. Кирил и Методиј“ е нов празник кој од скоро почнал да се споменува и да се слави. Го празнуваат само Србите и Бугарите, како Словени, додека Грците не сакат ни да слушнат за него. Во денешно време тенденцијата е заеднички да се празнуваат светите браќа како просветители на словенските народи.

Прилепчанец изградил деловни простории дивоградба – заработи кривична пријава

-СВР Битола поднесе кривична пријава против С.Р.(50) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.

Во периодот од август до октомври 2024 на две катастарски парцели, пријавениот изведувал градежни работи, односно изградил куќа со деловни и станбени простории без претходно одобрение за градба издадено од надлежен орган, информираат од СВР Битола.

Ристески во улога на министер и амбасадор на Прилеп и Македонија: Бројни средби во Кина со претставници на земји од Централна и Источна Европа (ФОТО)

Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, деновиве ќе биде во работна посета на Кина, а на покана на кинеското министерство за трговија.

Ристески и неговиот тим, се дел од македонската делегација, која учествува на Четвртиот саем за соработка на Кина, со државите од Централна и Источна Европа, за размена на стоки и трговија (China-CEEC Expo 2025).

Саемот се одржува од 22 до 25 мај во кинескиот град Нингбо.

-На саемот кој годинава се одржува со наслов „Нова визија за иднината“ учествуваат 14 македонски компании со презентација на нивните производи. Целта на China-CEEC Expo 2025 е развивање на трговската соработката помеѓу Кина и државите од Централна и Источна Европа, како и презентирање на можностите за инвестирање. Во рамки на официјалната посета остварив средба со заменик министерот за трговија на НР Кина задолжен за надворешна трговија, г-дин Линг Џи (Ling Ji), каде разговаравме за досегашната економска соработка помеѓу двете држави. Економската соработката помеѓу двете земји е на високо ниво, со голем потенцијал и можности за проширување, а ние ќе продолжиме да работиме на зајакнување на комуникацијата за стабилен развој на економските и трговските односи – напиша Ристески на социјалните мрежи, кој на мартините на саемот оствари и низа средби со претставници на владите на државите од Централна и Источна Европа.

Според Ристески, на овие средби се разговарало за поголема соработка на економски план, што е приоритет на Владата.

Николоски: Првата транша средства од Обединетото Кралство ќе се движи меѓу 2 и 2,2 милијадри евра за изгардба на брзата пруга, болници, медицинскиот факултет и студентски дом

Првата транша на средства ќе биде меѓу 2 и 2, 2 милијарди евра за проекти и тоа ќе бидат под најдобри услови и со најголема рочност на отплата под кои што Македонија било кога ги добила, вели во интервјуто за МРТВ, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

“Очекувам за месец-месец и половина од денес да можеме да излеземе со точни податоци пред македонските граѓани во однос на тоа колку средства ќе користиме и под кои услови, но можам да кажам дека првата транша ќе биде меѓу 2 и 2, 2 милијарди евра и можам да кажам дека тоа ќе бидат најдобри услови кои што Макеоднија било кога ги добила за вака голема сума. Едно да повлечете милион, два, пет милиони евра, друго е да повлечете две милијарди евра за старт, до 6 милијарди евра потенцијал. Во моментов Македонија на меѓународниот финансиски пазар не може да обезбеди повеќе од 175 милиони евра, тоа е максимум што сме добиле за поединечен проект за финансирање, тоа е за коридор 8 за третата делница за железницата, тоа е максимум. Сега зборуваме за 2, 2 милијарда евра и јас гарантирам ќе добиеме најдобри можни услови со најдолга рочност на отплата што Македонија било кога ги видела”– истакна вицепрeмиерот Николоски.

Тој потенцира дека овие средства се исклучиво за проектно финансирање, односно за реализаија на капитални проекти кои носат додадена вредност.

“Не зборуваме за фрлање во ветер за ликвидност, за социјална помош итн. Зборуваме за проекти кои треба да носат развој во Македонија и неколкукратно ги враќаат парите нанапред во децениите кои доаѓаат. Кога работите проект потребно е да имате четири чекори за да биде успешен. Прво да имате јасна визија за проектот и што тој би донел. После тоа да направите правна рамка за реализација, врз основа на правната рамка да обезбедите финансирање и врз основа на тоа треба да се изведе Изведувач кој ќе го изработи на најдобар можен начин и време. Ние во моментов го затворивме вториот чекор, проектите ги имаме, сега ја затворивме правната рамка. Договрот Влада со Влада покрај политичкиот дел ни е потребен заради правна рамка за соработка со Велика Британија но и правна рамка за реализација на проектите, бидејќи ако го прочитате Договорот јасно ќе видите во кој сектори ќе се работат проекти. Сега одиме во трета фаза, а тоа е обезбедување на финансии и кога ќе ги обезбедиме финансиите ќе одиме во четврта фаза во избор на изведувач и завршување на проектите”– вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Костадинов одлучен да ги чисти јавните површини од урбана опрема и летни тераси во Струмица

Одлагање на решение на инспектор не може да биде предмет на дискусија ниту било каква одлука на Совет може да ја промени волјата на граѓаните! – пишува на Фејсбук градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов откако советниците од ВМРО-ДПМНЕ побараа да не се рушат дивоградбите низ градот.

– Со целосна почит кон секој член на Советот на општина Струмица мојата должност како прв човек во Струмица е да ги почитувам законите.

ЗЕЛС како невладина организација не се меша во работата на општините поединечно.Нов правилник за урбана опрема само по себе не значи измена на закон за градба или уште полошо теоријата на правилник до легализација на дивоградба и тука да нема дилеми.

Цврсто застанувам зад интересот на моите струмичани и позади нивното право за да си го добијат тоа што е нивно, нивниот плоштад.

До сега повеќе од 80% од угостителите сами постапуваат а најавите се дека дополнително 95% ќе постапат перидов и тоa сами целосно разбирајки го притисокот на владата при акцијата ТЕМЕЛ!

Советот на Општина Струмица е конструиран според неколку прописи и секој акт што произлегува од него, а претходно е доставен во форма на Барање, Прелог или Мислење мора да биде заснован врз основа на неколку прописи.

Законот за локална самоуправа, Статутот и Деловникот на општина Струмица содржат одредби кои строго упатуваат кон надлежностите кои ги има Советот.

Јавниот интерес е крајната цел на донесување на секоја одлука која произлегува од потребите на граѓаните, но и воспоставувањето на ред.

Освен нормативниот дел, при донесувањето на секоја одлука треба внимателно да се разгледаат и начелата на транспарентност и законитост, кои доколку се прекршат може да настане анархија.

Согласно позитивното право, Советот има огромна улога во општеството, но мора да подлежи на надзор и контрола. За да се воспостави рамнотежа, секој акт кој ќе произлезе од Советот мора да содржи правен основ, со цел да не произведе незаконско дејство.

Донесувањето на “Предлог за одложување на рушење “ и предлогот за дозволување на секој граѓанин да узурпира по два квадратни метри на струмичкиот плоштад, претставува акт кој ги надминува ингеренциите на Советот.

Со оглед на правилното и праведно толкување, истиот нема да биде објавен во Решението за објавување на актите по 51та седница на Советот на општина Струмица.

Изненаден сум од елементарното непознавање на нештата од страна на дел од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа е доволна причина граѓаните да препознаат кого да поддржат на следните избори.

Во таа смисла предлогот се одбива во целост. – напиша Костадинов на Фејсбук.

На цветниот плоштад пред храмот Св. Петка во Прилеп се одржа прекрасен настан во чест на Во чест на Светите Кирил и Методиј (Фото галерија)

Денес, на цветниот плоштад пред храмот „Св. Петка“ во Прилеп, се одржа незаборавен и длабоко инспиративен настан во чест на светите рамноапостолни браќа Кирил и Методиј – апостолите на словото, учителите на духот и столбовите на словенската писменост и култура.

Наши гости и учесници беа наставниците и учениците од ООУ „Блаже Конески“, кои на отворената сцена пред храмот се претставија со свои изведби.

Настанот беше вистинска глетка за очите и храна за душата. Во ова заедничко чествување беа вклучени и претставници од Локалната самоуправа, од Музејот на град Прилеп, родители, дедовци и баби, и бројни верници – сите обединети во љубовта кон словото, историјата и духовноста.

Овие настани имаат далекусежно значење за младите генерации и за татковината. Тие не само што го разбудуваат интересот за сопствените корени, туку ги учат младите да се гордеат со својот јазик, својата историја и културна припадност. Преку ваквите собири, храмот станува место каде верата, културата и воспитно-образовниот процес се спојуваат во едно – во служба на духовен раст и национално достоинство. Впрочем, духовноста, просветата и љубовта кон татковината се темелите врз кои се гради иднината на нашите деца.

Благодарност до сите учесници, организатори и поддржувачи. Особена благодарност до директорката Мартина Пројческа и до сите наставници кои несебично се вложија во остварувањето на овој настан. Храмот Св. Петка верува дека ваквата плодна соработка ќе продолжи во иднина и дека овој пример ќе го следат и останатите училишта. Делото на светите Кирил и Методиј продолжува да живее – во срцата на младите и во душата на народот.

Помогнете да се идентификуваат проблемите во Прилеп – Пополнете го прашалникот!

Општина Прилеп во координација со Министерството за транспорт е во фаза на изработка на План за одржлива урбана мобилност (Susteinable Urban Mibility Plan – SUMP) , чии резултати во иднина ќе придонесат во подобрување на пристапноста, промовирање на здравјето и безбедноста на граѓаните, поддршка на економскиот раст и ублажување на влијанијата врз животната средина.Сето ова ќе се постигне преку подобрување на патната инфраструктура, промовирање на одржливи начини на транспорт и усвојување на иницијативи со ниска содржина на јаглерод, насочени кон намалување на емисиите и оптимизирање на протокот на сообраќај, што за градот Прилеп ќе биде од големо значење.

За подобро идентификување и дефинирање на проблемите со кои се соочуваме во Прилеп, Ве молиме да одвоите десетина минути од вашето време и да го пополните овој анкетен прашалник.

ЛИНК ДО ПРАШАЛНИКОТ

Однапред Ви благодариме !!

Нова премиера во Битолскиот театар „Чорбаџи Теодос“ во режија на Дамјан Димовски

Во Битолскиот театар се одржа прес конференција посветена на најновата премиера ,,Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски, во режија на Дамјан Димовски .

„ Среќен сум што еден млад човек се зафати да работи театар со љубов. По 4-ти пат ова дело се поставува на сцената на Битолски театар. Првата поставка беше во 1946 година“, истакна на почетокот директорот Васко Мавровски. Тој додаде дека и покрај наследениот милионски долг, се работи интензивно во театарот и се стигна до 4-та премиера оваа година.

„11 та премиера за 8 месеци за тоа време откако јас сум на чело на овој театар. На 16 ти јуни ќе се игра претставата „Жиголо“ која ќе биде 87 изведба на претстава со што се израмнуваме со бројот на претстави кои се изиграле за цела 2024 година, а ќе завршиме со премиера на „Рибарски караници“, која ќе биде 101 изведба за 2025 година, и со тоа ќе го достигнеме бројот на вкупна публика, 17688 гледачи, кои биле присутни за цела 2024 година. До овој момент не посетиле повеќе од 13000 гледачи. Ова се бројки кои ни значат многу бидејќи успеавме да се надминеме себеси, и успеавме да го вратиме театарот на една брза лента на едно време кога Мицевски беше уметнички директор, а Светозарев директор, кога ни се случуваше да имаме и по 250 изведби годишно. Така што мислам дека сме на добар пат и се заблагодарувам на секој еден посетител“.

Оваа претстава е дипломска работа на режисерот.

„ Голема работа е да се даде можност како што мене Битолски театар ми ја даде, да ја работам својата дипломска претстава овде. Екипата ми даде доверба за идејата да поставиме еден култен текст за македонската драматургија, да му дадеме еден нов и свеж изглед на целиот концепт. За мене од големо значење е што националните куќи даваат можност на младите уметници да се изразуваат на нивните сцени. Работите кои се случуваат во самиот текст на Иљоски од тоа време, некако ни се случуваат повторно во поинаква амбалажа. Луѓето некако ја имаат изгубено емпатијата и разбирањето и сите сакаме да стигнеме до целта прегазувајќи го другиот, а не во соработка со него. За овој начин на живот кој ние денес го живееме потребно е да постои таа емпатија помеѓу нас“.

Драматург на претставата е Билјана Крајчевска.

„Ние во театарот земаме различни приказни, поставуваме и одговараме прашања, достигнуваме до некакви концепти за решавање на современите проблеми, но хуморот е една од важните алатки кои ни даваат некакви одговори на тие негативни прашања и затоа оваа комедија беше една од важните претстави кои ги поставуваме оваа година, стигнавме до осовременување на овој процес. Комедијата соодетствува со нашата актуелност. Во процесот тргнавме кон едно истражување, но не експериментиравме. Стигнавме до една предлошка која ќе комуницира со оваа сценска матрица, а користевме материјали кои се од Иљоски, од Шекспир, имавме мали документарни интервенции, се со цел претставата на крајот да не донесе до оние моменти на осознавање во животот, да се даде шанса на децата,  светот, општеството“.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски.

„Сакавме да имаме претстави од секој вид, за секого, од детски до претстави за средношколци, класични и сл. Најважно во оваа претстава е што имаме млад режисер од Битола, кој ни го привлече вниманието со неговата претстава правена по Отело, која ја видовме на неделата на независен театар во Драмски во Скопје, а потоа беше и во МНТ, публиката во Битола ќе може да ја види во рамките на Шекспир фестивалот. Мене ме повлече во процесот на работа како костимограф е тоа што Дамјан во идејата покажа респект кон македонската традиција, драма и овој Битолски театар. Ме инспирираше таа негова визија, колку голем притисок правиме кон децата во нивните одлуки“.

Во претставата играат Живко Борисовски, Марија Стефановска, Александар Димитровски, Никола Стефанов, Сандра Грибовска Илиевска, Елена Моше, Никола Пројчевски, Александар Копања, Петар Спировски, Марија Цветановска.

„Лакомото око и грабливата рака за жал продолжуваат и по 100 години, пред се сум среќен за соработката со Дамјан со екипата. Многу е добро тоа што се враќаме на наши македонски текстови, за да се врати и најмладата публика“, рече актерот Живко Борисовски.

Музиката е на Александар Димовски, светло Игор Мицевски, инспициент Оливер Петровски, суфлер: Гордана Михајловска. Премиерата на ,,Чорбаџи Теодос“ е на 26.мај со почеток од 20 часот.