дома блог страница 255

БОМБА! Се отвараат над 50 предмети за висока корупција и ова е само почеток, најави Мицкоски

„Денес ја одржуваме конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, тело кое не е формалност, туку јасна и недвосмислена порака дека државата конечно застанува цврсто, системски и бескомпромисно против криминалот и корупцијата.

Оваа Влада ја започна борбата против криминалот и корупцијата не со декларации, туку со дела. Во моментов повеќе од 50 предмети за висока корупција се во постапка, случаи кои со години биле затскриени, одложувани или игнорирани. Но ова не е крај, туку почеток. Очекуваме отворање на нови случаи, темелни истраги и резултати што ќе ја вратат довербата на граѓаните во државата и институциите.

Јасно и гласно сакам да порачам: Нема селективна правда. Нема заштитени. Нема недопирливи.

За таа борба да биде успешна, потребно е јакнење на судството и обвинителството, институционално, кадровски и функционално. Само силно, независно и професионално судство и обвинителство можат да ја изнесат оваа борба до крај и да обезбедат правдата да не биде спора, ниту селективна, туку ефикасна и правична.

Јас сум за засилени мерки во борбата против корупцијата. Но борбата не завршува со кривична постапка. Борбата мора да заврши со одземање на незаконски стекнатиот имот. Затоа што криминалот не смее да се исплати.

Украденото мора да се врати кај народот.

Токму затоа ги воспоставуваме овие механизми и токму затоа денес го конституираме овој Совет. Конфискацијата на незаконски стекнатиот имот и имотната корист не е едноставен чекор, таа е повеќедимензионален и комплексен процес, кој опфаќа повеќе фази, меѓусебно поврзани и условени, во кои се вклучени повеќе институции со јасно дефинирани надлежности и одговорности.

Следејќи ги фазите на постапката за поврат на имот, Стратегијата за периодот 2025 – 2028 година јасно ги дефинира трите приоритетни области на дејствување:

Прво, пронаоѓање, идентификување и следење на незаконски стекнатиот имот и имотната корист, не само во земјата, туку и надвор од неа, преку меѓународна соработка и современи финансиски истражни механизми.

Второ, привремено обезбедување и конфискација на имот и имотна корист, брзо, ефикасно и во согласност со законот, без простор за манипулации, одолговлекувања или злоупотреби.

И трето, ефикасно управување со одземениот и конфискуваниот имот, вклучително и неговата повторна употреба за социјални цели, затоа што одземениот криминален имот мора да добие нова, општествено корисна вредност и да се врати во служба на граѓаните.

Овој Совет, под водство на потпретседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, има клучна улога во координацијата, надзорот и стратешкото насочување на сите овие процеси. Очекувам од вас професионалност, храброст и интегритет, но пред сè резултати.

Денес поставуваме темели на систем во кој правдата не е декларација, туку пракса, во кој борбата против корупцијата не е политички слоган, туку државна политика и во кој институциите работат во интерес на граѓаните, а не во заштита на поединци.

Ова е борба за правна држава.

Ова е борба за доверба.

Ова е борба за достоинството на граѓаните.

И во таа борба, нема да отстапиме.

Ви посакувам успешна и одговорна работа.“

Прилепчанец возел пијан во Крушево – полицијата го фати и ќе го гони кривично

-На 01.02.2026 во 01:05 часот на ул.„Тодор Проески” во Крушево, полициски службеници од ОВР Крушево го лишиле од слобода Д.Д.(23) од Прилеп. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле патничко возило ,,голф“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Д.Д., при што било констатирано дека тој е под дејство на алкохол, односно измерени му биле 1,58 промили алкохол во крвта.

По документирање на настанот ќе биде поднесена пријава за „безобѕирно управување на возило” по чл. 297-а од КЗ – информираат од МВР.

Доцна синоќа претреси во Битола, пронајдена дрога, лишена од слобода 18-годишна девојка

Од полицискиот билтен на МВР:

На 02.02.2026 во 02:00 часот на ул.„Партизанска” во Битола, полициски службеници од СВР Битола ја лишија од слобода М.Р.(18) од Битола затоа што кај неа е пронајдена прашкаста материја. Подоцна, со наредба на Основен суд Битола, извршен е и претрес во нејзиниот дом, при што е пронајдена и одземена марихуана.

На 02.02.2026 во 01:05 часот на ул.„Илинденска” во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода О.Н.(40) од Битола. При претрес во неговиот дом, истиот извршен со наредба на Основен суд Битола, пронајдени и одземени се грутчеста и прашкаста материја, метални предмети со остатоци од прашкаста и растителна материја, дигитални ваги и други предмети со остатоци од дрога.

По целосно документирање на случаите, против двајцата ќе бидата поднесени соодветни пријави.

Ексклузивно: Само на Стража и во LIQUOR STORE во Прилеп (ФОТО)

Љубителите на автентичните македонски вкусови имаат нова причина за задоволство. Добро познатиот и високо ценет домашен ајвар „Мекиците од Стража“ од неодамна е достапен и во Liquor Store во Прилеп – еден од најснабдените дисконти за алкохолни и безалкохолни пијалоци во градот.

Подготвен по традиционален рецепт, со внимателно одбрани пиперки и без компромис во квалитетот, ајварот „Мекиците од Стража“ важи за еден од најбараните домашни производи, препознатлив по својот богат вкус и домашна арома. Совршен е како додаток на трпезата, но и како идеален спој со добро вино, ракија или пиво.

Aјварот e произведен од 100% печена пиперка од сопствените насади на “Мекиците од Стража” во с. Сарчиево. Станува збор за производство со комплетно контролиран процес од почва, засадување, наводнување… до производство, по домашен рецепт од 1942 година.

Liquor Store, кој се наоѓа на ул. „Егејска“ во Домот „Спиро Забрчанец“, нуди богат избор на пијалоци од реномирани домашни и странски брендови, а со додавањето на овој традиционален македонски производ, концептот „сè на едно место“ добива уште поголема вредност.

Ајварот „Мекиците од Стража“ веќе ве чека – изберете го омилениот пијалок и уживајте во совршениот спој на вкус и традиција.

 

(ВИДЕО) Уште една радосна вест од Клиниката за детски болести – Принцезата Амина ја победи болеста и го чукна среќното ѕвоно

Од Клиниката за детски болести во Скопје информираат за уште една радосна вест, откако победничкото ѕвонче повторно одекна, симболизирајќи успешно завршена тешка битка со болеста.

Како што соопштуваат од Клиниката, малата Амина, која ја нарекуваат нивна „суперхероина“, храбро ја поминала и ја добила најважната животна битка. Со ѕвонењето на победничкото ѕвонче, персоналот и присутните ја споделија радоста и надежта за нов, посреќен почеток.

Од Клиниката за детски болести и упатија искрени желби за многу здравје, среќно и безгрижно детство, посакувајќи ѝ на Амина иднина исполнета со насмевки и радост.

​Желимир Трикиќ е нов тренер на ФК Росоман

​Екипата на Росоман влегува во пролетниот дел од Трета лига – Југ со промени на клупата. Нов стратег на тимот е 28-годишниот Желимир Трикиќ, кој го презема кормилото од Никола Глигоров.

Трикиќ е добро познато име за фановите, со оглед на тоа што долго време го носеше дресот на Росоман, а своето искуство го градеше и во екипите на Тиквеш и Брера Струмица.

​Тимот веќе ги започнува подготовките за вториот дел од сезоната. Моментално Росоман се наоѓа на третата позиција со 24 бодови, седум помалку од лидерите Борец и Превалец.

Пролетната полусезона ја отвораат со тешко гостување во Велес кај директниот ривал Борец, натпревар кој може да биде пресуден за амбициите на клубот за врвот на табелата.

Го “прегорел” дрегерот – Уапсен жител на Кривогаштани, дувнал 3,37 промили

-На 31.01.2026 во 18:37 часот на место викано „Стопанство” во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода С.Д. (51) од с. Кривогаштани, прилепско. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле патничко „фиат” со прилепски регистарски ознаки, при што било констатирано дека С.Д. е под дејство на алкохол, односно измерени му биле 3,37 промили алкохол во крвта – информираат од МВР.

Ристески: “Нема да дозволиме изнудени решенија за минималната плата, кои би биле повеќе на штета отколку во корист на граѓаните”

Владата нема да прифати, како што беше пракса во минатото, решенија предложени од АД ХОК за зголемување на минималната плата кои одат во корист на една страна, а на штета на друга.

Ова го истакна заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески на вчерашниот брифинг со новинарите во Прилеп, нагласувајќи дека нема да се дозволат политички притисоци и уцени преку одредени синдикални структури.

Тој посочи дека токму поради вакви избрзани одлуки во минатото, донесени без реална основа и без консултација со Министерството за финансии, биле склучени договори кои не биле ниту правични ниту одржливи.

„Денес во јавниот сектор со различни колективни договори, правилници, други одлуки, во различни институции имаме неправда према голем број на вработени. Исти вработени, на исти позиции во различни институции да земаат различна плата и тоа мислам дека е направена една голема неправда за одреден дел од вработените во одредени институции. Исто така да напоменам дека имаа период од една година да седнат со работодавачите да се договорат, имаа период од една година да го прифатат она што како колективен договор е понудено од страна на Владата со тој репрезентативен синдикат за системско зголемување на платите во јавната администрација. Од која причина тоа не го прави ССМ и УПОЗ тие најдобро го знаат“, рече Ристески.

Тој истакна дека интенцијата на Владата е платите во Македонија да растат, но врз основа на реални параметри.

“Се она што е понудено на маса е врз база на тие реални параметри каде што очекуваме во наредните 2 години и 3 месеци да имаме 40% зголемување на платите во јавната администрација, меѓутоа и во приватниот сектор, без притоа да направиме несакани политички интервенции и турбуленции во економијата во Македонија“, додаде Ристески.

Зимска идила на Нижеполе – Уживање за сите генерации (ФОТО/ВИДЕО)

Денес Нижеполе е покриено со обилни снежни врнежи, носејќи радост, детски насмевки и вистинско зимско уживање. Чистиот планински воздух и магичната белина создаваат совршена сцена за прошетка и незаборавни моменти.

Нижеполе ве кани – дојдете и уживајте во зимската бајка!

Тешка сообраќајка кај прилепско Галичани – учествувале 4 возила

-31.01.2026 во 11:10 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на патот Прилеп – Битола во близина на с.Галичани, прилепско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сеат“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Ј.Ј.(31) од Битола, патничко возило „опел“ со битолски регистарски ознаки, управувано од С.Т.(38) од с.Горно Оризари, битолско, патничко возило „рено“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Л.М.(18) од с.Крклино, битолско и патничко возило „фиат“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Д.И.(40) од Прилеп.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Ј.Ј., констатирани во Градската општа болница Прилеп. Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Прилеп – информираат од МВР.