дома блог страница 2

Ристески доби огромна партиска доверба од Извршниот комитет

Актуелниот заменик министер за економија и труд, Марјан Ристески е назначен за потсекретар на ВМРО-ДПМНЕ за Четвртата изборна единица. Одлуката била донесена на вчерашната седница на Извршниот комитет на партијата.

Ристески ја потврди информацијата преку објава на социјалните мрежи, упатувајќи благодарност до Извршниот комитет, претседателот на партијата Христијан Мицкоски и генералниот секретар Драган Ковачки за укажаната доверба.

„Ова е голем предизвик и чест за мене. Како човек сметам дека секоја функција треба да биде проследена со многу работа, посветеност и отчетност пред граѓаните“, истакна Ристески.

Тој изрази уверување дека со чесен пристап, посветеност и многу работа ќе следуваат нови победи за ВМРО-ДПМНЕ.

Кавадаречки Комуналец со 250.000 евра добивка, прилепски Комуналец со 950.000 евра загуба?! Зошто е тоа така?!

На вчерашната 16-та седница на Советот на општина Кавадарци, директорот на ЈП „Комуналец“, Гоце Ангеловски, пред советниците истакна дека деветмесечниот извештај за работењето на претпријатието претставува „вистински пример за успешно работење“, нагласувајќи дека во изминатите девет месеци претпријатието бележи позитивен финансиски резултат (добивка) од околу 250.000 евра (односно 15.533.674 денари).

Во врска со работењето на јавното претпријатие, градоначалникот Митко Јанчев нагласи дека квалитетот на услугите кои ги дава ЈП „Комуналец“ е на највисоко ниво. Како круцијален момент од оваа точка се издвои фактот што советниците едногласно застанаа против покачувањето на цените на комуналните услуги во Општина Кавадарци, со што градоначалникот Јанчев остана доследен на своето ветување дадено пред околу еден месец да не дозволи корекција и зголемување на цените на водата за пиење и за одведување на отпадни води.

Од друга страна во соседен Прилеп, ЈКП Комуналец бележи милионски (во денари) долгови, а претпријатието постојано добива дотации за реализација на годишната програма од општина Прилеп. Дополнителни субвенции за ЈКП Комуналец ќе има и на денешната седница на Советот на општината, каде покрај оние 84.000.000 денари со предходните ребаланси комуналците добиваат уште 11.000.000 денари за реализација на нивната оперативна програма.

Зошто е тоа така, оставаме да дадете ваше мислење во делот за коментари на социјалните мрежи…

Предупредување од УХМР: Издаден метеоаларм за денеска

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) издаде метеоаларм за денеска, 13 ноември, поради најавен силен ветер од јужен правец, кој на одделни места ќе надминува брзина од 80 километри на час.

Од УХМР предупредуваат на засилување на јужниот ветер, кој ќе биде особено изразен во одредени делови од земјата.

Покрај силниот ветер, денешното време ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и повремени локални врнежи од дожд.

Ќе преовладува релативно топло време за овој период од годината, со максимални температури од 18 до 25 степени.

Граѓаните треба да бидат внимателни при престој на отворено, особено на места изложени на силни налети на ветер.

Момироски: “Ребалансот вели: Мостот “Победа” и улиците “Трајко Николоски” и “Орде Чопела” в година, сега 190.000 евра општински пари одат во Комуналец, претходно добијаа 700.000евра”

Во најновата колумна околу општествено-политички случувања во Прилеп, новинарот Зоран Момироски се осврна на ребалансот на буџетот на општина Прилеп, кој е денеска на дневен ред на седница на Советот.

“Последениот ребаланс на општинскиот буџет за оваа година е на денешната седница на Советот на градот. Од 15 овој месец, до крајот на годинава тече рокот за разгледување и усвојување на новиот Буџет за 2027 година. Со овој ребаланс меѓудругото се предлагаат: дополнителни субвенции за ЈКП Комуналец. Покрај оние 84.000.000 денари со предходните ребаланси, комуналците добиваат уште 11.000.000 денари за реализација на нивната оперативна програма.

Дополнители средства се планирани и за ЈП ПУП и тоа по основ јавен превоз. Ова јавно претпријатие од сегашните 42.000.000 денари, годинава ќе треба да ја затвори со 45.000.000 денари. Во пренамената на средствата ФК Победа до крајот на годинава нема да добие 4.000.000 денари, бидејќи недостигаат соодветни критериуми и правилник за распределба на средства. А за следната година ќе бидат одложени започнатите градежни работи на улиците Трајко Николоски и Орде Чопела и мостот на улицата Победа.

За работата на јавно комуналните претпријатија без притоа да се трошат дополнителни средства од даночните обврзници експертите со свој став: Најголем проблем е што државата не функционира корпорациски. Постојат јавни претпријатија кои покажуваат загуби. Затоа, кога тие ќе почнат да функционираат како друштва со ограничена одговорност ќе мора да изработуваат проекти и ќе мора вистински и професионало да се грижат за своите клиенти-за граѓаните кои редовно ги плаќаат сметките. Е тогаш ќе има пари и за нив да напредуваат и за државата и за здравствено и за пензиско осигурување и за сите општествени појави и потреби. Зошто не се менува системот?! Туку спротивно на економската логика почнуваат да применуваат мерки за штедење и кога на ова ќе се додат и не соодветните кадри кои немаат ни знаење ни познавање како се подготуваат европски проекти,тогаш ситуацијата станува катастрофална. А, со години се применуваат истите методи со кои се потполнуваат финансиските ,,дупки,,од буџетото. А тоа е исто како да се тура вода во пустински песок. И што е од страшното – пострашно никој или ретко кој не одговора за тоа”.

Целата колумна прочитајте ја ТУКА

Јанчев дециден: Покачување на цената на водата во Кавадарци НЕМА да има! (ВИДЕО)

Додека во Прилеп се подготвува околу 30% покачување на сметките за вода, во соседно Кавадарци градоначалникот со свое видување за решенијата за цената на водата кои ги носи Регулатрона комисија, и како општината ќе постапи за граѓаните да не плаќаат повеќе.

„Повик“ – театарска претстава за уметноста, слободата и храброста да се зборува на глас, во недела во Крушево

Во недела, 15 ноември, со почеток во 20:00 часот, во просториите на „Никола Карев“ – Горно училиште (Театар Крушево), публиката ќе има можност да ја проследи театарската претстава „ПОВИК“, во продукција на АТО Центар од Битола. Влезот е бесплатен.

„ПОВИК“ е современа трагикомедија за млада сликарка која се соочува со свет во кој уметноста сè почесто станува нарачка, производ и кич. Но, претставата отвора многу пошироки прашања за идентитетот, слободата, личниот интегритет и храброста човек да остане верен на сопствените вредности и вистината.

Посебно место во ова дело заземаат и крушевските жени од Илинденското востание – анонимните хероини чии приказни често остануваат во сенка на историските настани и заслужуваат да бидат извадени од заборавот.

Работена според научните трудови на Карл Густав Јунг, претставата го поттикнува активното учество на публиката и го претвора чинот на гледање во лично доживување и преиспитување. Таа е и омаж на жената, нејзината сила, мудрост и способност да создава, обновува и менува.

Автор и режисер на претставата е Јован Ристовски, костимограф е Марта Дојчиновска, а настапуваат Марија Стефановска, Катерина Аневска, Никола Стефанов, Маја Андоновска Илијевски, Наталија Ристеска и Марија Талеска.

„ПОВИК“ носи силна порака за времето во кое живееме, поставувајќи го можеби најважното прашање: Што се случува кога – ние молчиме?

Театарската претстава е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од Heartefact Fund, а дополнително е поддржана од Германија преку GIZ North Macedonia. Поддршка за реализацијата даваат и Општина Крушево и Центарот за култура Битола, во соработка со Музеј Битола.

Недела, 15 ноември | 20:00 часот
Театар Крушево – „Никола Карев“, Горно училиште
Влезот е бесплатен!

По 4 победи во гости младите кошаркари заслужуваат преполна сала во сабота во 18 часот

Екипата на прилепски Мега баскет до 18години, во сабота (14.11.) со почеток од 18:00 часот, во спортската сала во ООУ “Добре Јованоски”, ја пречекуваат екипата на Ангели од Скопје.

Прилепчани имаат серија од четири последователни победи и се на високото второ место на табелата. Дуелот со Ангели е шанса таа серија да продолжи, а ние заедно со овие млади дечки заедно да славиме.

Затоа да ја наполниме до последно место салата во “Добре”.

Во недела пак, 15.11. сениорската екипа на Мега баскет гостува кај Борец од Велес, но бидејќи салата во Велес се реновира, натпреварот ќе се одигра во Штип.

Како младите, така и сениорите се во серија од четири победи, па се надеваме дека овој натпревар помеѓу помладите и повозрасните колеги ќе продолжи и во ова коло

Поради слабо осветлување во салата, ракометарите ќе играат во денски термин?!

Ракометарите на Прилеп во сабота (14.11.) со почеток од 15:00 часот, во спортската сала во СОУ “Ристе Ристески-Ричко” го пречекуваат Мулти Есенс.

Прилепчани ќе атакуваат на четвртата победа сезонава, што ќе им биде добредојдена после трите порази од водечките екипи на табелата (Вардар, Алкалоид и Еурофарм Пелистер).

Интересно е тоа што натпреварот се игра со почеток од 15 часот, нешто што одамна не се случило кога РК Прилеп игра на домашен терен. Неофицијално причината за терминот е лошото осветлување во спортската сала, па натпреварот ќе се игра во денски термин.

Како и да е, нашите ракометари заслужуваат поддршка на трибината, па затоа во што поголем број да ги бодриме и заедно да се радуваме на нова победа.

Премиерата на „Татко“ на Народен театар Битола со долготрајни аплаузи и силни импресии

Премиерната изведба на „Татко“ од Август Стриндберг, во режија на Благој Мицевски, заврши со долготрајни аплаузи и топли реакции од публиката. Силната драмска приказна, интензивната сценска игра и емоциите што ги донесе претставата оставија впечаток кај присутните, кои по завршувањето на изведбата ја напуштија салата понесени од своите импресии.

Премиерата на 10.ноември беше дел од официјалната програма на Општина Битола по повод одбележувањето на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот Битола. Со оваа премиерна изведба, театарот даде свој придонес кон одбележувањето на еден од најзначајните датуми во историјата на градот.

Освен режијата, Мицевски стои и зад сценографијата и костимите. Во претставата играат: Петар Горко, Катерина Аневска-Дранговска, Сандра Грибовска Илиевска, Никола Пројчевски, Живко Борисовски, Соња Михајлова.Асистент на режија е Дамјан Димовски, композитор Марјан Нечак, тон Александар Димовски, светло Горан Петровски, суфлер Гордана Михајловска, реквизит Цветан Јовановски, испициент Оливер Петровски, гардеробер Лилјана Китановска.

Се работи за длабоко потресна психолошка драма за распадот на интимноста, осаменоста, недовербата и кревките граници на моќта во семејството. Каде исчезнува љубовта кога меѓусебното разбирање ќе го заменат сомнежот и борбата за надмоќ? И колку далеку може да оди човекот кога ќе се соочи со сопствената ранливост?

Преку ова безвременско драмско дело, режисерот Благој Мицевски ги отвора прашањата за односот меѓу мажот и жената, за семејните односи и за трагедијата на човекот кој постепено го губи тлото под нозете.

Што се случува со човекот кога ќе остари? Кога љубовта ќе се претвори во борба за моќ, а бракот во бојно поле на кое детето станува најневината жртва?

„Задоволството беше и наше. Нема поголема радост од непосредната реакција на публиката и чувството дека она што го споделуваме од сцената допира до оние за кои го создаваме. Ви благодариме за аплаузот, довербата и заедничката театарска вечер“, истакнуваат од НТБ.

Активностите на НУ Народен театар Битола продолжуваат на 14 ноември, кога се одбележуваат 82 години од постоењето на оваа институција. Овој значаен јубилеј ќе биде одбележан со свеченото отворање на 12. издание на Битола Шекспир фестивалот, кој годинава ќе започне со претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, која токму на отворањето на фестивалот ќе ја има својата прва премиерна изведба во матичната куќа.

Фотографии: Ивона Кочов

Коњановски и Димитровски на меѓународна конференција за градоначалници во Израел

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски и секретарот на Општина Битола Борче Димитровски присуствуваат на 35 Меѓународна конференција на градоначалници во Тел Авив, Израел, на темата „ Оспособување на градовите на иднината“, со акцент на новите технолошки достигнувања и вештачката интелигенција.

Посетата се реализира во периодот од 8 до 12 ноември 2026 година, а на покана на Американско-израелскиот конгрес, министерството за надворешни работи на Израел и Американскиот совет на Евреите во Светот.

На оваа конференција учествуваат 22 градоначалници од 18 држави од пет континенти од Светот.

Учесниците имаа можност да проследат презентации од стартапи кои истражуваат како технологијата и вештачката интелигенција ја трансформираат градската власт, да посетат постројка каде што напредната технологија ја претвора морската вода во сигурен извор на свежа вода, нудејќи поуки за иновативна инфраструктура и долгорочна безбедност на водоснабдувањето.

-Агендата вклучуваше и средба со глобален пионер и лидер во сајбер-безбедноста заснована на вештачка интелигенција, на која се разгледа како градовите ги штитат јавните податоци, клучните услуги и довербата на своите жители, како и презентации на теми поврзани со иновациите и младинското претприемништво.

Организиран беше и прием во израелска компанија што развива платформа за мобилност заснована на вештачка интелигенција, а на друга сесија беше претставен оперативен систем за вештачка интелигенција низ целата државна и локална самоуправа, како и образованието, информираат од Општина Битола.

-Беше презентирана и платформа заснована на вештачка интелигенција која им помага на локалните самоуправи да слушнат поголем број свои жители и да ги претворат повратните информации од заедницата во одлуки. Делегациите имаа и средба со претседателот на Израел Исак Херцог на која се разговараше за лидерството, заедницата и дијалогот преку границите. Нашата делегација имаше средба и со градоначалници на неколку општини во Израел. Гостите го посетија и Светскиот центар за сеќавање на Холокаустот, како и спомен-местото на загинатите од 7 октомври, стои во соопштението од општина Битола.