дома блог страница 321

Oдземање на возилото ако зборувате на телефон, казни и до 8.000 евра за сообраќајни прекршоци

Казни од 350 до 2.000 евра за употреба на мобилен телефон или за неносење кацига на мотор, намалување на дозволената брзина во населените места и зголемување на автопатите, казни од 2.000 до 8.000 евра за брзина од над 200 километри на час, меѓу другото, предвидуваат промените во законот за безбедност во сообраќајот, според алтернативниот министер за транспорт на Грција Константинос Киранакис.

Во интервјуто за грчката телевизија „Скај“, Киранакис објасни дека измените се вклучени во законот што денеска се очекува да биде доставен до надлежната комисија во Парламентот.

Поконкретно, според алтернативниот министер, за користење мобилен телефон без притоа да се предизвика несреќа, предвидена е казна од 350 евра и одземање на возачката дозвола за 30 дена, доколку се работи за прво прекршување.

При второто, казната е 1.000 евра и одземање на дозволата за 180 дена, а доколку возачот биде фатен по трет пат да користи мобилен додека вози, ќе треба да плати 2.000 евра и една година ќе остане без возачка дозвола.

Слични казни се предвидени и за некористење кацига, како од возачите на мотори, така и од сопатникот.

Ограничувањето на брзината, како што објасни Киранакис, ќе се намали на 30 километри на час за тесни и мали улици во внатрешноста на населбите, на 50 километри на час за главни градски патишта, додека пак на автопатите ограничувањето ќе се зголеми на 140 км/ч.

Вечерните часови за време на викендите според Киранакис се регистрираат најголем број сообраќајни несреќи со смртни последици, а со измените во законот целта е да се елиминира антисоцијалното однесување при возење.

За недозволени трки на автомобили и брзина од над 200 км/ч, казните се од 2.000, 4.000 и 8.000 евра при првиот, вториот и третиот прекршок, заедно со одземање на возачката дозвола на една, две или четири години, во зависност дали е прв, втор или трет прекршок.

Во случај на несреќа со сериозни телесни повреди, се активира член од Кривичниот законик, што предвидува затворски казни до десет години.

За возење под дејство на алкохол и пречекорувањето на ограничувањата ќе донесе и отстранување на возилото со пајак.

Дополнително, за паркирање на место наменето за инвалиди, ќе се отстрануваат регистарските таблици од возилото на прекршителот, додека пак за велосипедистите ќе биде забрането да возат на улица.

Алтернативниот министер за транспорт на Грција нагласи дека статистиката покажува дека 50 отсто од смртните случаи во сообраќајни несреќи се поврзани со мотори, поголемиот дел од жртвите-пешаци се постари лица, а од сите сообраќајни несреќи, 94 проценти се предизвикани од возачи-мажи.

Во сабота на сцената на ЦК “Марко Цепенков”, театарот “Војдан Чернодрински” премиерно ќе ја прикаже претставата “Чиста куќа”

На 31 мај 2025 – од 20.00 часот на сцената од ЦК „Марко Цепенков“, театарот „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја прикаже претставата „Чиста куќа“ од Сара Рул, во режија на Тамара Стојаноска.

По повод премиерата денеска во ЦК „Марко Цепенков“ се одржа прес конференција.

ЧИСТА КУЌА

Автор: Сара Рул
Режисер: Тамара Стојаноска

Превeдувач: Тамара Стојаноска
Драматургија: Лидија Митоска-Ѓорѓиевска
Сценографија, дизајн на плакат и рекламен материјал: Филип Коруновски
Музички соработник на режисерката: Ана Митоска
Избор на костими: Тамара Стојаноска во консултација со актерската екипа

Продукција: НУЦК „Марко Цепенков“ Нaроден Театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп
Фотографија и видео: Fun Production

Актерска екипа:
ЛЕЈН – Даниела Иваноска
МАТИЛДА – Наташа Ачански
ВИРЏИНИЈА – Катерина Чакмакоска-Клинческа
АНА – Јасмина Мицовска Станкоска
ЧАРЛС – Димитар Ѓорѓиевски
Техничка екипа:
Инспициент: Елена Иваноска
Тон-мајстор: Томе Темелкоски
Светло: Ристе Гркоски
Шеф на сцена: Сашо Смоквоски
Реквизитер: Гоце Наумоски
Сликар исполнител: Пеце Ристески
Гардеробер: Снежана Ѓорѓиоска
Фризер-перикер: Даринка Богоеска
Декоратери: Роберт Стојкоски, Владимир Владимировски, Јане Јанкулоски
Раководител: Михајло Миленкоски
Директор: Марија Попова Јованоска

За претставата:

„Чиста куќа“ по текстот на Сара Рул е претстава што раскажува длабока човечка приказна за животот и смртта, преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови. Зборуваме за непредвидливите пресврти во животот и начинот на кој се соочуваме со нив, за болката што е неизбежна, за големината на простувањето, но и за љубовта и губењето на истата. Претставата го истражува ширењето на емпатија и начинот на кој се справуваме со траумите од детството — во нашиот случај, преку вицови, како средство за преживување, бегство и поврзување.

Секој лик носи во себе различна тежина, нерешени болки, кои ги гледаме преку односите на две сестри, двајца партнери или родители и деца. Во нашата приказна, вицовите стануваат филтер, еден вид „фасада“ и начин да се преживее она што не може да се издржи. Траумите од детството често се заматени, а спомените се искривени или недовршени, а родителите ги штитат децата од вистинската болна реалност. Ликовите не се обидуваат само да не насмеат, тие се обидуваат да преживеат, да ја пронајдат смислата во свет кој понекогаш е премногу болен за да се прифати таков каков што е.

Чистењето во оваа претстава не е само физичка активност, тоа е метафора. Додека домовите ни блескаат, внатре во нас често владее неред, несредени емоции, потиснати чувства, нерешени болки и осаменост. Куќата може да биде уредна и тивка, додека душата е немирна, полна со тишина што вришти. Чистењето овде станува чин на грижа, на бегство, на обид за враќање контрола, но и чин на љубов, особено кога се прави за некој друг.

Претставата се движи на границата меѓу реалноста и имагинацијата, користејќи елементи на магичен реализам за да ги прикаже емотивните состојби на ликовите, каде вицовите можат да лекуваат и убиваат, а љубовта може да живее и по смртта. Сара Рул, со својот препознатлив поетичен стил ја претвора секојдневната болка во нешто магично, духовито и лековито.
„Чиста куќа“ не е само приказна за чистење простор, туку за чистење на внатрешниот емотивен хаос. Авторката нè потсетува дека не сме совршени, но и дека токму во таа несовршеност се крие нашата човечност.

– Тамара Стојаноска

Ќе одекнат гајдите, зурлите, тапаните: Викендов ќе се одржи 51. издание на Фестивалот „Пеце Атанасовски“

Викендов на Рудина, Долнени ќе одекнат гајдите, зурлите, тапаните, кавалите. По 51. пат ќе се одржи Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Богатиот изворен мелос ќе го претстават околу 300 учесници од сите делови на државата, а на Фестивалот и на Семинарот за изучување на народните инструменти, што е во рамките на манифестацијата, гостуваат членовите на оркестарот „Александар“ од Австрија кои го негуваат македонскиот изворен мелос.

– Може да се пофалиме дека годинава имаме многу нови групи, многу млади учесници и тоа што ќе го понудат во двата фестивалски дена ќе биде атрактивно и многу убаво, затоа што сите од регионите ги претставуваат културата, традицијата и богатото изворно творештво, рече на прес-конференција уметничкиот директор на Фестивалот, професор д-р Родна Величковска.

Деновиве, во прилепскиот ученички дом „Орде Чопела“ се одржува Семинарот за изучување на народни инструменти и песни.

– Овие денови со 20-тина млади работиме на изучувањето на традиционалниот изворен мелос. Интересот кај младите е голем, рече етнокореологот Стојанче Костов кој заедно со уметничкиот директор Родна Величковска, со етномузикологот Горанчо Ангелов и фолклористот Горан Василевски работат со младите.

Во рамки на фестивалот е и симпозиумот „Фолклорот во минатото и денес“. Ќе се одржи утре напладне во Центарот за култура „Марко Цепенков“ кога ќе биде претставен и Зборникот на трудови за истражувањето во фолклористиката. Пред симпозиумот, составен дел на фестивалот е и Ден на гајдата, особено што од декември минатата година гајдата и нејзината изработка се на листата на УНЕСКО како заштитено нематеријално културно наследство. Гајдата е поврзана и со фестивалот кој неслучајно се одржува во Долнени што се смета за лулка на гајдаџиството во земјава.

– Фестивалот е најстар од овој карактер, конкретно ја негува гајдата како инструмент. И не случајно се одржува во Долнени каде своевремено имало дури и 150 гајдаџии, од каде потекнува и универзалниот уметник со светски глас Пеце Атанасовски, а Фестивалот, или поконкретно, општина Долнени ја доделува и најголемата фестивалска награда – „Гајдата на Пеце“ за најдобар гајдаџија, истакна Горан Василески, претседател на фестивалот.

Фестивалот ќе заврши в недела со доделување на наградите на најдобрите изведувачи на народни инструменти и песни.

Вечерва концерт на етно оркестарот “Александар” во Прилеп

Денеска, 30 мај 2025 г., во рамки на музичко-сценската дејност на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, на летната сцена од центарот, со почеток во 20:00 часот, ќе имаме можност да уживаме во целовечерен концерт на етно оркестарот „Александар“ кои доаѓаат од Виена на нивна иницијатива.

Етно оркестарот „Александар“ е првиот оркестар во историјата на Виена кој нуди инклузивен пристап и простор за секој музички ентузијаст, без разлика на родова, национална и било каква друга припадност. Идејата и мотивот кои ги сплотуваат се изучувањето и искусувањето на македонската и балканската традиционална музика.

Оркестарот нуди можност за учество во истиот како на искусни и едуцирани музичари, така и на почетници и ентузијасти заинтересирани за проучување и промоција на традиционалните инструменти и музика.

Мисијата и визијата на ансамблот „Александар“ се посветени на истражување, зачувување и продолжување на богатата македонска, како и на останатата балканска традиционална музика и танц.

Музиката му припаѓа на секој, надвор од било какви ограничувања, е кредото на овој етно состав.

(ФОТО) Пајак крена возило на МВР во Прилеп

Граѓаните во центарот на Прилеп денеска беа сведоци на несекојдневна слика, кога пајак крена возило на МВР.

Не е познато која е причината поради која полициската шкода требало да се повози со пајакот, но глетката предизвика смеа и секако фаќање сеири.

Ристески неуморен! Средба со менаџментот на “ЛИДЛ” – се разговара за идните инвестиции на познатиот ланец на маркети

Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, денеска оствари средба со претставници на менаџментот на реномираната германска компанија “ЛИДЛ”, на која се разговарало за новите инвестиции на трговскиот ланец во Македонија.

-На состанокот со Милена Драгиска-Денчева, главен извршен директор на „Лидл“ за Бугарија, Рубријан Хаџиев, главен оперативен директор на „Лидл“ за Македонија и Теодора Хаџи-Димова Танаскоска, директор за човечки ресурси во „Лидл“ – Македонија, дискутиравме за текот на работите на терен и изградбата на меркетите на повеќе локации во Македонија, како и изградбата на логистичкиот центар во индустриската зона во Куманово, кој ќе служи како центар за снабдување на синџирот маркети. Со отворањето на Лидл маркетите на македонскиот пазар би имале производи со европски стандарди и цени прифатливи за нашите граѓаните, но и ќе добиеме одлична платформа и пласман на македонските производи во маркетите на Лидл во Македонија и регионот – истакна Ристески, кој се надева дека после интензивните контакти со менаџментот на компанијата и локалните власт, една од наредните дестинации за инвестирање на “ЛИДЛ” во Македонија, ќе биде и Прилеп.

JП “Стрежево” концесионер на риболовната зона на 12 години

Јавното претпријатие “Стрежево” – Битола склучи Договор со Владата односно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за користење на рибите и другите водни организми за риболовно подрачје “Стрежево” за период од 12 години.

За разлика од претходно, се зголемува времетраењето од шест на дванаесет години и се однесува не само на рекреативната зона “Акумулација Стрежево”, туку и на целото сливно подрачје од грчка граница до заштитната зона на самата акумулација.

Според Новата риболовна основа има промени во однос на порибителниот материјал, како и количините и видовите со кои ќе се порибува.

Со оглед на тоа дека сега е на дванаесет години се овозможува стабилно планирање на активности, долгорочно инвестициско одржување и поадекватна реализација на преземените права и обврски по Договорот.

Концесијата е особено значајна заради:
-Правилно управување, користење и заштита на водите и рибниот фонд;
-заштита на биoлошката разновидност (биодиверзитетот);
-поттикнување и развој на рекреативниот и спортски риболов; и
-заштитата на животната средина.

-Во оваа прилика ги покануваме сите заинтересирани граѓани за рекреативен риболов од понеделник да си извадат дозволи за риболов во Управната зграда на “Стрежево”, а новост е што како нов член на Македонската риболовна федерација може преку нас да извадат државни дозволи и легитимации за риболов – стои во соопштението од ова Јавно претпријатие.

Голема акција на полицијата во Битола – уапсени 3 лица, пронајден кокаин, екстaзи, мapихуана…

На 28.05.2025 во 13.20 часот во Битола полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода В.И.(24) од с.Белче, Демир Хисар, со престој во Битола.

При извршен претрес во неговиот дом во Битола, по добиена судска наредба, биле пронајдени 13 паковки со кокаин, 143 таблети екстази, марихуана, дробилки и предмети со траги од растителна и прашкаста материја.

Во домот затекнати биле и М.П.(24) од Битола и М.А.(34) од Битола, кои исто така се лишени од слобода.

По документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вработени во прилепската болница си земале пари од благајната, присвоиле над 2 милиони денари наплатени од пациенти

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против И. М. во својство на службено лице при ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ Прилеп поради постоење на основано сомнение дека го сторил кривичното дело ПРОНЕВЕРА ВО СЛУЖБАТА од член 354 ст.2 в.в ст.1 в.в. член 45 од КЗ на РСМ и против С.Ч. во својство на службено лице при ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ Прилеп, поради постоење на основано сомнение дека го сторил кривичното дело ПРОНЕВЕРА ВО СЛУЖБАТА од член 354 ст.1 в.в член 45 од КЗ на РСМ .

Првопријавениот, во периодот од 01.08.2024 до 30.04.2025 година и второпријавениот, во периодот од 01.08.2024 до 30.04.2025 година, во својство на службени лица при ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ Прилеп со цел да прибават за себе противправна имотна корист, во повеќе наврати присвоиле парични средства од благајната, наплатени од пациентите по основ на партиципација и приватни здравствени услуги, за 2024 година износ од 1.508.452 денари, за 2025 година износ од 760.865 денари, односно, во вкупен износ од 2.269.317 денари, од кои првопријавениот противправно присвоил износ од 1.991.240 денари, а второпријавениот противправно присвоил износ од 278.077 денари, со што пријавените го оштетиле Буџетот на ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ за истиот износ и го сториле кривичното дело ПРОНЕВЕРА ВО СЛУЖБАТА од член 354 ст.3 в.в член 45 од КЗ на РСМ, информираат од Финансиската полиција.

По насоки на Основно јавно обвинителство Прилеп во текот на утринските часови од страна на службени лица на Управата за финансиска полиција едно од лицата е обезбедено и е изведено пред јавен обвинител за понатамошно постапување.

“Најдобар градоначалник од осамостојувањето” – Ристески би бил сигурен победник: Еве што мислат прилепчани!

Владеачката партија вчера на прес конференција објави имиња за кандидати за градоначалници во 26 општини, за Прилеп засега не е познато кој ќе се најде на избирачкото ливче.

ВМРО-ДПМНЕ преку своите претседателства на месните комитети ги сумира резултатите и неофицијално преку војлата на членството, како кандидат доминирал актуелниот заменик министер за економија и труд, Марјан Ристески.

Откако оваа информација проструи во јавноста, социјалните мрежи беа преплавени од коментари со поддршка за Ристески.

“Не само најдобар градоначалник кој го имал Прилеп, туку беше и е најдобар градоначалник кој го имала Македонија од осамостојувањето, напред Марјан, цел Прилеп ќе гласа за тебе”, вели во коментар еден граѓанин.

“Ако сакате да му се врати сјајот на градот и да се обнови разурнатото и уништеното и да се изгради ново, само тој”

“Само Марјан и не треба воопшто да размислувате за друг кандидат, а докторите да ги оставите да си ја работат хуманата работа за која учеле и дале заклетва, затоа што ем немаме доктори, ем не ги бива за градоначалници, докажано во досегашните нивни избори, размислете малку, за таа функција треба да имаш менаџерски способности”

“ПРАВ ЧОВЕК НА ПРАВО МЕСТО, БОРЕЦ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА НАШИОТ ГРАД, ЌЕ ПОБЕДИ УБЕДЛИВО УШТЕ ВО ПРВИОТ КРУГ”

“Откако дојде Марјан за градоначалник на Прилеп градот заличи за град. Тој е вистински човек за градоначалник”

“КОЛКУ ТОЈ ШО ГО ИМА СРЕДЕНО ПРИЛЕП СИТЕ ЗАЕДНО 3% НАМААТ СРАБОТЕНО”

“Марјан Ристески потребен си му на градот за да го вратиш повторно стариот сјај на градот, чист град, средени паркови, обнова на канализационата мрежа, организирање на безброј манифестации, културно уметнички проекти, а секако и на “Пиво фест” по кој Прилеп стана препознатлив на Балканот”

“Марјан Ристески тоа што го среди, уреди и направи за Прилеп, другите градоначалници не можат да го одржуваат, НЕ па да направат! После Марјан сите други се лага”.

Oва се само мал дел од коментарите на граѓаните, кои бараат токму Ристески да биде кандидат на владеачката партија на престојните локални избори.