дома блог страница 3

Во Прилеп и Битола комеморации за жртвите од Првата светска војна и сите војни

Амбасадите на Франција и на Германија во земјава, по повод Денот на примирјето од Првата светска војна и Денот на народна жалост, денеска заеднички ќе го одбележат споменот на жртвите од Првата светска војна и од сите војни.

Како што информираат од амбасадите, комеморациите ќе бидат посветени на сите загинати, ранети, исчезнати и раселени лица, како и на жртвите на насилство од сите војни и сите народи.

Комеморација ќе се одржи во 10 часот на Германските воени гробишта во Прилеп, а во 12 часот на Француските воени гробишта во Битола.

Со заедничкото одбележување, двете амбасади ќе им оддадат почит на жртвите и ќе го потврдат сеќавањето на страдањата предизвикани од војните.

Десетина улици денеска во Прилеп ќе бидат 6 часа без вода за пиење

Соопштение од ЈКП Водовод и канализација Прилеп:

-Водоснабдувањето на ден 12.11.2026 (четврток) ќе биде нормално со здравствено исправна вода за пиење.
Вкупната произведена количина на вода 274л/с, од кои 215л/с од Студенчица, 26л/с од бунари и 33л/с од сопствени извори. Прекин во водоснабдувањето заради санација на дефекти и приклучоци во периодот од 08 до 14 часот ќе има на следните улици и делови од Општина Прилеп:

– ул. Крагуевачка
– ул. Самоилова
– ул. Даме Алексоски
– ул. Александар Македонски (кај Шопе)
– Ѓогдере – згради
– ул. Цане Кузманоски
– ул. Андон Слабејко

Универзитет “СКОПЈЕ” доби светска туристичка награда (ФОТО)

Универзитет Скопје е добитник на Светската туристичка награда за 2026 година во категоријата „Најдобра образовна програма за туризам“, како признание за успешната реализација на програмата „Паметни вештини за паметна иднина – Дигитализација во туристичкиот бизнис“ (Smart Skills for Smart Future – Digitalization in Tourism Business), спроведена во рамките на програмата Еразмус+.

Свеченото доделување на наградата се одржа на 9 ноември 2026 година во Кралските музеи за ликовни уметности во Брисел, Белгија, во рамките на Годишниот состанок на Глобалниот туристички форум (Global Tourism Forum Annual Meeting).

Делегација на Универзитет Скопје, на 9 и 10 ноември, учествуваше на овој значаен меѓународен настан, кој обедини водечки претставници, инвеститори и експерти од туристичката индустрија. Во фокусот на дискусиите беа глобалните инвестиции, одржливиот развој на туризмот, дигиталната трансформација, безбедноста и довербата на патниците, како и идните предизвици и можности во туристичкиот сектор.

Покрај престижното признание, учеството на Форумот беше одлична можност за воспоставување нови меѓународни контакти, размена на искуства и иницирање идни соработки и партнерства.

Оваа награда претставува голем успех и потврда за посветеноста на Универзитет Скопје кон квалитетно и иновативно образование, современи образовни програми и создавање компетентни кадри подготвени да одговорат на потребите на современиот туристички сектор.

Крушево го чува својот автентичен изглед – Централното градско подрачје се уредува со камена коцка

Уредувањето на централното градско подрачје во Крушево продолжува со нови активности за поставување камена коцка, со што дополнително ќе се разубави изгледот на градското јадро и ќе се зачува автентичниот амбиент по кој градот е препознатлив.

За текот на активностите информираше градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески, посочувајќи дека со овие зафати се работи на подобрување на инфраструктурата, но и на зачувување на традиционалниот изглед на Крушево.

Работите ги извршува ЈП „Комуна“, во рамки на редовните активности за уредување и одржување на градот.

Од Општината најавуваат продолжување на активностите насочени кон создавање поуредено, поубаво и достоинствено градско подрачје, со почитување на автентичниот изглед и препознатливиот дух на Крушево.

Општина Битола наградена со признанието „Младински пријателски град“

Наградата се доделува во рамки на Четвртиот Национален Форум за Младинска Работа, кој се одржа во Младинскиот Центар Охрид, под наслов „Признавање и квалитет на младинската работа – Од законска обврска до локална реалност!”, а организиран од Коалицијата на младински организации СЕГА.

Наградата на заменик градоначалничката на Општина Битола Марина Крстиќ и ја додели претставник од министерството за социјална политика, демографија и млади.

Општина Битола ја има водечката улога во поддршка на младинското учество и младинските политики во Пелагонискиот регион.

Наградата „Младински пријателски град“ е клучна новина на ова издание на Форумот. Преку структурирано национално истражување во локалните самоуправи, беше евидентиран напредокот во исполнувањето на обврските од Законот за младинско учество и младински политики (ЗМУМП), според што беа избрани водечките општини во секој плански региони.

Младинската работа е препознаена како клучен инструмент за личен и општествен развој на младите, за нивно информирање, неформално образование и активно учество во животот на заедницата.

Нервозата кај прилепскиот пратеник од рекордните порази се прелеа во Собранието (ВИДЕО)

Пратеникот од Прилеп, Миле Талевски, денеска на надзорната расправа во Собранието за АЛТА БАНКА, покажа голема нервоза и ја прекина расправата – не сакаше да го исклучи микрофонот. Веројатно нервозата од редицата изборни порази си го прави своето…

Од царина запленија 168,7 килограми режан тутун на плоштадот и пазарот во Прилеп

Царински службеници од царинарница Битола и мобилни тимови од Одделението за оперативни работи на зелениот пазар и градскиот плоштад во Прилеп спроведоа акција за контрола на акцизни производи, при што запленети се вкупно 168,7 килограми режан тутун, за кои е избегнато плаќање акциза во висина од 463.787 денари. Во акцијата е повикана и асистенција од полициски службеници.

Конкретно, фатени се шест лица како продаваат тутун без акцизни маркички, со што најгрубо го прекршиле законот, го оштетиле Буџетот на државата и го загрозиле здравјето на граѓаните. Против нив се поведени соодветни постапки пред надлежниот суд и Комисијата за прекршоци.

Ова е втора акција на Царинската управа, за многу краток период. Претходно во контрола на пазарот во Чаир беа запленети 135 килограми режан тутун.

Царинската управа продолжува со засилена борба против нелегалната трговија со тутун и тутунски производи преку зајакнати контроли во внатрешноста на државата и засилени истраги за увозот на тутун и тутунски производи.

Витаминка ја отвори својата прва продавница во Прилеп – „Светот на вкусови“ на едно место

Витаминка ја отвори својата прва продавница во центарот на Прилеп, со што прави нов чекор во развојот на своето малопродажно присуство и во унапредувањето на непосредната поврзаност со потрошувачите. Во продажниот простор на булевар „Гоце Делчев“ бр. 28 е достапен кондиторскиот асортиман на компанијата, Стоби флипс, Чоко стоби флипс, преливи, намази, сосови како и сите вкусови на инстант пијалаците Цевитана.

Отворањето на продавницата во градот во кој компанијата ја започна и ја развива својата приказна има посебно значење. Прилеп добива ново продажно место што го носи препознатливиот идентитет на Витаминка, а компанијата создава дополнителен канал преку којшто својата понуда ја доближува до купувачите и стекнува непосреден увид во нивните потреби и навики.

Во Витаминка продавницата застапени се производи што се дел од секојдневието на повеќе генерации потрошувачи. Продажниот простор е можност за претставување на разновидноста на асортиманот, за откривање нови вкусови и за зајакнување на довербата што компанијата ја гради со децении.

Овој чекор доаѓа во годината во која Витаминка одбележува 70 години постоење и ја потврдува нејзината определба долгогодишното производствено искуство да го надградува со нови можности за развој. Сопственото продажно место ја поврзува традицијата на компанијата со современите очекувања на потрошувачите за достапност, избор и непосредно искуство со брендот.

Продавницата е отворена од понеделник до петок, од 08:00 до 20:00 часот, и во сабота, од 08:00 до 16:00 часот. Недела е неработен ден.

Трибина во Прилеп: Машкото здравје без табуа – Превенцијата е најважниот чекор!

Грижата за здравјето не треба да биде тема за која се молчи. Редовните прегледи, навременото препознавање на симптомите и отворениот разговор со лекарите можат да направат голема разлика во превенцијата и лекувањето на заболувањата кај мажите.

Токму затоа, Општина Прилеп организира едукативна трибина посветена на машкото здравје, со цел да се подигне свеста за значењето на превенцијата, раното откривање и современите можности за лекување.

На трибината ќе се разговара за малигните заболувања на простатата, тестисите и пенисот, бенигната хиперплазија на простатата, како и за еректилната дисфункција. Ќе бидат споделени стручни информации, корисни совети и одговори на прашања кои често остануваат неискажани.

Говорници:

-Проф. д-р Сашо Дохчев – Клиника за урологија
-Д-р Трајче Јанкулоски – ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп
-Д-р Гоце Нинески – ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп

12 ноември 2026 година – 17:00 часот
Собраниска сала, Општина Прилеп

-Ги покануваме сите граѓани да присуствуваат, да се информираат и да ги искористат знаењата и искуството на стручните лица. За здравјето треба да се зборува отворено. Превенцијата започнува со информираноста, а грижата за себе е одговорност што не треба да се одложува, стои во соопштението објавено од општина Прилеп.

Во Битола одбележани 108 години од завршувањето на Првата светска војна

На Српските воени гробишта во Битола, во организација на Заедницата на Срби во Македонија од Битола денес беше одбележан Денот на примирјето во Првата светска војна.

Беше оддадена почит на паднатите борци со положување на свежо цвеќе. На церемонијата присуствуваше делегација советници од Советот на Општина Битола, министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, претставниците на амбасадата на Србија во Македонија, дипломатскиот кор, државниот секретар од српската влада Зоран Антиќ како и претставници на политички партии и здруженија на граѓаните.

Овој ден, кој се слави во земјите победнички во Првата светска војна, го симболизира крајот на едно од најразорните воени поглавја во историјата на човештвото.