дома блог страница 319

Николоски: Интензивно се работи на трите автопатски делници (ВИДЕО)

Интензивно се работи на трите автопатски делници во Македонија и тоа Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, објави на социјалната мрежа на Фејсбук вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Во следниве 5 минути погледнете како интензивно се работи на 3 автопатски делници:

1. Прилеп – Битола

2. Тетово – Гостивар (дел од автопат Скопје – Струга – Охрид)

3. Гостивар – Букојчани (дел од автопат Скопје – Струга – Охрид)

Напорната работа дава резултати!

Одличната координација помеѓу Премиерот Христијан Мицкоски Министерството за транспорт, ЈПДП и изведувачот Бехтел и Енка ги дава првите резултати, пишува меѓудругото Николоски во својата објава.

ХРИСТОВИОТ КРСТ ВО ПРИЛЕП! Храмот Св. Петка ќе биде дом на чесниот крст Христов (ФОТО)

Прилеп – градот што ќе чува сведоштво за Крстот на Голгота

Во храмот „Св. Петка“ ќе биде изложена честица од Крстот на кој беше распнат Господ Исус Христос!

На големиот христијански празник посветен на Светиот цар Константин и неговата мајка, светата царица Елена – жената која во Ерусалим го пронашла Чесниот и Животворен Крст, храмот „Света Петка“ со несокриена духовна радост ја соопштува на прилепската и пошироката јавност веста од исклучително значење за целиот христијански свет:

Икона на која се претставени Св. Константин и Елена како го држат Крстот Христов. Во иконата, каде што се вкрстуваат краците од крстот, вграден е реликвијар со честица од Крстот.

Од 3 јуни (вторник) и во текот на наредните неколку денови, во храмот Св. Петка во Прилеп, ќе биде изложена света реликвија – честица од токму оној Крст на кој беше распнат нашиот Спасител Исус Христос!

Оваа бесценета светиња ќе биде вградена во специјално изработен реликвијар, поставен во икона со ликовите на Светите цареви Константин и Елена, како го држат Чесниот Крст. Иконата е рачно изработена со молитва и љубов од сестринството при манастирот „Св. Архангел Михаил“ – Варош а донација од благочестивото семејство Јончески од Прилеп.

Дел од Крстот Христов кој се чувал во храмот “Св. Софија” во Охрид при Охридската Архиепископија кој потоа “исчезнал”!

Потеклото на оваа света реликвија засега ќе остане во тајност, но сигурно е едно: Прилеп и храмот „Св. Петка“ стануваат едни од ретките места не само во Македонија, туку и во целиот христијански свет, кои ќе ја чуваат и изложуваат оваа можеби најсвета и најзначајна реликвија на христијанството.

Чесниот Крст, кој низ вековите е извор на бројни чуда, исцеленија и благослови, од сега ќе биде на поклонение и молитва и за верниот народ од Прилеп.

Крст со вграден реликвијар со честица од Крстот Христов

Се покануваат сите верници да дојдат, да се поклонат, да се помолат и да ги принесат своите надежи, благодарности и молитви пред оваа божествена светиња.

Кутија со реликвијар со честица од Крстот Христов

Храмот „Св. Петка“ – домот на Чесниот Крст!
Прилеп – градот што чува сведоштво за Крстот на Голгота!

Витаминка на најголемата европска конференција за Microsoft Dynamics 365 и Power Platform – DynamicsMinds 2025

Од 26 до 28 мај 2025 година, во Порторож, Словенија, се одржа DynamicsMinds 2025 – најголемата европска конференција посветена на Microsoft Dynamics 365 и Power Platform. Настанот собра над 1.000 професионалци од целиот свет, преку 150 сесии, повеќе од 120 говорници, 50+ партнери и 40+ Microsoft MVP-ја, кои споделија иновации, искуства и најдобри практики од областа на дигиталната трансформација.

Претставници на Витаминка на ова значајно ИТ случување беа:

• Васко Наумоски, ИТ менаџер
• Дејан Пирганоски, ИТ администратор
• Филип Кузманоски, ИТ администратор
• Бранимир Димков, шеф на сметководство

-Учеството на нашите колеги придонесе за унапредување на техничките знаења и разбирање на современите алатки и решенија што Microsoft ги нуди за поефикасно управување со процесите, подобрување на продуктивноста и забрзување на дигиталната трансформација во компанијата. Следењето на најновите трендови и инвестирањето во континуирана едукација се дел од нашата заложба за иновации и подобрување на работењето на сите нивоа – стои во соопштението од компанијата.

Спортски игралишта, паркови, кафетерии, мини ресторани… – Еве што се’ ќе содржи новата спортско-рекреативна зона во касарните во Битола

 

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и советникот Бојан Бојкоски, остварија работна средба со советничката во Советот на Општина Битола, Д-р Анастасија Трајковска, во врска со нејзиниот предлог проект за објавување на Конкурс за идејно архитектонско решение за спортско рекреативна зона на просторот на поранешната касарна, односно во делот на АРМ Четврт 2, во близина на новата детска градинка. Предлогот кој беше усвоен од страна на Советот на Општина Битола, денес од стручен аспект, советничката Трајковска, детално го образложи, пред градоначалникот Коњановски, нагласувајќи дека ова решение треба да содржи спортски игралишта за фудбал, кошарка, тенис, одбојка, фудбалско игралиште по стандарди на УЕФА за тренинг камп, соблекувални, мини детски паркови, пропратни содржини, како кафетерии и мини ресторани, што ќе значи вистинско спортско рекреативно збогатување на овој дел од АРМ. Со својата експертиза, советничката Трајковска, како дипломиран инжинер архитект, даде важни насоки, кои ја истакнуваат значајноста и функционалната важност на овој проект.

Градоначалникот Коњановски и советникот Бојан Бојкоски, нагласија дека станува збор за многу добра идеја, која прво треба да донесе избор на најдоброто архитектонско решение кое потоа ќе резултира на терен со успешен проект во интерес на битолчани.

Коњановски потенцираше дека, проектот за објавување на Конкурс за Идејно архитектонско решение за рекреативна зона со намена Д3 во АРМ Четврт 2 е дел од Програмата за економски развој, за истиот веќе се обезбедени средства и по завршувањето на подготовката на потребната документација од страна на општинската администрација, во месец јуни ќе биде објавена постапка за јавна набавка.

БРАВО! Општина Новаци меѓу првите рурални општини со отворен Младински центар

Во општина Новаци и официјално беше потпишан Договорот за управување со Младинскиот центар Новаци помеѓу општината и младинската организација МГА – Младинска граѓанска акција!

„Овој договор означува важен чекор кон создавање на простор за младите – место каде тие ќе можат да се развиваат, поврзуваат, учат и делуваат“ вели градонаначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски.

Центарот ќе биде отворен најмалку 5 дена во неделата, достапен за сите млади, со поддршка од професионални младински работници.

Општината ќе обезбеди простории и услови за функционирање, режиски трошоци, годишна финансиска поддршка од најмалку 450.000 денари.

„Младинскиот центар ќе работи по утврдени национални стандарди и ќе понуди програми за личен, социјален и професионален развој на младите од општината“ беше речено на потпишувањето на договорот.

110 млади музичари од 10 земји на годинешниот 7. Интернационален пијано натпревар Piano fest 2025 во Битола

Во Свечената сала на Офицерскиот дом – КИЦ Битола, кој е храм на класичната музика, во тек е 7-то издание на Интернационалниот пијано натпревар Piano fest 2025. Истиот беше отворен со настапот на НУ Камерен оркестар Битола и лауреатот на Piano fest 2024 Златица Лазарова.
Организатор на настанот и натпреварот е Здружението на пијанисти и музички педагози ПИЈАНО Битола, во соработка со ЈОУ КИЦ Битола и секако поддршка од Општина Битола и Министерство за култура.

„Пијанофест“ е меѓународен натпревар на кој оваа година настапуваат 110 млади музичари од 10 земји ширум светот, носејќи нова енергија и талент на македонската музичка сцена.

Оваа година натпреварувачите се поделени во три категории: Пијано соло, Пијано четирирачно и Теоретски отсек облигати.
Програмата е по слободен избор, но опфаќа најмалку две стилски различни епохи и не ја надминува дадената минутажа за секоја категорија поединечно. Комисијата на натпреварот е составена од еминентни пијанисти и педагози од Македонија и странство и тоа: Тереза Тревисан од Италија, Паола Кондакци Албанија, Душан Сутон Србија, Ана Гацева Македонија и Гоара Лазиќ, Русија / Србија.

Сите кои изведуваат дела од Фредерик Шопен, ќе настапат на завршната вечер и имаат можност да се натпреваруваат за наградата „Јасминка Чакар“, која вклучува: Парична награда од 300 евра, Плакета. Оваа награда е воведена во чест на истакнатата македонска пијанистка и професорка Јасминка Чакар и нејзината љубов кон музиката.

Здружението ПИЈАНО ја промовира класичната музика и вредностите кои таа ги носи сама по себе. Формирано во 2018 година од професионални педагози по пијано како и од група ентузијасти и љубители на класичната музика, ова здружение има за цел да го подигне нивото на музичката култура, културата за слушање на класична музика, како и да имплементира еден нов начин на едукација на младите таленти кои што во иднина ќе ја продолжат музичката традиција, преку интернационални проекти, семинари, работилници, мастеркласи и сл. Здружението Пијано исто така ги стимулира, поттикнува и мотивира младите музички надежи од нашиов град, од државава и пошироко за развој на нивниот талент и интеркултурна размена на искуства и идеи и со таа цел организира активности во текот на целата година.

Приказната ПИЈАНОФЕСТ започнува во 2019та година, со идејата за културно раздвижување, а резултира со успешен настан и учесници не само од нашата земја, туку и од Србија, Италија, Албанија, Ермениа, Косово, Полска, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Малта и други земји. Од година во година интересот за натпреварот е се поголем, и големото “Пијанофест семејство” се повеќе расте. Битола живее во звуците на пијаното.

Традицијата продолжува: Прилеп по десетти пат ќе го организира Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“

Тимот на РК Прилеп ја продолжува традицијата и ова лето ќе го организира меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“.

Ова лето ќе се одржи десеттото издание на турнирот посветен на прилепската легенда со учество на домашни и странски екипи.

Од клубот информираа дека годинешното издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ ќе се одржи во периодот од 21. до 24. август.

Во првите два дена како и секогаш ќе бидат одиграни натпреварите по групи, додека на последниот ден ќе се игра за пласман.

Во ланското издание победник на турнирот беше екипата на РК Охрид.

(Фото галерија) Литургија на 1762м. надморска висина: По петти пат се одржа планинарскиот марш “Горе кај крстовите” над Крушево

Денеска по петти пат се одржа планинарскиот марш во Крушево, до местото викано горе кај “Крстовите”, или поточно на врвот Козјак. Вљубениците во природата и убавините на Македонија, се искачија на планинскиот врв Козјак на Бушева Планина, каде како и секоја година, и оваа се одржа Света Литургија и причесна, која ја служеше Отец Тони.

Маршот традиционално се одржува првата сабота во месец јуни, но поради Задушница, оваа година се одржа денеска на 31.мај.

Традицијата која започна од 2021 година, а секоја година си има и кумови.

Оваа убава традиција ја започнале Вецко и Менка Божиноски од крушевското село Пуста Река, луѓе за кои крушевчани велат дека се вистински легенди, кои постојано се инспирирани за нешто ново.

Нека им е за многу години и напомош!

Ристески: По 7.000 евра за започнување сопствен бизнис, Оперативниот план на Владата тежи 40 милиони евра

Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, одговараше на пратенички прашања за новиот Оперативен план за вработување на Владата, кој предвидува мерки и решенија кои ќе ја подобрат перспективата и можностите за вработување на младите.

На пратеничко прашање од пратеникот Никола Мицевски, за тоа колку лица се планира и се очекува да бидат вработени со овој план, што содржи планот на Владата и што може младите и невработените лица да очекуваат од овој план, Ристески одговори дека Оперативниот план за 2025 година тежи цели 2,5 милијарди денари, или 40 милиони евра.

-Ова е за 7,5 милиони евра повеќе од претходната година, пари наменети за вработување на младите луѓе во Република Македонија. Со оперативниот план вкупно ќе бидат опфатени рекордни 16.507 лица. Со овој оперативен план, посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години. Прво, во рамките на мерката 1, поддршка за самовработување, претприемништво, вкупно се предвидени 1.730 лица, од кои 720 млади лица.

Ристески додаде дека со планот Владата предвидува финансиска помош и за поддршка за самовработување. Оваа мерка се однесува на невработени лица со минимум основно образование, кои ќе можат да започнат сопствен бизнис. Тука висината на финансиската поддршка изнесува 7.000 евра неповратни средства, што е за 1.000 евра повеќе споредено со претходните години.

Kран падна врз објект во старата касарна во Битола

Нема повредени во несреќата кога падна кран врз објект во градба во поранешната битолска Касарна, потврди полицијата. Од СВР Битола првично изјавија дека во несреќата има и повредени, зашто така им било пријавено, но по час и пол соопштија дека во извршениот увид е констатирано дека нема повредени.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски соопшти дека веднаш излегол на лице место каде што се случи немил настан при изведување на градежни активности на приватен објект, кој се гради во старата битолска касарна со цел Општина Битола веднаш да реагира соодветно и согласно своите надлежности.

„Исто така со мене на терен е и овластениот градежен инспектор кој ќе изврши надзор врз активностите на инвеститорот, изведувачот и надзорот на објект каде се случи овој настан. Причинета е само материјална штета. Од клиничка болница Битола и службата за итната медицинска помош ме информираа дека нема пријавено повредени лица. Објектот има уредно издадено решение за градбa. Издададено ќе биде и решение за затворање на градилиштето“ соопшти Коњановски преку објавата и со фотографии на својот Фејзбук профил.