дома блог страница 3114

Мицкоски: Одговорност мора да има, веднаш или потоа, но ќе ја има…

Го трчаме последниот круг од маратонот, целта е јасно видлива, да не ги повториме грешките од подалечното, но и од поблиското минато, пишува Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во својата колумна.

-Нацијата е среќна…, блескаме…, го добивме новиот кандидат за министер за финансии, успешна личност, во зрели свои околу триесетина години и многу успешни потфати во минатото, со одлично лично портфолио, добро де тук-таму по некоја украдена идеја и сосема случајно се води во регистарот на МВР како сторител на кривично дело… Но, нацијата треба да биде спокојна, тука се поискусните, сега веќе двоецот Заев-Анѓушев ќе помогнат, секогаш кога треба да се потпише нешто, тие се тука да ја охрабрат новата ни министерка, да не се плаши, та нели блескаме, па да заблескаме со некој кредит и криминална одлука уште повеќе. 102,5% исти, ќе каже тогаш кандидатот за претседател пред првиот круг, па тогаш Зоран Заев свесен за дебаклот ќе најави онака одлучно, полн со лажна самодоверба пресврт, откако неговите политики доживуваат дебакл, а државата ја водат во бездна, операција „Метла”. Метлата го замете професорот (кој според многумина беше најслаб министер за финансии од независноста до денес), но затоа пак добивме кандидат за министер кој можеби е за некој процент повеќе од оние 102,5% сличен со двоецот Заев-Анѓушев. А ако има и минимална дилема, многу скоро ќе му стане јасно кога ќе треба да ги потпише оние 125 милиони евра заем, ребалансот на буџетот, потоа неколку нови задолжувања како што е проектот на принцот на политичкиот криминал во вредност од 500 милиони евра, па новата eврообврзница што се најавува кон крајот на оваа или почетокот на следната, новиот буџет… полека туркајќи ја Македонија кон грчко сценарио.

Разум нема кога стравот стапува на сцена. Страв од правдината. Свесни за криминалот, предавствата, корупцијата, срамот и распродажбата што ја прават веќе трета година по ред, обидувајќи да се спасат, исплашени, под притисок ќе тргуваат со сѐ што не е нивно, што е наше, на народот, на татковината… А вториот канал со кој ќе дејствуваат се поранешните удбашки инсталации и нивните слуги во десницата (но за ова ќе пишувам во некоја следна колумна).

Но, со правдината нема компромис. И добро е да знаат оние курири кои бараат прошка за нивните стопани. Нема прошка за криминалот без разлика од каде доаѓа сторителот и тоа за месеци од сега. Во првите 100 дена од новата влада ќе покажеме и докажеме пред нацијата пред граѓаните на Македонија дека нема компромис со криминалот, дека можеме и мораме подобро, а овој народ тоа го заслужува. А слугите и квислинзите на оние удбашки инсталации треба да знаат дека нема трговија со криминалот за политички цели како што напиша Димитров неодамна, туку одговорност пред законите и Уставот.

Но, одговорност мора да има, веднаш или потоа, но ќе ја има. А кога одговорноста доаѓа по своето, е тогаш исто како што хорски повикуваат на одговорност, така хорски негираат и веднаш се закануваат со тужби, демек тоа биле лажни вести. Но стравот од правдата е силен и во паника се прават грешки, па така Зоран Заев се заканува кон новинарите со тужба и ја повикува Русковска да ја потврди автентичноста на документот, а таа пак некоординирана со стопанот неколку часа претходно ја потврдува автентичноста. И сега дечки quo vadis? Дали сега или за неколку месеци од сега, одговорност мора да има. Од целата оваа крими трилер сапуница ќе произлезат неколку легитимни прашања на кои јавноста очекува да слушне одговор, бидејќи се работи за јавен интерес.

Имено, доколку е автентичен записникот од сведочењето, а Русковска потврди дека е точен, зошто овие политички моќници од СДСМ не беа повикани да дадат исказ? Зошто Јовевски на прес конференција кажа дека нема политичари кои се споменуваат во овој случај? Како и на кој начин се финансирани правните лица сопственост на обвинетите и доколку се констатира дека биле финансирани со средства обезбедени на криминален начин ќе се констатира ли нематеријална добивка на водството на СДСМ кое деноноќно беседеше во едно од правните лица, убедувајќи нѐ дека блескаме? Дали од сето наведено во записниците од сведочењата, единствен криминал е троседот или софата? Одговор на овие прашања нема да добие јавноста, но затоа помалку мистично ќе почне да се шири една приказна за еден г(к)радоначалник од Полошкиот упс пардон, Пелагонискиот регион, од редовите на СДСМ. Тој бил мераклија од сопартијците да побара паричка за вработување, потоа приказната оди за состанокот што го имал со еден сопартиец кој одлучил да плати за работно место, па како пликото полно со пари било потпишано од Заев и конечно како Заев му се јавил на тој г(к)радоначалник и онака помалку шеретски го поздравил градоначалникот, демек знаел што прави. На прашањето, и што понатаму? Одговорот е само што не го уапсиле, ама не е само тој. Ги има неколку такви. Јасно ми е кој ја води државата и како, но и да е точна оваа мистична приказна за тој или тие г(к)радоначалници, уште колку дена граѓаните на тие општини ќе бидат жртви на мистиката, наместо закон и правдина веднаш.

Да се потсетиме на 30 септември 2018 година, кога се уриваа гинисови рекорди, но и закони на физиката, а со цел да се легитимира најголемата неправда врз македонскиот народ, македонските граѓани и Република Македонија во поновата историја. Горно Свиларе излезеност 91% – изборно место 2.455, Ласкарци излезеност 91% – изборно место 2.447/1, Арнакија 93% – изборно место 2.450, Радуша 96% – изборно место 2.458/1 и уште многу други кои пред, но и на изборите по референдумот не поминувале праг поголем од 45-50% излезеност. Се поставува прашањето дали јавното обвинителство се позанимава со овие случувања и дали тука гледа основа во пријавата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ за нерегуларности во процесот на референдумското изјаснување или можеби се заинтересираа од јавното обвинителство како е можно во општина Центар Жупа на изборното место 0563 помеѓу 18:30 и 19 часот, брзината на гласање да биде за неверојатни, спротивни на физиката 5,4 секунди за еден гласач? Дали можеби интегрираното гранично управување може да даде одговор на оваа дилема? Дали тие гласачи навистина биле присутни во своите општини тој ден и дали навистина гласале или нешто друго се случувало? Доколку одговорот е негативен, тогаш можете да разберете зошто Македонците се чувствуваат како граѓани од втор ред во Македонија, затоа што нема правда и затоа што правдата, законите и Уставот се злоупотребени од актуелната политичка елита за политички цели. Но добрата вест е што не забораваме, а месеци нѐ делат од правдината и неселективното спроведување на законите и Уставот.

Да се потсетиме и на 30 ноември 2018 година, кога Јовески лично призна на прес конференција дека почнувајќи од 30 септември 2016 година до тој ден, денот на прес конференцијата, 30 ноември 2018 година, сите дојдовни и појдовни разговори, водени на фиксен телефон биле снимани и чувани на два хард диска. Основното јавно обвинителство, вишото и републичкото обвинителство биле снимани, а тогаш Јовески помалку срамежливо ќе обзнани дека ќе отворат предистрага за случајот и дека јавноста ќе била информирана. Осми месец од тој ден изминува ниту трага, ниту глас слушнавме од Јовески за овој случај, но ако се земе предвид при анализата дека на 30 септември таа 2016 година и на 30 ноември 2018 година министер во МВР е истиот човек, Оливер Спасовски, тогаш може лесно да се даде одговор како предвидливо ќе се затвори предистрагата.

Заклучокот е јасен – ниту правда ќе има, ниту правдина ќе завладее, кожата можеби ја преоблекоа времено, но карактерот не. Го трчаме последниот круг од маратонот, целта е јасно видлива, да не ги повториме грешките од подалечното, но и од поблиското минато. Целосно го разбирам вашиот револт и желбата за крај на оваа политичка каста. Но, истовремено мора секогаш покрај емоцијата, навигацијата да ни биде и рациото кое се темели на реалноста. Да се обидеме да ги игнорираме удбашките крикови кои имаат единствена цел да го продолжат политичкиот век на оваа политичка каста. Да бидеме мудри и да чекориме сигурно, заедно сите, обединети кон новото утро за Македонија, за нас, за нашите соседи кои заминаа, но и за нашите деца кои тоа го очекуваат од нас…, тоа оваа генерација на ВМРО-ДПМНЕ го должи.

Проф. д-р Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ за МКД.мк

Решиле да ограбуваат банка, па самите се заклучиле (ВИДЕО)

Тројца kpиминалци решиле да огpaбат банка , имале сигурно и план, но им пропаднал.

Безбедносните камери во руска банка снимија чуден гpaбеж . Тројцата крадци влегоа од задниот влез на банката, но блиндираната врата се затвори зад нив и ги заpoби внатре.

Кога видоа дека мора да се спасуваат за да не дојде полиција, почнаа панично да ја кршат вратата и заборавија на парите.

Вака се бори за своите права и труд и од нив треба да учат сите останати: Лозарите од Тиквешијата масовно излегоа на пpoтecт (ФОТО)

Лозарите потцртаа, ниту зрно грозје нема да им дадат на винариите, доколку нема зголемување на откупните цени, тие најавија и радикализација на протестите – Доцна синоќа одржаа протест во Кавадарци, на кои им се придружија и лозари од сите производни региони.

Лозарите се пожалија дека земјава има дупло пониски откупни цени на грозјето од соседните земји, па побараа и отворање на странските пазари.Во соседството килограм грозје од лозарите се откупува по далеку пореални цени од земјава, Во Албанија откупната цена е 22 денари, во Србија е 30 денари а во Црна Гора лозарите добиваат по 60 денари за предаден килограм.Со десет денари колку што сакаат винариите да откупуваат лозарите сметаа дека само се помага иселувањето на тиквешијата и се помалиот број на лозја кои се работат.

“Ова е само почеток. До остварување на заедничката цел на следниот собир уште помасовно”, порачаа од Регионалното здружение”Тиквешки лозаро-овоштари”

НЕШТО ПРЕЈАКО! (ВИДЕО)

За перформансот и режијата во продолжение не треба зборови, доволно е само неколку пати да се прегледа, одново и одново…

Секоја чест!

Големиот и храбар Синиша Михајловиќ: Стана од болничката соба, се спротистави на болecта и дојде да го води својот тим (ФОТО/ВИДЕО)

Синиша Михајловиќ, кој води борба со лекуемија, покажува дека може да се даде отпор на страшната болест. Славниот српски фудбалер, кој сега е тренер на Болоња, ја напушти болницата и интензивната терапија за синоќа да седне на клупата на својот тим.

Болоња и гостуваше на Верона, а Михајловиќ, по неколку недели во болница повторно го зазеде своето место како шеф на стручниот штаб и лично го предводеше тимот.

Михајловиќ на 13 јули и соопшти на јавноста дека боледува од леукемија и дека во текот на лечењето ќе го следи и ќе води својот тим од болничката соба.

Тоа досега го правеше гласно и бурно преку видео врска, но сега направи голем чекор кон нормализирање на животот и повторно застана крај зелениот терен.

Од денеска во Македонија започнува со работа најскапата патарина

Од денеска, со почеток во 7 часот ќе започне со работа наплатна станица Гевгелија, соопшти вечерва АМСМ.

На патарината кај Смоквица ќе има 10 наплатни рампи, пет кон Гевгелија и соседна Грција и исто толку кон Скопје.

Ставањето во функција на ова патарина се случува откако ЈП „Државни патишта“ го изгради споредниот пат до Гевгелија за жителите од околните села.

Од денеска се очекува на патарината „Смоквица“ да се наплаќа по 100 денари за патничко возило, што значи дека ова ќе биде најскапата патарина во Македонија.

Некогашната голема надеж во Премиер лигата пристигна во Турција: Екс играчот на Челзи и Ливерпул направи вистински земјотрес (ВИДЕО)

Даниел Стариџ потпиша тригодишен договор со турски Трабзонспор, откако му истече договорот со Ливерпул.

Тој потпиша тригодишен договор со Трабзонспор, а шесткратниот шампион на Турција заврши на четвртото место на шампионатот минатата сезона.

Неговите обожаватели беа воодушевени и подготвија огромен дочек и забава на аеродромот.

Стариџ постигна 67 голови за „црвените“ на 160 натпревари, а ја започна својата кариера во Манчестер Сити пред да пристигне во Челзи во 2009 година,така што минал неколку одлични британски тимови во неговата кариера.

Нови цени на горивата во Македонија – Ќе има ли поскапување утре

Оваа недела дизелот и екстра лесното масло за домаќинство поскапеа за половина денар по литар, додека бензините се продаваат по истите цени како и досега.

Малопродажната цена на еуродизел изнесува 60,50 денари за литар, додека екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се продава по цена од 50,50 денари за литар.

Малопродажните цени на бензините еуросупер 95 и еуросупер 98 не се сменија, односно се продаваат по 66,50 денари, односно 68,50 денари за литар.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 0,711 ден по килограм во однос на цената утврдена со Одлуката од 12.08.2019 година и со тоа таа ќе изнесува 31,650 ден за килограм.

Утре не очекува нова цена.

Светски познатиот пејач за роденденот на својата ќерка ги поканил сите поранешни сопруги (ФОТО)

Музичарот Род Стјуарт (74) со својата сопруга го прославил 40-тиот роденден на нивната ќерка Кимберли. Сепак, тоа не го привлече вниманието на медиумите и корисниците на Инстаграм колку фотографиите од Род со четирите сопруги, трите поранешни и неговата сегашна сопруга.

Род Стјуарт со една фотографија покажа дека останал во пријателски услови со своите поранешни партнерки и дека неговата сопруга нема никаков проблем со нив.

Ќерката Кимберли ги угостила сите пријатели и бившите сопруги на Род Стјуарт.

Првиот брак Род го имал со Алана Хамилтон (од левата страна на фотографијата) кој траел од 1979. до 1984 година, таа е мајка на Кимберли и Шон.

Вториот брак на музичарот бил со манекенката Рејчел Хантер (десно на фотографијата), кој траел од 1990. до 2006 година, и заедно ги добиле Рене и Лијам.
Помеѓу неговиот прв и втор брак, тој добил дете со Кели Емберг, која стои помеѓу Рејчел и Рон.

Со водителката Пени Ланкастер (која стои десно од Род) добил два сина, Аластир и Ајден. Во среќен брак се од 2007 година.

Од ова место Мајката Божја им дарила пород на голем број жени: Духовно светилиште кое мора да го посетите (ФОТО)

Манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ или познат како Сливнички манастир е средновековен храм кој се наоѓа на 3 километри над селото Сливница во Преспа.

Манастирот датира од 1607 година, а е сместен во густата листопадна шума на еден стрмен и длабоко засечен дол, на западната падина на планината Баба, високо над источниот брег од Преспанското Езеро.

Бујната природа го одзема здивот во текот на сите годишни времиња. Во лето плени зелената боја, а на есен жолто златната боја и позлатениот тепих од лисје кој ниту уметник не би го насликал подобро.

Доаѓате во селото Сливница и добро е за секој случај да побарате клуч од мештаните, бидејќи кога нема никој, манастирската црква е заклучена.

Се движите по тесен асфалтиран пат околу 10 тина минути со автомобил и доаѓате пред едно прекрасно здание кое од првиот поглед ќе ве привлечи како магнет.

Манастирот има широк двор со зеленило, 20 конаци кои имаат 90 легла, кујна и трпезарија. На средина се наоѓа манастирската црква и камбанарија, а од левата страна на црковниот храм има лековита вода за која се верува дека помага за пород и лечи од болести.

Голем број жени кои немаат пород доаѓаат, се мијат и пијат од водата и ја молат мајката Божја да им помогне да добијат чедо.

Целиот комплекс е граден со камен, па изгледот е уште поавтентичен и прекрасен за око.

Густата шума, погледот кон Преспанското езеро и Божјиот мир и спокој кои владеаат наоколу, ќе ви вгнездат убаво чувство и насмевка на лицето.

Ќе уживате во секој миг и ќе сакате да се задржите што повеќе.

Влегувате во манастирската црква, а внатре ќе забележите прекрасен живопис, а срцето ќе ви доживее некое посебно чувство кое веројатно само меѓу тие четири ѕида постои.

На средина се наоѓа икона од Мајката Божја Богородица, а она што ќе ве трогне се големиот број молитви напишани од жени што сакаат да добијат пород.

Живописот во олтарот и наосот на храмот е изведен од зографска тајфа од која се издвојува работата на двајца мајстори. Тие успеале да пренесат содржина од сложена тематско-иконографска програма, особено карактеристична во наосот, каде се испреплетени сцени од неколку циклуси: Големите Христови Празници, Страдања и Параболи. Посебна ликовна разработка добил Христос-агнец на кого му се поклонуваат архиереите. На јужниот ѕид во олтарот е насликан Св. Кирил Филозоф со што Сливничкиот Манастир добил уште еден од повекето показатели за нагласениот однос на неговите ктитори кон словенската црковна традиција. Најголема специфика на овој живопис е портретот на младиот битолчанец Купен кој добил значајно место во олтарната програма кој е насликан со посебно внимание.

Присуството на првиот мајстор е нагласено кај претставите во олтарот и сводот, фигурите во првата зона на наосот и ликовите во повеќефигуралните композиции од втората зона. Вториот зограф се препознава по поизразениот шематизам вкочанетост на фигурите и посиромашната колорична палета.

Манастирот е граден со помош на сите околни села и од населението од подалечните места. Најголемо учество во изградбата на манастирот според натписот над вратата во манастирот дале следниве лица: Михаило Петков од Битола (9000 гроша), неговиот брат Грујо (1000 гроша), Стојко Милев од Сливница, Стојан и Милко од Ротино, Битола (1000 гроша), Тодор од Љубојно, Јосиф од Харвати (Арвати) и еромонах Стефан од Кономлати (1000 гроша), Сотир и неговиот брат Никола од Бохуно денешно Болно по 500 гроша, еромонах Стефан и Михаил и други.

Манастирот од сите страни бил опколен со згради. Се влегувало низ две големи и две помали порти. Во горните делови на зградата се наоѓале простории за престој на гости. Некои од собите биле сопственост на селата Болно, Љубојно, Герман, Кономлади, Горица, Битола, Прилеп, Костур и др. Во манастирот се наоѓала најголемата библиотека, но грчкиот владика, целиот библиотекарски фонд го изгорел, поради тоа што бил на славјански. Палењето траело цела недела на три огништа. Во манастирот постоело и училиште во кое учеле и работеле деца од околните преспански села каде учители биле свештениците.

Во близина на Сливничкиот манастир се наоѓа и еден од четирите најстари манастири во Европа, светилиштето Св. Ѓорѓи во село Курбиново, потоа новиот манасир Свети Апостол Петар и Павле во село Подмочани и црквата Св. Илија во село Грнчари.

Преспа изобилува со големи богатства и убавини, посетете ја, не се само плажите и топлото сонце во лето привлечни, има многу повеќе од тоа да се истражи.