дома блог страница 307

Од денеска започнува уписот во средните училишта

Од денеска (14 јуни) до 17 јуни на полноќ е првото електронско пријавување во јунскиот рок за запишување ученици во прва година во јавните средни училишта во државава за учебната 2025/2026 година.

Пријавувањето на учениците е со електронско аплицирање, преку линк до системот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk/ со посебна најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk

Откако ќе заврши електронското пријавување, ученците на 18 јуни (од 8 до 19 часот) и на 19 јуни (од 8 до 17 часот) треба да ја достават потребната документација до училиштата.

Конечната ранг-листа со резултатите од запишувањето и слободните места, секое училиште ќе ја објави на 20 јуни 2025, најдоцна до 12 часот, на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет-страница. Во училиштата каде што ќе има квалификациско тестирање ќе се организира на 23 јуни 2025, кога ќе бидат објавени и резултатите.

Второто електронско пријавување на учениците за упис во средните училишта во јунскиот рок ќе биде на 30 јуни 2025, од 00:00 часот до 23:59 часот, а потребната документација до училиштата ќе се доставува на 1 јули 2025, од 10 до 19 часот. Следниот ден (2 јули) ќе биде објавена и конечната ранг-листа со резултатите од запишувањето и слободните места. Во второто пријавување во јуни квалификациско тестирање ќе се организира на 4 јули 2025.

Пријавувањето во августовскиот уписен рок ќе се врши на 21 август 2025 година од 00.00 часот до 15.00 часот електронски, кога ќе биде и доставувањето на документација до училиштата, а наредниот ден (22 август 2025) училиштата ќе објават конечна ранг-листа со резултатите од запишувањето.

Во Конкурсот на Министерството за образование и наука се наведени документите потребни за запишување во јавните средни училишта, како и насоки за негово спроведување.

Најнова вест! ВМРО-ДПМНЕ предмалку објави нови 8 имиња за градоначалници

ВМРО – ДПМНЕ пред малку објави нови осум кандидати за градоначалници за локалните избори наесен.

1. Македонски Брод – Жарко Ристески
2. Могила – Драганчо Саботковски
3. Пробиштип – Тони Тоневски
4. Богданци – Марјан Пеев
5. Демир Капија – Наталија Димитриева
6. Росоман – Ѓорги Крстевски
7. Новаци – Стевче Стевановски
8. Дебрца – Златко Силјановски

Претходно, на 28 ми мај беа објавени овие 25 кандидати за градоначалници.

1. Аеродром – Дејан Митески
2. Бутел – Дарко Костовски
3. Ѓорце Петров – Александар Стојкоски
4. Чучер Сандево – Зоран Бајовски
5. Штип – Иван Јорданов
6. Велес – Марко Колев
7. Свети Николе – Дејан Владев
8. Карбинци – Виктор Паунов
9. Градско – Киро Нацков
10. Кавадарци – Митко Јанчев
11. Гевгелија – Андон Сарамандов
12. Зелениково – Коста Маневски
13. Илинден – Александар Ѓоргиевски
14. Конче – Златко Ристов
15. Делчево – Иван Гоцевски
16. Ново Село – Ѓорге Божинов
17. Василево – Славе Андонов
18. Босилово – Ристо Манчев
19. Берово – Петар Ружински
20. Петровец – Борче Митевски
21. Битола – Тони Коњановски
22. Охрид – Кирил Пецаков
23. Вевчани – Спасе Кочовски
24. Брвеница – Јовица Илиевски
25. Јегуновце – Димитар Костадиновски

Грее! Николоски и Мицкоски продолжуваат да испорачуваат – Пуштен во употреба целосно реконструираниот пат од Охрид до Св.Наум (ФОТО)

Со реализирана инвестиција од 11, 7 милиони евра денеска се пушти во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум. Патниот правец е во должина од 24,3 км и извршена е целосна реконструкција, a со цел да се подигне безбедноста на сообраќајот се направи и растеретување на одредени косини.

Во своето обраќање, потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека овој е еден од најзначајните патни правци за Охрид кој е витален за целиот охридски регион и за туризмот.

Во продолжение интегралното обраќање на вицепремиерот Николоски:

“Навистина ми е драго што eве сме покрај Зaливот на Коските, најпосетуваниот Mузеј во Макeдoнија кој што од денеска е достапен по еден реконструиран пат. Особено ми е драго што овој пат се реализира, овој пат е витален за целото крајбрежје и за целиот туризам. Она што ми е особено драго е тоа што се направи модерен пат и по кој побрзо преку целата година ќе можат да стигнуваат и луѓето кои што живеат и на овој дел од езерото, а исто така и туристите полесно да комуницираат. Овој пат не беше реконструиран и не беше чепнат на одредени делници од годините кога прв пат бил правен, кога во поранешната држава генералот Карангелески го пробивал, па се до реконструкцијата не бил чепнат овој пат. Еве сега е завршен и реконструиран и ќе помогне на туристите и на жителите полесно да комуницираат.

Пред нас имаме уште големи проекти. Оваа Влада е само 11 месеци, Влада која се соочи со огромни проблеми, 7 години имаше пустош во Македонија, инфраструктурните проекти беа целосно застанати, како што беше и овој проект. Имаше бројни проблеми, дали на релизациаја на проектот или во лошо проектирање, кога влеговме ги решивме и се завршија.

Би сакал лично да се заблагодарам на Премиерот бидејќи без негова подршка овие проекти и невозможно е да се реализираат. Ние имаме една силна активност, на една дневна основа се координираме како што се координиравме и денеска кога доаѓавме наваму. Тој лично ги следи проктите и затоа имаме успех.

Претседателе благодарам.

Благодарност и на сите кои се ангажираа и се ангажираат и за многу брзо време се гледаме за поголеми проекти и поубави работи. Нека е со среќа, многу туристи и многу убави форографии од ова прекрасно место кај што сме”- се обрати вицепремиерот Александар Николоски

На настанот покрај вицепремиерот Николоски, се обратија и претседателот на Владата Христијан Мицкоски, како и директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Ристески денеска во Битола: Интересот за мерките од Оперативниот план огромен, за четири дена доставени повеќе од 2.500 барања

Во салата на кино „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од Оперативниот план за вработување за 2025 година. Пред голем број на граѓани претставниците од министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемништво и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од Оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемништво), каде јавните повици се објавени и сите заинтересирани можат да аплицираат до 20 јуни.

– Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање на сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување на две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица кои се заинтересирани да аплицираат во било кој од 30-те Центри за вработување при Агенцијата за вработување низ државата – кажа заменик-министерот Ристески.

На информативниот ден во Битола присутни беа градоначалниците на општините Битола и Новаци, Тони Коњановски и Стевче Стевановски, како и претставници на општините Могила, Ресен и Демир Хисар, кои ги поздравија мерките и апелираа до жителите на нивните општини да ги искористат понудените поволности и да аплицираат на јавните повици.

Во рамки на јавните повици од мерката 1 „Поддршка за самовработување (претприемништво)“, во тек се три јавни повици со кои се дава можност на повеќе од 1700 лица да отворат сопствен бизнис и со истите се предвидени:

– Финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и започнување на бизнис за лица постари од 29 години.

– Финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и започнување на бизнис за млади лица до 29 години.

– Финансиска поддршка за здружување на две лица во ДОО, каде истата изнесува од 14.000 до 20.000 евра, зависно од целните групи.

Кога инфлацијата ти чука на врата, а Excel табелите ти изгледаат како хиероглифи (ФОТО)

P2P.mk нуди поедноставен – и попаметен – начин да се зборува за вложување

 

Во време кога цените растат побрзо од платите, а штедењето изгледа како навика од друго време, се случи нешто освежувачки поразлично – на еден афтерворк во Битола.

Под насловот „Во што да вложиш кога животот ти е инфлација?“, платформата P2P.mk и коворкинг просторот QworkinGo организираа настан кој не наликуваше на класичен финансиски семинар – туку на вистински разговор што можеше да го разбереш и без диплома од економски факултет.

Главниот говорник – Теодор Тодоровски, од P2P.mk, зборуваше искрено, без доза на елитизам:

„Повеќето луѓе мислат дека инвестирањето е за некој друг – не за нив. А вистината е дека токму тие што мислат така, имаат најмногу да добијат ако се информираат.“

Од тоа што всушност претставува peer-to-peer моделот, до законските рамки, финтек трендовите и реалната примена на алтернативно финансирање – публиката доби брз, концизен crash-course без конфузен финансиски жаргон.

Зошто ова е важно?

Македонскиот финтек пазар е уште во рана фаза – но токму вакви иницијативи ја поместуваат границата.

P2P.mk не само што нуди дигитална алтернатива на класичните начини на вложување, туку и се труди да го исчекори надвор од меурот – директно до луѓето кои ретко се сметаат за „инвеститори“.

А можеби токму тие треба да бидат првите што ќе го сменат тоа.

📍 Настанот се одржа на 11 јуни во QworkinGo – Битола. Ова е првиот од низата едукативни формати планирани од страна на P2P.mk во 2025.

Жири комисијата одлучи: Ова се наградените на 59. издание на МТФ “Војдан Чернодрински” во Прилеп

Жири-комисијата на 59. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп во состав од: Лилија Абаџиева, претседател и членовите Иван Меденица и Нела Оташевиќ ги доделува следните награди:

1.Награда за рекламен материјал со мнозинство на гласови доделува на Медина Хоџа за рекламниот материјал од претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар  – Скопје.

2.Награда за кореографија и сценски движења со мнозинство на гласови се доделува на Васил Зафирчев за кореографија и сценски движења во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.

3.Награда за музика „Филип Стевановски“ едногласно се доделува на Сашко Костов за музиката во претставата „Рацин“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес.

4.Награда за костимографија едногласно се доделува на Самка Фери за костимите во претставата „Ричард III“ во изведба на НУ Албански театар – Скопје.

5.Награда за сценографија едногласно се доделува на Валентин Светозарев       за сценографија во претставата „Рацин“ во изведба на НУ НТ „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“, Велес.

6.Награда за современа сценска драматизација и адаптација едногласно се доделува на Јелена Цветановска за драматизација и адаптација на текстот „Црно семе“ во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен Театар – Битола.

7.Награда за современ драмски текст со мнозинство на гласови се доделува на Ана Ристоска Трпеноска за текстот „Парови“ во претставата „Парови“ во изведба на НУ Драмски театар – Скопје.

8.Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ со мнозинство на гласови се доделува на Атанас Атанасовски за улогата на Оскар Медисон во претставата „Пар-распар“ во изведба на НУ Театар Комедија Скопје.

9.Награда за млада актерка едногласно се доделува на Слаѓана Вујошевиќ за улогата во претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски Театар – Скопје.

  1. Награда за женска епизодна улога со мнозинство на гласови се доделува на Маја Љутков за улогата на Гвендолин Пиџн во претставата „Пар распар“ во изведба на НУ НТ Комедија.

11.Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ со мнозинство гласови се доделува на Оливер Митковски за улогата на 10 во претставата „12“ во изведба на  НУ МНТ Скопје.

12.Награда за главна женска улога едногласно се доделува на Марија Минчева Андонов за улогата на Мајката во претставата  „Сите прекрасни нешта“ во изведба на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.

13.Награда за главна машка улога едногласно се доделува на Мартин Мирчевски за улогата на Доне Совичанов во претставата „Црно семе“ во изведба на НУ Народен театар Битола.

14.Награда за режија со мнозинство гласови се доделува на Ќендрим Ријани за режијата на претставата „Слепци“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.

15.Награда за уметничко остварување на претставата во целина со мнозинство гласови се доделува на ансамблот на НУ МНТ за уметничко остварување во претставата „12“.

– Специјална награда за колективна актерска игра едногласно се доделува на ансамблот на НУ МНТ – Скопје за претставата „12“.

Награда од публика „Слепци“, со просечна оценка 5.

Далматинска музика во Битола по повод Денот на државноста на Република Хрватска (Фото галерија)

По повод Денот на државноста на Република Хрватска, во Културно-информативниот центар (Офицерски дом) во Битола се одржa свечен настан во организација на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ – Битола. На почеток после хрватската и македонската химна, гостите ги поздравија др.спец. Бранко Маретиќ, претседател на Хрватскиот културен центар, Стјепан Домјанчиќ, воено аташе при Хрватската амбасада во Скопје.

„ Ги поздравувам сите присутни и гости на оваа манифестација, ден кога се одбележува еден датум значаен за хрватската историја“, изјави Маретиќ, и додаде: „Ден кога хрватскиот Парламент донесе одлука во 1991 година да се одвои од бивша Југославија и да се започне процесот на самостојна република Хрватска и ден кога е конституиран првиот демократски повеќе партиски Парламент на Хрватска. Денес ги славиме првите 35 години суверенитет на модерна демократска Хрватска, земја членка на ОН, Европа и НАТО. Oваа година ја одбележуваме и 1100-годишнината од Хрватското Кралство. Без познавање на сопствената историја и корени, ниеден самосвесен народ не можел да преживее на историската сцена, и затоа посебно им оддаваме чест на бранителите и на првиот претседател, д-р Фрањо Туџман.

Нашето здружение „Марко Марулиќ“ е основано кратко по тие историски 1990-ти, во 1994 година, фокусирајќи се првенствено на културни активности и зачувување на националниот идентитет, јазикот, културата, уметноста, фолклорот, музиката, но и на духовните вредности на хрватската нација, негувајќи ги и развивајќи ги хрватско-македонските врски и меѓусебните односи меѓу двата пријателски народи“. Военото аташе на РХ истакна дека му е мило што Маретиќ секогаш подготвува вакви манифестации за важни хрватски датуми, со уметничка програма.„Мислам дека нема подобар начин од тоа еден народ да се претстави преку уметноста, нема подобар начин како луѓе да се изразиме како преку уметноста“.

„Културните посети и соработки на Хрватскиот културен центар траат повеќе години, односно над 30 години организирање изложби, концерти, театарски претстави, промоции на книги, предавања, се со цел да се претстави и запознае македонската јавност со богатата хрватска култура и традиција. Оваа година покрај многубројните проекти, горди сме на двата потпишани Меморандуми на соработка и тоа со Битолскиот театар и Битолската библиотека, институции важни за македонската култура, а кои одбележаа 80 години постоење“, речемНеда Маретиќ, одговорна за односи со јавноста на Хрватскиот културен центар и информираше дека „Клапското пеење е заштитено од Унеско, како нематеријално културно наследство на Хрватска, па затоа се одлучивме за претстацување на Клапа во Битола“.

Програмата понуди богата уметничка содржина. Препознатливиот далматински мелос, во Битола го пренесе далматинската женска клапа „Виоле“ од Дрвеник и женскиот хор „Градац“ од Општина Градац, Хрватска, настапија учениците од Државното музичко училиште – Битола како специјални гости и тоа: Лина Димовска и Мила Нечовска, а гостите ги пречекуваа девојки од КУД. Илинден во хрватски народни носии. Како дел од програмата беше и рецитацијата за Далмација на Ивана Пудар Пеќар.

Клапата Виоле е основана во 2001 година и оваа година одбележуваат 24 години непрекидна работа.  Ја негуваат изворната и компонираната клапска песна. Женскиот хор Градац е основан во 2007 та година .

Репертоарот им е составен од класични композиции, духовни и световни од сите музички периоди, со посебен акцент на хрватската изворна музика и домашните композитори, односно далматинските народни и концертни песни како и обработките на песни на познатите хрватски композитори. И двата состави се под раководство на Ивана Андријашевиќ.

„ Нашата соработка со Хрватскиот културен центар трае од 2016 година, веќе по трет пат сме во Битола, и со голема радост доаѓаме, од срце му заблагодарувам на господинот Маретиќ на поканата и гостопримството. Секаде каде гостуваме се трудиме да ја презентираме нашата музичка култура, традицијата на клапското пеење. Доста се трудиме околу програмата посебно кога гостуваме надвор од Хрватска, бидејќи сакаме нашите домаќини да го доживеат тој медитерански, далматински мелос, кој е близок до македонската култура, бидејќи Македонците како и Далматинците се доста музикални, емотивни“.

Во своето долгогодишно делување и клапата и хорот реализираа бројни настапи на поважни манифестации и фестивали, концерти, смотри, меѓународни натпревари во Хрватска и странство.

На крај заедно и подарија на публиката македонска песна „Брала мома капини“.

Публиката имаше можност да ја проследи и изложбата на фотографии „Хоризонти“ од авторката др.сц. Блага Петрески од Сплит. Таа е професорка, односно советник по ликовна уметност и култура, но и раководител на Агенцијата за образование и воспитување, подружница Сплит, излагала на повеќе самостојни и групни изложби во Хрватска и надвор од неа. Цела оваа програма беше заокружена со гастрономската понуда на гостите од Хрватска, кои за присутните подготвија препознатливи хрватски ликери, домашни колачиња, специјалитети карактеристични за Далмација, а потоа дружењето продолжи во ресторанот Премиер Центар.

Во текот на изминатите години Хрватскиот културен центар од Битола, воспостави соработка со сите релевантни институции од Македонија и Хрватска, беше иницијатор на неколку збратимувања со општини и КУД-ови, ги одбележа сите позначајни празници и датуми на РХ, организираше гостувања на актери, музичари, КУД-ови, групи, делегации од Македонија во Хрватска и обратно, се со цел збогатување на културниот мозаик на Битола, како и поголема соработка на двете пријателски земји. Настанот беше организиран во соработка со Културно-информативниот центар Битола, Општина Битола, Државното музичко училиште, Сплитско Далматинскиот округ и Централната канцеларија за Хрватите кои живеат надвор од Република Хрватска.

Фотографии: Ивона Кочов

Вечер за уживање! Трио Џентлемен ќе одржат целовечерен концерт во Прилеп

На 16 јуни 2025 /понеделник/ од 20.00 ч. во фоајето од НУЦК „Марко Цепенков“ целовечерен концерт ќе одржи Трио Џентлемен.

Под слоганот „Македонска рапсодија“ на концертот ќе бидат исполнети следните композиции:

  1. Тајно моја
  2. Кога те нема
  3. Чукни во дрво
  4. Штом се сака
  5. Che sara
  6. L’Italianovero
  7. Mamma son tanto felice
  8. O sole mio
  9. Се посврши сербез Донка
  10. Мајка на Марика думаше
  11. Јовано Јованке
  12. Не стој Доне, Донке

Биографија на Трио Џентлемен

Трио Џентлeмен е составено од тројца професионални оперски  пеjачи: Дејан Стоев-тенор, Кристијан Антовски-баритон и Јане  Дунимаглоски-тенор.

По урнекот на светските поп-класични состави се трудат тој жанр на пеење за прв пат да го презентираат и на  нашите простори. На нивниот репертоар освен класичните композиции се наоѓаат и најголемите светски поп хитови изведени во поп-класичен манир, наполитански канцони, шпански песни, руски романси и секако македонското творештво. За ова кратко време колку што постојат (9 години) имаат настапувано низ цела Македонија и надвор од нејзините граници (со свои целовечерни концерт како и дел од големи манифестации и музички фестивали во Македонија и странство.) Нивните настапи се познати по тоа што секогаш нудат нешто ново нешто не видено на нашите простори.Различни ги прави тоа што прават спој на операта, оперското пеење со различни жанрови како поп, латино, џез, рок композиции и сето тоа во еден нов и специфичен звук, тризвук интрепетиран од тројца оперски пејачи.

26-годишна девојка од Битола со нож ги избодила своите баба и дедо

-На 11.06.2025 во 13.40 часот во Битола, полициски службеници од СВР Битола ја лишиле од слобода Е.Т.(26) од Битола. Според пријавеното, околу 13.00 часот во семејниот дом, таа со остар предмет им нанела убодни рани на својата баба Н.С.(70) и својот дедо П.С(78).

Тие биле пренесени во Клиничка болница Битола за укажување помош, а Е.А. била задржана во полициска станица, по што била спроведена во здравствена установа за понатамошна постапка.

Известен е јавен обвинител и по целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава – информираат од МВР.

44 студенти од Универзитетот “Св. Климент Охридски” ќе реализираат летна универзитетска пракса во Општина Битола и јавните претпријатија

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денес им посака успешна работа на 44 студенти од Универзитетот „Св. Климент Охридски“, избрани на јавниот повик за универзитетска летна пракса, објавен од Општина Битола во соработка со Центарот за кариера, алумни и доживотно учење при УКЛО.

Овој проект, која се реализира по трет пат, годинава привлече најголем интерес досега, со рекорден број на избрани практиканти.

Летната пракса ќе се одвива во одделенијата на Општината и во јавните претпријатија, во текот на месеците јули, август и септември. За време на праксата, секој студент ќе има можност да работи еден месец и за тоа ќе добива месечен нето надоместок од 10.000 денари, обезбеден од буџетот на Општина Битола.

Целта на оваа иницијатива е стекнување практични вештини и искуство во реалниот сектор, што ќе им биде од значење на студентите во нивниот понатамошен професионален развој.

Градоначалникот Коњановски им се заблагодари на студентите за покажаниот интерес и им посака успешна работа, нагласувајќи дека со своето ангажирање тие не само што ќе придонесат кон работата на институциите, туку и ќе добијат вредни практични знаења.

„Преку директно вклучување во работните процеси, студентите ќе имаат можност полесно да го применат теоретското знаење, но и да се соочат со реалните предизвици што произлегуваат од реализацијата на проекти и административни активности. Со воведувањето на универзитетската летна пракса, правиме значаен чекор напред – им даваме шанса на младите да бидат активни чинители во планирањето и спроведувањето на иницијативи. Ова не само што носи нови идеи и свежа енергија, туку создава и простор за напредок и заедничко градење на подобра иднина. Верувам дека токму преку знаењето, посветеноста и ентузијазмот на студентите, можеме заедно да придонесеме Битола да стане уште поубаво и попривлечно место за живеење. Ви посакувам многу успех во работата“, рече градоначалникот Тони Коњановски, во своето обраќање пред студентите.