дома блог страница 144

Проблемите надминати, нема повеќе пролонгирање на роковите – Работни активности на улиците во центарот на Битола

На улицата „Козара“ зад Здравствениот дом во Битола, денеска во тек се активности за бонификација на нестабилен терен под коловоз (стабилизирање на постелица ), а потоа ќе се продолжи со изработка на коловозната конструкција, ископи, тампонирање, поставување на рабници, изработка на сливници и асфалтирање – информираат од општината.

По тампонирањето на „Козара“, градежните активности ќе продолжат на улицата „Чеде Филиповски“.

Изведбата на градежните работи кои извесно време беа во мирување, односно се пролонгираа и предизвикаа реакција кај жителите од овој регион беше заради обезбедување на потребната документација, бидејќи улиците кои се во фаза на реконструкција се во централното градско јадро кое е строго заштитено подрачје.

Со овај проект се опфаќа целосна реконструкција на улиците: „Панде Николов“, „11-ти Март“, „Козара“, кракот од ул. „Козара’ и ул. „Чеде Филиповски“ кои што се наоѓаат во централното градското подрачје опфатено со деталниот урбанистички план – „ДУП Централно градско подрачје 1 дел”.

Николоски: Со законски измени стимулираме изградба на дата центри во Македонија (Видео)

Во завршна фаза се измените на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење со кои што овозможуваме изградба на Дата центри во Македонија што ќе значи нови инвестиции, нови работни места и раст на БДП, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

-Би сакал да ја информирам јавноста околу новите законски измени што ги подготвува Министерството за транспорт со кои ги следиме најновите светски трендови во развој на Дата центри. Со развој на вештачката интелегенција и целосната револуција што му се случува на светот во насока на вештачка интелегенција, Дата центрите стануваат нивна неопходност и поддршка. Македонија тука треба да води паметна политика и да привлече инвеститори кои ќе инвестираат во големи Дата центри. За да го овозможиме тоа потребни се законски измени за урбанизирање вакви центри и начин на нивна градба. Планираме да се направи тоа централизирано и во рамки на Владата да се води целиот процес со цел кога ќе доаѓаат потенцијалните инвеститори да имаат веќе спремни локации и проекти на кои ќе можат да инвестираат, истакна вицепремиерот и министер за транспорт.

Николоски посочи дека тоа ќе значи стотици милиони евра за Македонија нови вработувања и раст на БДП.

-За таа цел правиме измени во Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење кои се во финална фаза со кои што овозможуваме Дата центри да се градат во Македонија на организиранначин и тоа да значи нови инвестиции, нови работни места и раст на БДП и да ги следиме светските трендови во развојот на вештачката интелегенција, изјави вицепремиерот Николоски.

Мицкоски со честитки до Јанша: Македонија и Словенија ќе ја продлабочуваат соработката

Премиерот Христијан Мицкоски денеска остварил телефонски разговор со словенечкиот премиер Јанез Јанша, при што му упатил честитки за изборот и формирањето на новата влада во Словенија.

-Денес остварив телефонски разговор со Јанез Јанша, при што му упатив честитки по повод изборот за премиер на Република Словенија и успехот во формирањето на новата влада. На Словенија ѝ посакав стабилност, напредок и успешна работа во периодот што следи. Ја потврдивме нашата заедничка заложба за продлабочување на пријателските односи, политичката соработка и партнерството меѓу двете земји, рече Мицкоски.

Македонскиот премиер порача дека Македонија и Словенија продолжуваат да градат силни врски засновани врз меѓусебна почит, европски вредности и заедничка визија за развој, стабилност и подобра иднина за нашите граѓани.

Прилепски Комуналец бара да зборуваме за убави работи, 6 години трпеле само неоправднани критики

Маркукуле вчера објави фотографии и видео од наши читатели на кои се гледа како вработени во ЈКП Комуналец Прилеп наместо во трактор или количка, градежен шут товараат во службено пикап возило, на што следуваа стотици реакции од граѓаните за негрижата кон општественото добро, односно она што е заеднички имот на сите граѓани.

(ФОТО/ВИДЕО) Во нови возила се товари градежен шут во Прилеп

Иако целта ни беше да апелирааме до првите луѓе во ова претпријатие, да обрнат повеќе внимание како се користат ресурсите на претпријатието, тие решија да “не’ искараат”. Ајде мајката…. па 6 години само сме ги критикувале, имало и убави работи, да сме зборувале за убави работи…. абе жал да те фати. Јавно претпријатие кое сите го плаќаме секој месец, кое е превработено, се одлучи на “жалопојки” преку социјални мрежи.

Цитираме, тие тоа го правеле намерно да стигнат секаде: “За ваша информација вработените со цел да ослободат трактор за да не се губи време и да се постигне насекаде да се подигне габаритниот отпад од домаќинснтвата, зашто следува продолжен викенд, одлучиле овие мали количини на градежен отпад да се подигнат во транспортното и патничкото возило, со кое се превозува алат и работен градежен материјал”

Аааа, па извинете, наредно и во службеното возило на директорот товарајте градежен шут и отпад, само за да стигнете секаде… Ќе може ли така?!

Еве ви благодариме што правите како што велите “невозможни решенија” во интерес на сите граѓани. Пофалба за тоа, нели, само неоправдани критики трпите…

Браво! РК Прилеп 10/10 победи, но сала во Прилеп ни на повидок

Ракометарите на РК Прилеп стигнаа и до десеттата последователна победа. Синоќа во “Ричко” падна и Пролет, крајниот резултат на семафорот 29:27 за избраниците на Наум Танески.

Прилепчани со овој триумф го потврдија првото место во плеј-аут разигрувањето и наредната сезона ќе играат во суперлигашкото друштво.

Најрасположени синоќа беа Никола Шипинкоски со 7 погодоци, а капитенот Димитар Димитриоски 6 пати ја тресеше мрежата на Пролет.

Со овие погодоци Димитриоски стигна до 202 сезонава и е неприкосновен на првото место, зад него е Мохамед Азиз Бен Махфоудх од Еурофарм Пелистер со 179 постигнати голови.

За жал прилепчани се’ уште натпреварите од ракометната Супер лига ги следат во училишна сала, а најавената реконструкција на Универзална не е ни на повидок. Да се надеваме дека од следната сезона, РК Прилеп ќе се врати во спортскиот храм на Прилеп и пред полни трибини ќе не радува со нови победи.

До крајот на сезоната за Прилеп останува уште гостување во Битола кај Еурофарм Пелистер 2.

Во март просечната нето-плата 48.433 денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во март 2026 година, изнесуваше 48 433 денари и во однос на март 2025 година, е повисока за 8.2 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Транспорт и складирање за 15.6 проценти, Дејности во врска со недвижен имот за 12.2 проценти и Информации и комуникации за 11.6 проценти.

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Транспорт и складирање за 10.9 проценти, Дејности во врска со недвижен имот за 9.1 процент и Информации и комуникации за 8.5 проценти.

Во киното “Мис Стон” во Прилеп настан во чест на ликот и делото на Дарко Дамески

На 28 мај 2026 година, четврток, во просториите на кино салата „Мис Стон“, во 19 часот, ќе се одржи настан во чест на ликот и делото на Дарко Дамески, 55 години од Златната Арена.

Планирано е гостите да пристигнат во 19:00 часот, а во 19:30 на присутните ќе се обрати претседателот на Ротари клубот, г-дин Орде Ѓорѓиоски. Покрај тоа свои обраќања ќе имаат раководителот на НТП „Војдан Чернодрински“, г-дин Михајло Миленкоски, како и г-дин Симеон Мони Дамески, син на Дарко Дамески.

Потоа следи отворање на изложба и прикажување на омажот за Дарко Дамески, во изработка на Горан Марковски. Ќе има и проекција на филмот „Црно семе“, за која улога ја добил наградата Златна Арена во Пула.

Настанот е поддржан од Ротари Клубот од Прилеп.

Идејата и иницијативата за изложбата е на г-дин Саша Шотаровски.

Плакатот и поканите се изработени од неговата внука Бојана Чаминска Тиноко.

(ФОТО/ВИДЕО) Во нови возила се товари градежен шут во Прилеп

Нов начин на транспорт на градежен шут измисли ЈКП Комуналец Прилеп….наместо во трактор или количка, шутот во Прилеп се превезува во комбе, и тоа така на суво што би се рекло, државно е нека се крши…. наместо да се собере барем во некој картон, или било каков друг амбалаж….

И да не се разбереме погрешно, не е само до вработените кои вака или така си го вадат лебот. Ако тие не работат како што треба, претпријатието има десетици шефови кои треба да контролираат, да укажуваат и да санкционираат.

Ова е пример како не треба да се однесуваме кон она што е општествена сопственост, во спротивно не сме ништо поразлични од вандалите кои уништуваат по парковите и игралиштата…

ВИДЕОЛОТАРИЈА СО ПРИЗНАНИЕ ЗА ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ ЗА ПРОЕКТОТ „ИГРАЈ СО НАЈДОБРИТЕ“

На свеченост по повод 18-от роденден на магазинот „Убавина и здравје“, Видеолотарија Касинос Австрија доби признание за општествено одговорна компанија, како потврда за посветеноста во создавањето подобри услови за живот и развој на заедницата.

Признанието претставува особена чест за компанијата, бидејќи ја препознава вредноста и значењето на проектот „Играј со најдобрите“, иницијатива преку која досега се реконструирани 24 игралишта низ Македонија.

Со овој проект, Видеолотарија Касинос Австрија создава безбедни и современи простори каде децата и младите ќе можат да спортуваат, да се дружат, да градат тимски дух и да учат вистински животни вредности. Секое обновено игралиште претставува инвестиција во поздрава, посреќна и посилна иднина за новите генерации.

„Ова признание за нас има посебна вредност, затоа што доаѓа како потврда дека вистинските проекти оставаат трага во заедницата. Продолжуваме уште помотивирани, со нова енергија и нови иницијативи кои ќе придонесуваат за подобро утре“, велат од Видеолотарија Касинос Австрија.

Млад брачен пар од Кривогаштани ќе вози нова Ford Kuga: На свадбата добиле коверт со грепки, во едната се криел автомобил

Фросина и Пеце Козароски од Општина Кривогаштани, освоија автомобил Ford Kuga од инстант лозот „Титаниум“ на Државна лотарија.

Интересно е што тие за нивната свадбена прослава добиле коверт „Среќа плус“ со повеќе инстант лозови од Државна лотарија, а меѓу нив бил и еден лоз „Титаниум“, во којшто се криела оваа премија. Во продолжение, во целост ја пренесуваме приказната за оваа среќна добивка, раскажана од Фросина:

-На нашата свадба добивме многу подароци, но еден беше навистина посебен – колешките од работа ни подарија грепки. Имаше 3 „Титаниум“ и уште 10 други. Искрено, ги прифативме како симпатичен гест, без некои големи очекувања.

Следниот ден, седнати заедно со сопругот, почнавме да ги гребеме една по една. Се смеевме, се шегувавме… сѐ додека не стигнавме до третата „Титаниум“ грепка. Во тој момент – шок. Не можев да поверувам што гледам. Помислив дека грешам, дека нешто сум помешала. Но не – грепката беше добитна. Добивме Ford Kuga.

Во тој момент времето застана. Погледнавме еден во друг и едноставно избувнавме од среќа. Тоа беше чувство што не се опишува – чиста, искрена радост. Свадбата ни донесе љубов, а веднаш потоа и неочекувана среќа која ќе ја паметиме цел живот. Понекогаш купувам грепки – не затоа што очекувам нешто големо, туку поради она мало чувство на возбуда додека ги гребам. Најголемите добивки во животот доаѓаат кога најмалку ги очекуваш.

…И да, верувам во среќа. И верувам дека секој заслужува барем еден таков момент во животот кога срцето ќе затрепери од радост. Затоа верувајте и вие – затоа што среќата секогаш наоѓа начин да изненади, кога најмалку ја очекувате.