дома блог страница 176

Ристески на средба со трговците со гас: “Намалете ги маржите, граѓаните не смеат да ја плаќаат кризата”

Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, информира дека во Министерството за економија и труд е одржана работна средба со претставници на компаниите увозници и трговци со течен нафтен гас (ЛПГ), на која се разговарало за актуелните ценовни движења на пазарот.

На средбата присуствувале и министерот Бесар Дурмиши, заменик министерот за енергетика и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ, како и директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски.

Како што посочи Ристески, инспекциските служби на Државниот пазарен инспекторат се континуирано на терен, при што во контролите се евидентирани значителни разлики меѓу набавните и продажните цени на ЛПГ. Ова, според него, укажува на потреба од поголема одговорност кај трговските субјекти во формирањето на цените, особено во услови на енергетска криза.

„Упатен е јасен повик до увозниците и трговците за намалување на трговските маржи, со цел да се ублажи ценовниот притисок и да се заштити животниот стандард на граѓаните, како и конкурентноста на домашните компании“, истакна Ристески.

Тој нагласи дека во овој период сите пазарни чинители треба да покажат поголема општествена одговорност, а цените да се формираат согласно пазарната логика, без создавање дополнителни ценовни шокови.

Од институциите најавуваат засилен мониторинг на пазарот и координирани активности, со цел обезбедување фер и транспарентни услови и спречување на евентуални злоупотреби при формирањето на цените.

Водата е живот-заедно ја чуваме: Коњановски и Гинов на средба со претставници на швајцарската амбасада за реализација на важен проект

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски денеска присуствуваше на работниот состанок во ЈП „Водовод“ Битола, каде со директорот Андреј Гинов имаа средба со претставници од швајцарска амбасада за реализација на проектот за надминување на постојните предизвици.

Проектот кој е насочен кон модернизација на водоводниот систем, опфаќа прецизна евиденција и контрола на потрошувачката, воведување SCADA систем и современи водомери, подобрување на наплатата и намалување на загубите, со посебен акцент на руралните средини.

Оваа иницијатива произлегува од реалната потреба за технолошка модернизација и дигитализација на системот, со цел обезбедување поефикасно управување со водните ресурси.

На средбата беше истакната значајната соработката и со европските фондови, чија поддршка овозможува развој и имплементација на современи решенија. Нивното активно учество претставува клучен фактор за
понатамошно унапредување на системот.

Овој проект претставува прва фаза од поширок процес, кој во иднина треба да прерасне во целосна дигитализација на водоводната мрежа, особено во делот на автоматизирано отчитување во руралните средини.

Со инвестиции во инфраструктурата и дигитализација, се очекува зголемена ефикасност на системот, подобрување на услугите кон корисниците и одржливо и одговорно управување со водните ресурси.

Затвореник oд прилепскиот затвор измамен за 890.000 денари, му било ветено дека ке му се намали казната

На 21.04.2026 во 12:30 часот во ОВР Прилеп, осуденик од Kазнено– поправната установа Затвор Прилеп пријави дека бил измамен од К.К. за сума од 890.000 денари.

Според пријавеното, пред околу два месеци, K.K. го довел во заблуда дека ќе му помогне да му се намали затворската казна, a за возврат од него ги побарал и добил парите во неколку наврати. Но, откако сфатил дека бил измамен, настанот го пријавил во полиција.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

70 години подоцна – Витаминка ја раскажа приказната што сите ја живеевме

Седум децении постоење, посветеност и препознатлив вкус – Витаминка одбележува значаен јубилеј кој не е само бројка, туку приказна што ја живееле генерации.

Во чест на 70 години постоење, компанијата објави нов емотивен времеплов што нè враќа низ децениите и ги оживува најважните моменти од нејзиниот развој.

Патувањето започнува од скромните почетоци, од првата АЛОВА пипер, до создавањето на производи кои станаа дел од секојдневието. Со текот на годините се раѓаат брендови што оставаат белег, како Стоби Флипс, инспиративната Дафинка, освежителната Цевитана и уште многу други вкусови со кои пораснаа генерации.

Јубилејниот спот е креиран со помош на вештачка интелигенција, но она што го носи е многу повеќе од технологија, тоа е искрена емоција, радост и гордост.

Преку внимателно избрани сцени, рекламата ја раскажува приказната за растот, предизвиците и успесите, но пред сè – за луѓето кои ја граделе Витаминка низ годините.

Коњановски домаќин на амбасадорката на Норвешка

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски денеска ја прими амбасадорката на Кралството Норвешка, Кристин Мелсом во придружба на Дритон Кучи, Амбасадор на Македонија во Норвешка.

На средбата беа разменети мислења за билатералните односи што, во изминативе неколку децении меѓу двете земји се засноваат на традиционално пријателство и конструктивно партнерство.

Беа разменети мислења за начините на соработка меѓу двете земји, за универзитетската соработка, а градоначалникот на Битола ја запозна амбасадорката со личната карта на Битола и потенцијалните можности за соработка во повеќе полиња.

Амбасадорката Мелсом преку амбасадата во Белград, Србија е надлежна за регионот, вклучително и за Македонија.

ИЏЕ ја стартува новата европска сезона и одбележува јубилеј – 25 години на тркачките патеки

Игор Стефановски Иџе викендов од Австрија ја стартува новата сезона во ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки (EHC), најпрестижното натпреварување во оваа дисциплина. Стартот е на легендарната патека Рекберг, каде македонскиот ас влегува со дополнителен мотив, одбележува 25 години тркачка кариера.

Трикратниот европски шампион продолжува да испишува историја, овојпат поради јубилејот, со нова енергија, брзина и амбиција. „Летечкиот Македонец“ ќе се соочи со силна конкуренција – повеќе од 250 возачи во шампионат кој годинава брои 10 трки низ Европа.

Сезоната стартува со тренинзи во сабота, а кулминира со трките во недела (26 април), додека завршницата на шампионатот и годинава е планирана во Хрватска, во септември.

По двете успешни сезони, Иџе соработката со Ферари ја продолжува и оваа година. Ќе настапува со моделот Ferrari 488 Челинџ специјално подготвен „ѕвер“ за ридски патеки.

„Со силна возбуда ја очекувам првата трка. Оваа сезона е посебна, 25 години на патеката се голем мотив да дадеме максимум. Очекувам одлични резултати и силен шампионат. Благодарност до мојот тим, до Ферари, до спонзорите-постоечките и новите, како и до сите што ни даваат поддршка“, изјави Стефановски.

-Тимот на Видеолотарија Касинос Австрија и овојпат силно верува во него. Ние сме горди што повеќе од една деценија заедно навиваме за Иџе и Македонија, стои во соопштението од видеолотарија

Уникатен уметнички проект – Во понеделник во “Цепенков” ќе се одржи концертот “Мевлем”

Во организација на НУЦК „Марко Цепенков“, на 27 април (понеделник) со почеток во 19:30 часот, во фоајето на установата ќе се одржи концертот „Мевлем“ – уникатен уметнички проект кој ги спојува музиката и поезијата во една длабоко емотивна целина.

Зад проектот стои композиторот и поет Марко Виденовиќ, чие авторско творештво веќе предизвикува силен одек кај публиката, како во земјава така и надвор од неа. „Мевлем“ со секоја своја изведба ја потврдува својата автентичност, но и способноста да допре до најсуптилните човечки чувства, отворајќи простор за лично доживување и внатрешно препознавање.

На сцената ќе настапат музичарите Памела Велкова (виолина), Верица Ајтовска (виола), Енис Аљи (виолончело), како и самиот автор на пијано и глас. Нивната изведба носи внимателно изграден музички израз, каде секој тон и секој збор имаат своја тежина и значење.

Програмата вклучува композиции создадени специјално за „Мевлем“, како „Прегратки“, „Чекорејќи низ небото“, „Рингишпил“, „Лечебна“, „Вечност“, „Бескрајна песна“, „Мигови“, „Копнеж“ и „Убав човек“, но и дела како „Матанго“, „Ја излези“ и „Олд базаар“, напишани за трио виолина, виола и виолончело. Станува збор за иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија, каде границите меѓу жанровите се избришани.

„Мевлем“ не е класичен концерт, туку уметничка исповед – интимен дијалог меѓу музиката и зборот, меѓу изведувачите и тишината, меѓу сцената и публиката. Инспириран од љубовта, болката, надежта и тишината, проектот нуди искуство кое останува длабоко врежано кај присутните.

Овој настан претставува ретка можност за прилепската публика да биде дел од едно поинакво уметничко доживување – искрено, тивко и силно во исто време, каде уметноста станува средство за поврзување, разбирање и лекување.

Пет прашања со DUO FISH: Еве зошто во петок треба да сте на најдобрата тераса во Прилеп

Овој петок, атмосферата во Pub Club Terasa ќе ја загреат DUO FISH – дуо кое носи емоција, хитови и вистински викенд вајб. Им поставивме пет брзи прашања, а вие, еве зошто треба навреме да резервирате.

1. Каква вечер не’ очекува во петок?

-Во петок нè очекува прекрасна, спонтана вечер со многу познати македонски и ex-yu хитови.

2. Што најмногу ви се допаѓа кога настапувате на Тераса?

-Најмногу ни се допаѓа амбиентот, бидејќи е прав паб за фина, спонтана дружба.

3. Песна што мора да се испее заедно?

– „Ноќ ми те должи“

4. Што најмногу ви се допаѓа кај прилепската публика?

-Кај прилепската публика најмногу и отсекогаш ни се допаѓа тоа што во секој локал каде што сме настапувале гледаме публика од сите генерации – што се вели од 7 до 77. Во другите градови низ државата не е така како во Прилеп.

5. Зошто никој не смее да го пропушти петок?

-Петок не смее никој да го пропушти, затоа што очекуваме прекрасна вечер, спонтана (како и секогаш) – едноставно вечер за добро, опуштено петочно расположение.

Петок, 24.04. почеток 21:00 часот!

Резервирајте навреме на тел. бр. 070-304-967

Николоски од Виена: Дијаспората клучен партнер за инвестиции и економски раст

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, како дел од делегацијата, оствари средба со македонската дијаспора во Виена, Австрија.

Како што соопшти Николоски, на средбата било истакнато дека блиската соработка меѓу Македонија и Австрија се темели и на бројната македонска заедница која живее и работи во оваа земја.

„Разговаравме за продлабочување на нашите односи, што ќе придонесе за зголемување на економијата и инвестициите во Македонија“, посочил Николоски.

Тој нагласил дека Владата останува посветена на создавање поволни услови за сите граѓани од дијаспората кои се подготвени да се вратат и да инвестираат во државата.

Според него, ваквиот пристап има за цел активно вклучување на дијаспората во економскиот развој на Македонија и зајакнување на севкупните билатерални односи со Австрија.

„КОД 369“ и „Паркети“ со заедничка песна на хрватски – „Vode nas svjetla“ (Видео)

„V ode nas svjetla“ е најновиот видео запис соработка помеѓу КОД 369 и Паркети. Песната е наменета за целиот регион и објавена со пооддршка на Кроација Рекордс и емитувана на нивните медиуми со премиера на ЦМЦ телевизија.

Се работи за песна во инди-поп стил и раскажува приказна за претстојниот летен период во кој ќе се случуваат многу авантури, симпатии и случајни средби кои имаат потенцијал да се претворат во
долготрајни другарства и љубови.

Музиката е на Сашо Паркет, текстот е на Ирена Димовска, а аранжманот е на Даниел Митревски и Сашо Паркет.

Музиката е снимена во студиото Ателје на Даниел Митревски, видеото е на Дејан Трајчевски – Ендорс
Продукција, светло мајстор Никола Георгиевски, шминка Ксенија, а локацијата е Центар за култура – Битола.

Изведувачите истакнуваат голема благодарност до директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски, како и до Амир Бахтијаревиќ и Мирна Шкргатиќ.