дома блог страница 173

Популарниот сајт од Лондон – Time Out, ја рангираше Битола во топ 5 дестинации во Европа што вредат да се посетат

Веб сајтот timeout.com, за кој работат локални новинари и експерти и кој е дел од компанијата Time Out, основана уште во 1968 во Лондон, објави статија со наслов „Најпотценетите дестинации во Европа за 2026 година – скриени бисери подалеку од толпите“. На оваа листа, од предложените 24 локации, Битола се наоѓа на четвртото место како прекрасна дестинација за голем број посетители кои може да уживаат во прекрасната архитектура и во познатиот град на конзулите да ја почувствуваат историјата која блеска од секој агол.
Повеќе информации за оваа статија може да се прочитаат на следниот линк https://www.timeout.com/…/most-underrated-travel….
Токму ваквиот контекст со кој Битола станува европски и светски препознатлива е потврда за оправданоста на инвестициите со кои локалната самоуправа неодамна инвестираше во осветлување на најпознатата и најамбиенталната улица во Битола, Широк Сокак (https://www.facebook.com/share/v/1DGKwr4T45/).
Исто така, оваа локална самоуправа после 10 години, во 2023 година, изготви нова Стратегија за локален економски развој, со која беа детектирани сите недостатоци и потреби за економски и туристички напредок на Битола, вклучувајќи и инвестиции во потепелистерието кои се од голема важност за промоција на Битола како туристичка дестинација.
Овој стратешки документ (https://www.bitola.gov.mk/wp-content/uploads/2024/11/Стратегија-за-локален-економски-развој-2023-2027.pdf), во значителна мера придонесе за воочување и на голем број проблеми на терен за кои претходно недостасуваа податоци, што подразбира изработка на нови и измени и дополнувања на затекнати проектни документации.
Ваквите објави кои ја промовираат Битола во своето најдобро светло, истакнувајќи ја убавината на нејзината архитектура и пелистерското богатство, претставуваат силен мотив за нови инвестиции, дури и кога тоа подразбира повеќегодишна и макотрпна работа.

Прилепчанецот ЧОРБЕ, растура во Србија, играч на колото со два погодоци за ТСЦ

26-годишниот Андреј Тодороски е роден во Прилеп. Веќе втора сезона има одлични настапи за српси ТСЦ

Тодороски во последното коло од Српската супер лига постигна два гола во триумфот на својата екипа над Спартак Суботица, носејќи на својот тим важни три бода во обидот да се обезбеди уште една сезона настап во прволигашката конкуренција.

Тодороски, кој во зимскиот преоден рок 2025 година пристигна во ТСЦ за сума од околу 450.000 евра, одигра еден од своите најдобри натпревари во дресот на клубот од Бачка Топола. Покрај головите, се истакна и со низа квалитетни дриблинзи, креативни додавања и постојана опасност по противничката одбрана.

На листата на стрелци, Тодороски сега има 6 погодоци и уште исто толку асистенции.

15 години симбол на љубовта и хуманоска – Во Крушево одбележана 15-годишнината од отварањето на Спомен куќата на Тоше

15 години од отворањето на Спомен куќата на Тоше Проески – симбол на љубовта и хуманоста.

Во Крушево одбележана 15-годишнината од отворањето на Спомен куќата на Тоше Проески – едно од најзначајните места кое го чува споменот за неговиот лик и дело.

На одбележувањето присуствуваше и градоначалникот Нико Чонески, кој истакна дека Спомен куќата претставува симбол на големото срце, хуманоста и безвременската музика на Тоше.

„Тоше е спомен и дел од нашиот идентитет и гордост на Крушево и Македонија. Неговото дело продолжува да инспирира генерации и да не обединува во љубовта, добрината и човечноста“, порача Чонески.

Тој нагласи дека локалната самоуправа останува посветена на негувањето на наследството на Тоше Проески, како и на развојот на Крушево како достојно место кое го чува споменот за една од најголемите музички ѕвезди на Балканот.

Спомен куќата на Тоше Проески, сместена на Гумење, веќе 15 години привлекува илјадници посетители од земјата и странство, кои доаѓаат да му оддадат почит на легендарниот пејач чија музика и хуманост оставија неизбришлива трага.

Македонистите од Гимназија “Мирче Ацев” најдобри во регионот

Викендов во ООУ “Гоце Делчев” Прилеп се одржаа Регионалните натпревари по Македонски јазик и литература. На истите, гимназијалците од “Мирче Ацев” покажаа одлични резултати и дури четири ученици се пласираа на Државниот натпревар.

Ивана Атанасоска од IV година освои 95 поени, а Марија Матеска од прва година 85. И двете ученички се под менторство на проф. Мартин Наумоски.

Пласман на Државно првенство имаат и Мила Вршкоска со 92 и Јована Тодороска со 79 од втора година под менторство на проф Емона Јованоска.

Успешно учество, но за жал без пласман на Државно имаше и ученикот Матеј Комициоски под менторство на проф Христина Кочоска.

Им посакуваме успех и одлични резултати во иднина.

Спектакл што пишува историја: Авантгард КУП 2026 – Триумф на естетиката, врвна организација и незаборавен сјај во Прилеп (Фото галерија)

На 19 април 2026 година, Прилеп беше сведок на настан што со право ќе остане врежан во колективната меморија како симбол на врвна посветеност, визија и беспрекорна реализација. По повеќе од 25 години, повторно се испиша ново поглавје во историјата на ритмичката и естетската групна гимнастика со величествениот „Авантгард Куп“, организиран од Клубот за естетска гимнастика „Авантгард“ – Прилеп.

Во спортската сала се одвиваше вистински спектакл, каде секој детал беше доведен до совршенство. Организацијата беше на ниво што ретко се гледа – не само кај нас, туку и во европски и светски рамки. Од прецизната координација, техничката подготвеност, до топлата атмосфера и професионалниот пристап – сè беше доказ за една висока спортска култура и извонредна организациска моќ.

На ,,Авантгард Куп,, учество зедоа околу 100 учесници од различни категории ( А, Б и Ц) во индивидуални и групни вежби со и без реквизит од клубовите:

-Клуб Авантгард Прилеп
-Клуб Салто Битола
-Клуб Ритмико Пируета Скопје и
-Клуб Ритмикс Косово

Настапите на учесниците донесоа магија на подиумот – грациозност, синхронизација и уметничка експресија што ги воодушеви присутните. Публиката беше дел од едно неповторливо доживување, каде спортот и уметноста се споија во едно возвишено искуство.

На крајот беа доделени медали и награди во секоја категорија за кои награди одлучуваше професионално жири составено од 11 национални и 2 интернационални судии.

„Авантгард“ – Прилеп не само што го врати сјајот на ваквите настани во градот, туку постави нови стандарди за организација, квалитет и инспирација. Овој куп не беше само натпревар – беше празник на гимнастиката, доказ дека со визија, труд и љубов се создаваат настани што ја надминуваат сегашноста и оставаат траен белег за иднината.

Прилеп блескаше, гимнастиката триумфираше, а „Авантгард Куп 2026“ засекогаш ќе остане запаметен како симбол на успех, гордост и беспрекорност.

Клуб Авантгард упатува искрена благодарност до нашите спонзори Витаминка, Кожувчанка, BIMFOOD, MATADOR и Општина Прилеп за поддршката и довербата што ја дадоа за успешно реализирање на настанот Авантгард Куп, одржан на 19.04.2026 година.

-Вашата помош беше значаен дел од организацијата и придонесе овој спортски настан да биде вистински празник на гимнастиката. Воедно, огромна благодарност и до целиот тим, сите соработници и ангажирани лица кои со труд, посветеност и енергија овозможија овој настан да изгледа навистина спектакуларно. Заедно покажавме дека кога има љубов кон спортот, тимска работа и поддршка – резултатите се незаборавни. Благодариме од срце – велат од прилепскиот клуб.

qrf

Битола се менува секој ден! Се асфалтира улицата „СРУ 5“

Во Битола започна асфалтирањето на улицата „СРУ 5“ која е важна сообраќајница во некогашната касарна.

Таа ги поврзува од едната страна улицата „Партизанска“, а од спротивната страна улицата „Крушевска Република“.

„За некои ова ќе изгледа како свечен чин, а за нас е секојдневна редовна работа, бидејќи уличната и патната инфраструктура се наш приоритет“, рече градоначалникот Тони Коњановски.

Претходно се работеше на тротоарите од двете страни кои се со по 2,5 метри ширина и беа поставени коловозните рабници. По асфалтирањето на коловозот ќе се работи на велосипедската патека, а местото и хортикултурно ќе се уреди.

 

Улицата има комплетна инфраструктура, атмосферска и фекална канализација и водоводна инсталација, а доби и улично осветлување.

Инвестицијата е над 9 милиони денари.

-Овде не застануваме, продолжуваме со нови проекти за подобри услови за комуникацијата на граѓаните во делот на патната инфраструктура – велат од општина Битола.

После долги години конечно! Објавена набавка за 100 нови амбулантни возила за јавните здравствени установи низ државата

Министерство за здравство објави јавна набавка вредна над 460 милиони денари, со која е предвидена набавка на 100 нови амбулантни возила опремени со современа медицинска опрема. Одлуката е донесена согласно заклучок од владина седница, а возилата ќе бидат наменети за јавните здравствени установи низ Република Северна Македонија.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 461.250.000 денари, а во моментов е во тек законскиот рок за доставување понуди од заинтересираните компании. Новите амбулантни возила ќе бидат целосно опремени за потребите на итната медицинска помош, со што значително ќе се подобрат условите за интервенција на терен.

Министерот за здравство, Азир Алиу, посочи дека станува збор за стратешка инвестиција која ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните. Со оваа набавка се очекува побрза реакција при итни случаи, поефикасен и побезбеден транспорт на пациентите, како и подобра територијална покриеност, особено во руралните средини.

Проектот претставува дел од пошироката стратегија за модернизација на здравствениот систем, со фокус на зајакнување на капацитетите на итната медицинска помош и обезбедување навремен и организиран одговор во кризни ситуации.

Жена лидер со резултати: Даниела Перканоска помеѓу најуспешните 30 жени менаџерки во Македонија

Агенцијата „Марили“ годинава, јубилејно, по 30-ти пат ги награди најуспешните жени менаџери од земјава. Манифестација се одржа на 23 април 2026 година, во Хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје, како вечерна свеченост, а помеѓу наградените одново се најде и Даниела Перканоска – менаџер на компанијата “Авто Контрол” од Прилеп.

-Со голема чест и благодарност ја примив наградата на 30-тата јубилејна манифестација за најуспешни жени менаџери, за континуирано успешно менаџирање и траен придонес во македонската економија. Ова признание не е само мое — тоа е резултат на посветената работа, довербата и поддршката што секојдневно ја добивам. Посебна благодарност до мојот тим во Авто Контрол, кој е столбот на секој наш успех, до моето семејство посебно моите ќерки — мојата најголема инспирација и сила, како и до сите наши клиенти и соработници за довербата и лојалноста низ годините.Продолжуваме посветено, одговорно и со визија за уште поголеми успеси, напиша Перканоска на социјалните мрежи по добиената награда.

Перканоска, пред четири години, односно во 2022 година, го доби престижното признание на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, организирана од агенцијата „Марили“, но ова година признанието има посебна важност, со оглед дека станува збор за јубилејно издание на манифестацијата.

Како генерален менаџер на „Авто Контрол Прилеп“, Перканоска се издвојува со својот континуиран успех во управувањето и развојот на компанијата. Таа е една од ретките менаџерки надвор од главниот град која успеала да се закити со ова значајно признание.

Агенцијата „Марили“ по јубилеен, 30-ти пат ги додели признанијата на најуспешните жени менаџери, обединувајќи ги најдобрите од досегашните избори. Јубилејното издание „Избор на најуспешни жени менаџери 2026“ ги обедини бизнис-лидерките од различни сектори, кои со својата работа оставиле значаен белег во македонската економија.

Годинава беа наградени 30 менаџерки, избрани врз основа на строги критериуми, меѓу кои најмалку десетгодишно успешно управување во приватниот сектор, континуирани деловни резултати и позитивни препораки од деловните партнери.

Во продолжение список со овогодишните лауреатки:

1. Даниела Адемоска – Сопственичка и извршна директорка, DoubleTree by Hilton, Скопје

2. М-р Јаглика Јорданова Андријеска – Управувачки партнер, „РСМ МАКЕДОНИЈА“, Скопје

3. Александра Шкемби Антовска – Генерална директорка, „СИГАЛ ЛАЈФ ИНШУРЕНС ГРУП“ Македонија

4. Филомена Пљаковска Аспровска, главна извршна директорка, „Интернационален Картичен Систем АД Скопје“ – КаСис

5. Наташа Паунова Блажевска, сопственичка и генерална менаџерка, „Л&Н&Т Диагностик“ ДОО, Скопје

6. М-р Ѓулај Салиевска – Гештаковска, управителка и генерална менаџерка, „Кондево МК ДООЕЛ“ Штип

7. Д-р Жанина Петрова – Грајиќ, хирург, офталмолог, косопственичка и менаџерка, ПЗУ Центар за очи „Визиа“, Скопје

8. Мелита Гугуловска, генерална директорка, САВА Осигурување А.Д. Скопје

9. Д-р Горица Дачевска, дерматовенеролог, сопственичка и генерална менаџерка, ПЗУ „Др. Горица“, Скопје

10. Доц. д-р Тања Дејаноска, претседателка на Комората на приватно здравство на Македонија, сопственичка и генерална менаџерка на Dental International – Prof. dr. Dejanoski, Скопје

11. М-р Дафинка Ивановска, адвокатка, Рубинов директор во „тианДе“ и извршна менаџерка во „Ревитал Козметикс“, Скопје

12. М-р Ирена Јакимова, сопственичка и менаџерка во „Инспирит Коучинг“, Скопје

13. Д-р Јелисавета Георгиева – Јовевска, потпретседателка на „Стопанска комора на Северна Македонија“

14. М-р Ангела Јолакоска, косопственичка и генерална менаџерка во „АСП Консалтинг“, Охрид и финансов менаџер во „АСП ПАК“ Охрид

15. Билјана Караманолевска, сопственичка и генерална менаџерка, „Светот на Колорес“, Скопје

16. Ленче Карпузовска, менаџер за комуникации, „ЕВН Македонија“

17. М-р Марија Костуранова, сопственичка и генерална менаџерка, „Диоптра Оптикс“, Скопје

18. Биљана Мишиќ, извршна директорка, ИУТЕ Македонија

19. Васка Мојсовска, сопственичка и генерална менаџерка, „Агро Калем“, Тимјаник, Неготино

20. Елена Пандева, сопственичка и генерална менаџерка, „ЕЛЕНА ЛУКА ГРУПAЦИЈА“, Скопје

21. М-р Марија Патриклиска, Менаџер во Оддел за човечки ресурси, „ЕАМ“ ДОО, Штип

22. М-р Даниела Перканоска, сопственичка и генерелна менаџерка, „Авто Контрол – Сервис“ Прилеп

23. Анета Антова Пешева, почесен конзул на Канада во Македонија, сопственичка и генерална менаџерка, Групација на компании „Ултра-Унет“, Скопје

24. Весна Ставрова, Претседателка на Фармацевтската комора, сопственичка и генерална менаџерка, ПЗУ Аптека „Сара фарм“, Скопје

25. М-р Татјана Стерјева, спец. фармацевт, сопственичка и генерална менаџерка, „ЕУРОФАРМ“ , Битола

26. Д-р Василка Салевска – Трајкова, менаџер за корпоративни прашања, Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Д.О.О. Скопје

27. Викторија Шотароска Трајкова, генерална директорка на П.И.К.Ко Македонија

28. Елида Трајковска, косопственичка и генерална менаџерка, „Хауз Мајстор Фасилити“, Скопје

29. М-р Златица Цивкароски – член на Управен одбор, Шпаркасе Банка АД Скопје

30. М-р Ксенија Чаминска, сопственичка и генерална менаџерка, „Професионал Акаунт“, Скопје

15 години постоење, раст и успеси, 15 години бренд на Прилеп – Танцовото студио NEW GENERATION слави голем јубилеј

Танцовото студио New Generation од Прилеп, месецов одбележува 15 години постоење, раст и успеси на домашната и меѓународната денс сцена. Роденденската прослава е најавена за септември или октомври, кога студиото ќе организира спектакуларен концерт, кој поради бројни обврски и натпревари беше одложен за подоцна во годината.

Од своите почетоци на локални смотри, „New Generation Prilep“ прерасна во еден од најпрепознатливите танцови колективи, со значајни резултати на Балканот, во Европа и на светско ниво. Во текот на изминатите 15 години, членовите на студиото се закитија со бројни титули – државни и балкански шампиони, како и учесници на европски и три светски првенства.

Меѓу најголемите успеси се издвојува првото место во формација на натпревар во Белград, каде беа прогласени и за најдобра група, како и освоените титули државни прваци во 2017 и 2019 година. Значаен резултат е и третото место на светско првенство во стрит денс во Будимпешта, додека на последното светско првенство во Полска, младата танчерка Ивана Богојевска освои високо шесто место во силна меѓународна конкуренција.

Дополнителна потврда за квалитетот на студиото е и ангажманот на нивниот тренер и лиценциран судија Оливер Богојевски, кој на Светското првенство во Полска, организирано од International Dance Federation, беше прогласен за еден од најдобрите судии во светот. Како признание за неговата работа, оваа година тој ќе суди на светското првенство во Шпанија, кое ќе се одржи од 27 до 31 мај, во повеќе категории, меѓу кои хип-хоп и стрит денс.

Овој успех претставува голема чест не само за студиото, туку и за Прилеп и за Македонија, и е силен сигнал дека е потребна поголема поддршка за младите таленти – како од локалната самоуправа, така и од државните институции и приватниот сектор. Пример за тоа е Литванија, која со организирана поддршка испраќа стотици танчери на светските натпревари.

Со јасна визија, посветеност и континуирани успеси, „New Generation Prilep“ останува горд претставник на македонската денс сцена и дел од светската танцова елита.

Промоција на монографијата “Кореница” во Прилеп

На 04 мај 2026 година, со почеток во 17:00 часот, во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе се одржи промоција на монографијата „Кореница“ од авторката Јасмина Колеска Кузманоска, на која промотор ќе биде Емил Димоски.

Монографијата претставува емотивен и документарен запис за селото Кореница, неговите жители, семејства, спомени и корени. Преку лични сведоштва и сеќавања, делото го зачувува духот на едно време и вредностите што се пренесуваат од генерација на генерација.Настанот е од продажен карактер, а собраните средства ќе бидат донирани во црквата „Св. Никола“ во селото Кореница, како знак на почит кон духовното и културното наследство.