дома блог страница 286

Утре во кафе-бар “База” промоција на романот “Грст афионови зрнца” од Горан Василевски

Во сабота, на 18 октомври со почеток во 17:00 часот, во кафе-барот „База“ во Прилеп, ќе се одржи промоција на новиот роман „Грст афионови зрнца“ од Горан Василевски. Промотор на делото ќе биде Звонко Димоски.

Сижето на „Грст авионови зрнца“, кое се одвива од последниот милениум пред Христос до сегашни дни, е вечно неодгатнатата димензија на времето што лесно и едноставно ја апсорбира краткотрајната минливост на човековиот живот според веќе востановениот, иако хаотичен редослед од минати, сегашни и идни настани. Во содржината се вткаени едноставни просто човечки дилеми за љубовта, надежта, животот и смртта, како не само земски, туку, пред сѐ, божествени и космички сили. Сѐ минува и се менува. И времето, и просторот, и настаните и лицата, за најпосле крајот да дојде во совршен склад со непишаната замисла на универзумот. Па, читајќи можеби ќе сетите дека без оглед на векот што го живееме, во нас носиме и дел од нечии дамнешни собитија. Три епохи. Три судбини. Еден таен код запишан во соништата. Од древниот Стасадор, преку Пејко, до современиот Тихо ‒ три мажи, три животи, една вечна потрага по смисла. „Грст афионови зрнца“ е раскошен роман за љубовта и честа, временско патување што ја брише границата меѓу јавето и сонот!

Горан Василевски е роден на 29.12.1968 година во Постојна, Словенија. Основно и средно образование завршува во Прилеп. Се запишува на Воената академија во Белград, а дипломира на Воената академија во Скопје. За време на активната армиска кариера, учествува и во воените конфликти во регионот. Последипломските студии ги завршува на Филозофскиот факултет во Скопје. Ја извршувал и должноста на раководител на единствената армиска компонента при ОБСЕ во Виена, Австрија. Поминува сѐ што требало да помине во животот досега, а денес, како пензионер живее во Скопје, со план да се врати и да старее во Прилеп. Започнал со поезија и во 2008 година ја издава стихозбирката „Мандарина“, а преминувајќи на проза, го издава романот „Оревот“ (2013) и збирката раскази „Монахот што се плашеше од смртта“ (2015). Автор е на повеќе стручни трудови од областа на безбедноста, разузнавањето и менаџментот.

Чекан за жигосување на дрва од Шумско стопанство пронајден во камион со дрва на фирма од Крушево

ОВР Крушево поднесе кривична пријава против Д.Д. (60) од Крушево за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

На 02.07.2025 од страна на ОВР Демир Хисар и ОВР Крушево, извршена била контрола на товарни возила во сопственост на фирма од Крушево, кои биле натоварени со огревни дрва.

При преглед во едно од возилата пронајден бил челичен чекан кој служел за жигосување на пресечените дрва.

Истиот бил задолжен од вработен во Подрачно шумско стопанство „Липа“ – Крушево.

На полноќ почнува изборниот молк, кандидатите уште денеска имаат можност да се претстават пред граѓаните

Денеска е последниот ден од изборната кампања пред одржувањето на првиот круг на претстојните локални избори, што треба да се одржи в недела на 19 октомври. Политичките партии, независните кандидати и коалиции уште денеска имаат можност да се претстават себе си и своите визии и програми за локалните избори.

Ноќеска на полноќ почнува изборниот молк, кој ќе трае до завршувањето на изборите. Од понеделник 20 октомври ќе почне кампања за оние општини каде нема да биде избран градоначалник во првиот изборен круг.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата вечерва завршен централен митинг ќе имаат во Охрид, а СДСМ и коалицијата својата програма ќе ја претстават во Старо Нагоричане, Ранковце, Крива Паланка, Кратово и Куманово.

За денеска најавена е и прес-конференција кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, пак, ќе ја претстави својата програма на завршен митинг во Куманово.

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ, денеска ќе одржи прес – конференција на Плоштад „Слобода”. Во рамки на последниот ден од предизборната кампања, Левица планира целодневни активности и повеќе други активности како „Скопје пешки“ (Амар Мециновиќ ќе пешачи од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, тргнува од Ѓорче – пристигнува на Плоштад ,,Слобода” за прес конференција и продолжува кон Ново Лисиче), изложба „Скопје какво беше – какво е – какво треба да биде“, како и завршен собир во Изборниот штаб на партијата.

За утре е најавена и прес конференција на Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“, како и на Билјана Ивановска, независна кандидатка за градоначалник на општина Центар поддржана од граѓанската платформа „Независни заедно“.

ЗНАМ Прилеп со порака до врхушката во СДСМ Прилеп: Продадовте сѐ, ЗНАМ создава иднина, вие создадовте песок во кој сами тонете!

Во пресрет на локалните избори во недела, раководството на Движењето ЗНАМ за наша Македонија од Прилеп упати јасна порака до врвот на општинскиот огранок на СДСМ Прилеп, од каде деновиве членови, активисти и кандидати за советници од ЗНАМ се мета на напад.

Реакцијата од Движењето ЗНАМ Прилеп ја пренесуваме во целост во продолжение:

Деновиве сведоци сме на оркестрирани напади од луѓе без никакво човечко достоинство, морал и етички кодекс.

Ние од Движењето ЗНАМ ОО Прилеп формиравме граѓанско здружение во октомври 2022 година, иако бевме свесни дека парламентарните избори се во 2024, а локалните во 2025 година, значи 2 години пред парламентарните избори, а 3 години пред локалните.

Во тој момент, нашиот рејтинг беше 0.3% и воопшто не знаевме во која насока ќе се движи нашата граѓанска иницијатива, а подоцна политичка партија, но бевме полни со ентузијазам, енергија и верба во себе сѝ.

Куќата ја градевме од темел, цигла по цигла, затоа што такви сме ние од ЗНАМ, градиме, а не разрушуваме.
За разлика од одредена врхушка на СДС (Миле Талевски, Миле Велкоски, Зоран Пачешкоски, Кристијан Пиличев, Игор Јорданоски итн. ) кои што се влезени во политика само за личниот интерес.

Истите, до сосем ја уништија СДС, ама не се тргнаа од нејзе штитејќи си ги своите лични интереси.
Дечки, да не беше партијата од дома немаше да излегувате, а не пак да имате раководни функции и да менувате по пет раководни места.
Спремни сте и државата и родот да си го продадете.

Ние од Движење ЗНАМ ќе продолжиме да работиме во интерес на Македонија и на нашиот Прилеп, а вие продолжете да плукате, бидејќи уште тоа ви остана.

Истовремено, ги повикуваме сите чесни членови на СДСМ да нѝ се придружат, бидејќи се тоа наши другари, познаници, роднини, пријатели.
ЗНАМ ги застапува вистинските вредности.

Оставете ја оваа клапа сама да потоне во живиот песок што го создадоа.

Приклучете нѝ се и заедно да продолжиме да го градиме нашиот Прилеп.

(ВИДЕО) Чонески со факти го декласираше градоначалникот во заминување од СДСМ

Привршува изборната кампања за градоначалник и во општина Крушево, каде анкетите покажуваат водство на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Нико Чонески во однос на Томе Христоски од СДСМ, кој брка трет последователен мандат.

На синоќешната дебата Чонески изнесе податок според кој Јавното претпријатие “КОМУНА”, во изминатите 8 години власт на Христоски генерирало долгови во висина од 45 милиони денари, иако долгот претходно изнесувал 13 милиони денари.

-Тоа укажува дека господине Христоски вие не сте дел од решението на проблемот, туку сте дел од проблемот. Зборувате за каптирање на нови извори. Ви кажав, Нијагара да ја каптираме џабе ќе ни биде со 70% загуби на вода. Нешто што не го решивте 8 години, рече Чонески.

Тешко повредено 13-годишно момче во Битола – со електричен тротинет се судрил со автомобил

-На 15.10.2025 во 17:28 часот во СВР Битола е пријавено дека на крстосница од ул.„Филип Втори Македонски“ и ул.„Благојче Силјановски“ во Битола се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „цитроен“ со демирхисарски регистарски ознаки, управувано од С.Н.(76) од Демир Хисар и електричен тротинет, управуван од 13-годишник од Битола. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во Клиничката болница Битола. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Битола, информираат од МВР.

Изложбата „Премин“ од уметникот Горан Ристовски, утре пред прилепчани

На 17.10.2025/ петок/ од 19.00 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Премин“ од Горан Ристовски, поддржана од Министерството за култура и туризам.

За изложбата:

Преку фотографскиот израз изложбата со наслов ПРЕМИН ја прикажува безвременската привлечност на водата, доловувајќи ја нејзината сила, мистерија и непоколебливо присуство. Апстрактни и минималистички по природа овие фотографии овозможуваат отворена интерпретација, давајќи му простор на гледачот да ги проектира сопствените емоции, мисли или сеќавања. ПРЕМИНувањето на водата- брановите од една форма кон друга, преобразување во поинаква состојба, нејасна, несигурна и неизвесна, метафорично крои приказна за индивидуата и човештвото. Брановите може да ги симболизираат животните предизвици, концептот на издржливост или минливата природа на постоењето. Поттик на размислување за непредвидливата природа на водата – сила која е и убава и понизна.

…Фотографиите освен романтичарскиот визуелен впечаток тие се ехо кое упатуваат кон еколошките предизвици на загадување, климатски промени и човечко занемарување, прикажувајќи ја моќта и тежината на водата – темната, немирна површина како симбол на нарушената рамнотежа помеѓу човекот и природата.

За уметникот:

Горан Ристовски е ликовен уметник кој живее и работи во Струга, дипломирал 2009 на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек графика. Учествувал на повеќе проекти и групни изложби во Македонија и надвор. Самостојно има изложувано во Струга, Скопје, Куманово, Охрид, Велес, Ниш, Берлин. Неговата уметничка практика е во полето на цртежот, графиката, сликарството, фотографијата, муралот. Работи како професор по Ликовна уметност, еден е од основачите и членовите на здружението ИНКА од Струга и активно учествува на проекти од областа на културата.

Огромно браво за учениците и нивните наставници: Во ООУ “Кире Гаврилоски” Прилеп се одржа традиционалниот панаѓур по повод Светскиот ден на храната (Фото галерија)

По повод 16. Октомври – Светскиот ден на храната, а под мотото “Живеј силно, живеј здраво”, денеска во училишниот двор на ООУ “Кире Гаврилоски-Јане” во Прилеп, се одржа традиционалниот есенски панаѓур, кој и оваа година ја истакна креативноста, вредноста и заедништвото на учениците и наставниците.

На настанот учествуваа сите одделенија, подготвувајќи богата понуда на домашни производи: свежо цедени сокови, пити, овошје, зимници, џемови и слатка.

Секој штанд гордо ја претстави својата есенска инспирација и културно богатство. Социјалниот дух, креативноста и енергијата на учениците го направија панаѓурот вистински празник на вкусовите, традицијата и заедничкото создавање.

-Со овој панаѓур учениците покажаа дека храната не е само потреба, туку и култура, љубов и начин на поврзување меѓу луѓето. Благодарност до сите ученици, наставници, родители кои придонесоа овој ден да биде вистински празник на есента, трудот и заедништвото, истакна директорката на училиштето Снежана Коцевска Шубеска.

Уживајте во прекрасната фото галерија од настанот:

297 болни лица и 119 затвореници ќе гласаат во сабота во Прилеп

62.053 прилепчани во недела имаат право на глас на изборите на кои ќе се избира нов градоначалник и членови на Советот.

Граѓаните ќе избираат помеѓу 9 кандидати за градоначалници и 11 советнички листи, а денеска пристигна доверливиот избирачки материјал во Општинската изборна комисија.

Во сабота пак, правото на глас ќе го остварат 297 болни лица, 119 затвореници и 60 стари и изнемоштени лица.

Од ОИК Прилеп информираат дека се подготвени да обезбедат непречено гласање на сите граѓани.

СВР Битола со апел до граѓаните да не наседнуваат на телефонски измами за лажни сообраќајни несреќи

Во изминатиот период во Секторот за внатрешни работи Битола, од страна на граѓани, пријавени се кривични дела „измама“, извршени врз повозрасни лица.

Од секторот за односи со јавност на СВР Битола информираат дека сторителите ги доведуваат во заблуда лицата на тој начин што им се јавуваат телефонски и им се претставуваат како службени лица, најчесто полициски службеници и од нив бараат финансиски средства за ослободување од кривичен прогон на нивни деца или внуци кои, наводно, непосредно пред јавувањето направиле сообраќајна несреќа со смртни последици или во која истите биле тешко повредени па треба да се даде одредена сума на пари за да се изврши операција. За да бидат поуверливи во позадина се слуша глас кој бара помош.

Од СВР Битола ги известуваат граѓаните дека се преземаат мерки и активности за расчистување на досега пријавените кривични дела и воедно, апелираат до граѓаните да не наседнуваат на ваквиот вид на измами, а доколку бидат контактирани, веднаш да пријават во полиција.