дома блог страница 258

ВИДЕО: МВР експресно реагираше, поднесена пријава против лицата кои дивееја по скопските булевари

Во врска со видео записот што беше споделен на социјалните мрежи, Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека веднаш се преземени мерки и активности и лицата се пронајдени, извршен е службен разговор и против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила.

Против возачот С.З. (20) од Скопје по член 167 став 2 (поради превезување лице на надворешните делови од возилото) и член 225 став 9 (возење без возачка дозвола) од ЗБСП и член 26 став 10 од Законот за возила (управување возило без регистарски таблици), како и против лицето што стои на хауба Р.Ѓ. (19) од Скопје по член 317 став 14 (му дал да управува возило на лице без возачка дозвола) и член 165 став 2 (прави дејствија со кои ја загрозува својата безбедност) од ЗБСП.

СВР Скопје презема и дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот.

Како срце имаат да го прават ова? Обиена и ограбена касата од манастирот во изградба Св. Василиј Острошки во прилепско Чумово (ФОТО)

Непознати сторители ја обиле и ја ограбиле касата од манастирот во изградба во прилепско Чумово, кој го носи името на Св. Василиј Острошки.

Од манастирот, кој се гради со многу љубов и огромна помош од верниците и стопанственици, објавија фотографии на социјалните мрежи и напишаа:

-Свети Василиј Острошки ти суди му за касата

Срамно и жално! Како срце имаат поединци да го прават ова?!

Владиката Петар ќе чиноначалствува со Архиерејска Божествена Литургија во храмот Св. Петка во Прилеп

Соопштение до верниците од црковниот храм Св. Петка во населбата “Точила” во Прилеп, по повод храмовата слава:

-Драги верници, браќа и сестри во Христа,

И ова 2025-то лето Господово, на 8 август (петок), ќе ја празнуваме славата на нашиот свет храм. По тој повод, Ве покануваме заеднички да го почувствуваме духот на вековната православна традиција и со молитвена радост да го прославиме празникот посветен на нашата заштитничка и молитвена застапничка пред Христа – светата преподобна маченичка Параскева (Петка) Римјанка, чиј живот претставува силна поука и пример за живеење според Евангелието.

Молитвеното чествување ќе започне во четврток, 7 август 2025, со празнична вечерна богослужба, која ќе започне во 17:30 часот.
Чествувањето ќе продолжи во петок, 8 август 2025, со Архиерејска Божествена Литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски, г. Петар.

По завршувањето на Литургијата ќе се отслужи панихида во молитвен спомен за бранителите што ги положија своите животи кај Карпалак.
Со љубов во Христа,

в.д. старешина, протоереј Љупче Петрески
со свештенството и настојателството
при храмот „Св. преп. мчца. Параскева (Петка) Римјанка“ – Точила

Второ и трето место за прилепските борачки од силниот меѓународен турнир во Белград (ФОТО)

На 2. август, во организација на боречкиот клуб “Црвена Ѕвезда”, во Белград се одржа Mеѓународен турнир, на кој учество зедоа и борачките од клубот „7 Ми Мај“ од Прилеп.

Во категоријата до 50 кг., Викторија Стојаноска го освои третото место, додека во категоријата до 53 кг., Ангела Трајкоска се закити со сребрен медал и го освои второто место.

Тамара Цветкоска, која се натпреваруваше во категоријата до 62 кг., го освои петтото место во многу силна конкуренција.

Иако Ангела и Тамара имаат само 17 години, тие се натпреваруваа во посилната категорија до 23 години (U23), покажувајќи зрелост, храброст и исклучителна борбеност.

Настапот на овие млади борачки претставува уште еден успех за клубот „7 Ми Мај“ и потврда за континуираната работа и посветеност во женското борење.

Тој е жив сведок на грозоморниот чин во кој загинаа 10 прилепски бранители – во 2011 им се оддолжи за нивната жртва за Македонија со импозантно спомен обележје (Фото галерија)

Карпалак – Сеќавање што не згаснува: 24 години од загинувањето на десеттемина прилепски херои

На 8 август 2025 година, Прилеп и цела Македонија ќе се навратат на еден од најтрагичните настани од поновата историја – 24 години од заседата кај месноста Карпалак, во која трагично загинаа десет прилепски бранители, бранејќи ја татковината во конфликтот од 2001 година.

Во спомен и чест на нивната жртва, во 2011 година, во центарот на Прилеп беше изграден спомен-комплексот „Карпалак“, инициран и реализиран од тогашниот градоначалник Марјан Ристески, кој и самиот беше еден од преживеаните учесници во немилиот настан.

Спомен комплексот “Карпалак” се наоѓа на раскрсницата помеѓу булеварот “Гоце Делчев” и улиците “Јоска Јорданоски” и “Васко Карангелески”.

Комплексот е длабоко симболичен – десет краци, што го сочинуваат централниот дел, ги претставуваат десеттемина херои, а на нивниот крај се издигнува светлечка кружна форма – топка која симболизира вечен живот, постојано пулсирајќи во ритамот на срцето, како што вечно ќе чука споменот на нивната храброст.

Со изградбата на овој спомен-обележје, Прилеп не доби само место за поклонение и почит, туку и современо сообраќајно решение, преку изградба на кружен тек во самиот центар на градот, кое своевремено беше целосно хортикултурно уредено, со функционални и чисти фонтани, како и модерно осветлување. 

Во срцето на комплексот се наоѓа и спомен-плоча со врежани имиња на загинатите бранители – за никогаш да не бидат заборавени:

🕯 Сашо Китаноски
🕯 Нане Наумоски
🕯 Бранко Секулоски
🕯 Марко Деспотоски
🕯 Ердован Шабаноски
🕯 Љубе Грујоски
🕯 Дарко Вељаноски
🕯 Веби Рушидоски
🕯 Горан Миноски
🕯 Пеце Секулоски

Ова спомен-обележје не е само камен, туку сведоштво. Сведоштво за пожртвуваноста, за болката, за честа. И најмногу од сè – опомена до младите генерации дека слободата и мирот се вредности кои мора да се чуваат со љубов, но и со сеќавање.

Вечна слава на хероите од Карпалак! Прилеп не заборава! Македонија се сеќава!

Во продолжение и потесетување на еден трогателен говор на Ристески за време на одбележувањето на 16-годишнината од овој немил настан:

Прилепски рок бренд кој трае веќе 17 години: THE HOUNDS го објавија датумот за концертот за својот 17. роденден

Најпознатите прилепски рокери, THE HOUNDS го најавија концерот за својот 17. роденден, кој веќе традиционално се одржува во срцето на прилепската Стара чаршија, во клуб “Калинка”.

Фото/Филип Ѓорѓиоски

-Поминаа 17 години откако прв пат почнавме да свириме во овој состав, како The Hounds. Безброј настапи, насмеани лица и распеани луѓе не следат насекаде каде настапуваме, за што сме преблагодарни.

Затоа, со гордост и чест ве каниме на нашиот годишен роденденски концерт, на 13ти Август во 21:00ч во срцето на старата Прилепска чаршија пред клубот Калинка!

Поканети сте сите, заедно со нашите пријатели уметници ќе направиме ноќ што долго ќе се памети и ќе го одбележи ова лето, ноќ што полека преминува во традиционално собирање на целиот град, а и луѓе од цела Македонија на едно место.

Од утре ви ги најавуваме сите гости на настанот! Ние сме мотивирани и посветени како никогаш до сега. Ви благодариме за се,
ние сме The Hounds и свриме само за ВАС – стои во поканата за концертот на социјалните мрежи.

Прилепскиот затвор доби иновативен и ефикасен систем за ладење, на иницијатива и со реализација од осудените лица (ФОТО)

ИНСТАЛАЦИЈА НА ИНОВАТИВЕН, ЕФЕКТИВЕН И ЕФИКАСЕН СИСТЕМ ЗА ЛАДЕЊЕ НА ПРОСТОРИИТЕ ВО КОИ СЕ СМЕСТЕНИ ОСУДЕНИ ЛИЦА ВО КПД ПРИЛЕП – ИНИЦИЈАТИВА И РЕАЛИЗАЦИЈА ОД ОСУДЕНИ ЛИЦА СО ПОДДРШКА ОД УСТАНОВАТА

Во Казнено-поправниот дом Прилеп, успешно е реализиран иновативен проект за климатизација на 16 простории во кои се сместени 80 осудени лица, со цел обезбедување пријатна и комфорна клима во летните месеци. Особената вредност на овој проект лежи во фактот што иницијативата, концептот и реализацијата се резултат на трудот и знаењето на самите осудени лица, со целосна поддршка од управата на установата и логистичка помош од надворешни партнери.

Опис на проект:

-Инсталација на 16 внатрешни единици од клима-уреди, кои се обезбедени како донација;
-Разработка и примена на ефикасен систем за ладење кој користи техничка вода од сопствен бунар како носител на ладење;

Опис на системот: Се користат внатрешни единици од стандардни клима-уреди, кои се поврзани со специјализирана инсталација за довод и одвод на техничка вода. Наместо користење на фреон и компресорски единици, системот ја искористува ниската температура на водата за ладење на воздухот во просториите.

Функционалност: Со циркулација на техничката вода низ единиците, топлиот воздух се разладува благодарание на ладната вода, која потоа повторно циркулира во системот.

Филтрација: На влезот на водата во системот се поставени соодветни уреди за филтрација, кои обезбедуваат чиста и безбедна вода за непречено и долгорочно функционирање на системот.

Технички предности, бенефити и трошок за прокет:

Температурата на воздухот во просториите се намалува до 17°C, овозможувајќи хумани услови во најтоплите месеци,
Вкупната електрична потрошувачка за внатрешните единици и циркулациона пумпа изнесува околу 912 kWh месечно,
Месечниот трошок за електрична енергија е приближно 6.455 денари (со вклучен ДДВ),
Вграден е филтер за прочистување на техничката вода пред нејзиното пуштање во системот,

Материјалите за системот чинат 40.000 денари, кои се обезбедени од страна на установата – со што проектот е целосно поддржан финансиски.

Со овој проект:
Се подобруваат условите за живот на осудените лица,
Се поттикнува нивна активна вклученост и развој на практични вештини,
Се демонстрира успешна примена на еколошки и одржливи решенија,

Се потврдува успешна соработка меѓу установа, осудени лица и надворешни партнери.

Планови за иднина:

Во наредниот период, се планира инсталација на уште 14 клима-единици во останатите простории,

Планирано е унапредување на системот со затворен систем за ладење користејќи антифриз, со што ќе се обезбеди уште поефикасна и стабилна работа на системот без загуба на течноста.

-Голема благодарност до сите осудени лица кои се вложија во реализацијата, како и до поддржувачите и донаторите кои го препознаа значењето на овој проект – напишаа од Управата за извршување на санкции на социјалните мрежи.

Прилепскиот рапер Дре и браќата од “Пука Козметика” снимија песна и видео спот со моќна порака (ВИДЕО)

“Бољи живот” е името на песната која прилепскиот рапер Андреј Јовановиќ – Дре ја сними заедно со браќата од “Пука козметика” и диџеј Славе.

Песната носи моќни стихови и силни пораки, а видеоспотот има одлична кореографија. Текстот е дело на тројцата рапери, а за музиката и аранжманот се погрижи Дре.

Песната се снимаше во студио “Алшар”, a за камерата и режијата се погрижи Катерина Јорданоска.

Слушнете во продолжение:

На прилепчанец прво му го украле, па запалиле возилото “рено меган”

-На 03.08.2025 во 19:20 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека во населба „Тризла“ во Прилеп, било пронајдено целосно опожарено патничко возило „рено меган“ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на С.П.(57) од Прилеп, кое претходно, истиот ден, било пријавено дека било одземено. Се работи на расчистување на случајот – информираат од МВР.

Во петок “Вечер на унгарски танци и песни” на платото пред ЦК “Марко Цепенков” во Прилеп

На 8 август 2025 / петок/ од 19.30 часот, на платото пред ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи Вечер на унгарски танци и песни, на која ќе настапат фолклорниот ансамбл Ризгетош и оркестарот Фокош. Концертот, кој е повеќегодишна традиција, е дел од пограмата на Центарот, од меѓународна соработка, а се реализира заедно со Здружението на Унгарците Теледом- Македонија, Амбсадата на Унгарија во земјава и Министеството за надворешни работи на Унгарија.

Податоци за изведувачите:

Народниот оркестар од Kishegyes – Rizgetős основан е пред 30 години. Членовите на друштвото се млади, заинтересирани за зачувување на унгарските народни обичаи, култура и народни танци. Во изминатите 30 години со Друштвото работеле најголемите познавачи од Унгарија, благодарејќи на што Друштвото е во постојан развој. Покрај автентичните народни танци, се занимава и со танцовен театаr. Големо внимание посветуваат на постојан развој и зачленување на нови млaди членови. И сега е во тек вклучувањето на една млада, нова генерзција во Друштвото. Секоја година учествуваат на познатиот војводински фестивал за народни танци Gyöngyösbokrа, и по мислењата на стручната фела со години наназад се сметаат за едни од најистакнатите унгарски народни ансамбли од Војводина. Од 2005та година редовно учествуваат на најелитните натпревари за народни ансамбли во Унгарија каде во 2007, 2009, односно 2011та се оценети со оценка за највисок квалитет . Во 2012та се добитници на плакетата Mартин. Главните кореографи на ансамблот се Паќерек Чаба (Patyerek Csaba) и Јовановиќ Паќерек Река (Jovánovity Patyerek Réka)

Народниот оркестар Фокош (Fokos) е формиран во 2010-та во Бечеј- Бојводина.

Во 2012-та година на фестивалот за млади талени “Fölszállott a páva” организиран од Унгарската национална телевизија – “DunaTV” Телевизија стасаа до полуфиналето, благодарејќи на што од градот Бечеј се одликувани за ширење на добриот глас за градот. На овој натпревар ја освоиле и посебната награда за најавтентичеn оркестар, за што добиле 50 часовно наградно студиско снимање во Будимпешта со снимање авторско ЦД. По ова имаат објавено уште 5 ЦД носачи. Во 2018та година оркестарот повторно учествувал на фестивалот “Fölszállott a páva” и тогаш победил во својата категорија. Досега покрај во Војводина и во Унгарија имат дадено концерти и во Македонија (2020 година настапуваа и пред прилепска публика), но и во Австрија, Чешка, Германија, Финска, Белгија Холандија и Велика Британија. Во 2018-та и 2019- та гостувале и во САД.