дома блог страница 1156

Сите други чесни: “Кога би се нашол на црна листа на САД, не само оставка, туку би го сметал тоа за најголем пораз во кариерата”, вели Ковачевски

Доколку премиерот Ковачевски би се нашол на црната листа на САД, тој тоа би го сметал за најголем пораз во неговата кариера, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски запрашан за коментар откако името на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, се појави на црната листа на САД.

„Јас да се најдам на црната листа на САД, како човек којшто дел од своето образование го завршил во САД, не што ќе си дадам оставка, јас тоа ќе го сметам за најголем пораз во мојата лична и професионална кариера“, рече Ковачевски.

Трета година по ред бесплатна школа за пливање за деца од 7 до 10-годишна возраст на Градскиот базен

-Општина Кавадарци во соработка со Сојуз на спортови и Општински сојуз на училишен спорт и оваа година продолжува со организирање на бесплатна школа за пливање за деца на возраст од 7 до 10 години. Школата ќе започне со обука во петок на 23.06., заедно со отворањето на Градскиот базен. Сите заинтересирани дечиња кои сакаат да учествуваат на овие обуки можат да се пријават во петок во 9:30 часот на градскиот базен – напиша на ФБ градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев.

Сите ученици до петто одделение ќе добијат бесплатни униформи

Општина Штип ќе обезбеди над 2.000 униформи за учениците од сите основни училишта до 5то одделение, со цел да се намалат разликите меѓу нив, а родителите да немаат оптоварувања во семејниот буџет – напиша на Фејсбук штипскиот градоначалник Иван Јорданов.

-За овој пилот проект општината во 2023 година издвои над 3.5 милиони денари, а за наредната година се предвидува проектот да се прошири и за учениците во погорните одделенија.

Дизајнот на униформите е во соработка со Универзитет “Гоце Делчев” и СОУ “Димитар Мирасчиев”, со цел да овозможиме учениците да имаат удобен престој во училиште – пишува градоначалникот на општина Штип.

(ФОТО) Крали Марко со коњот поминал тука, друго логично објаснување за ова нема

Шегата на страна… Дури и Шарац би бил повнимателен и не би уништил нешто вака убаво. Се работи за некое друго двоножно “животно” кај кое природната еволуција веројатно застанала на ниво на примитивно општество.

Инаку, фотографијата е од една од цветните улици во Прилеп.

ФОТО/Николче Наумоски

(ВИДЕО) “Да гласаме гордо и достоинствено за Рамиз Мерко”, велеше Заев

Среде правот што го крена Стејт департментот за ставањето на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, на проширената „црна листа“ на САД, твитерџијата Македонец #Бојкотира потсетува како поранешниот лидер на СДСМ и експремиер Зоран Заев повикуваше „гордо и достоинствено“ да се гласа токму за високиот функционер на ДУИ посочен од официјален Вашингтон за „вмешаност во голема корупција“.

Одреден терминот за деби на Меси во дресот на Интер Мајами

Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси би требало да дебитира за Интер Мајами на 21 јули, изјави претседателот на клубот, Хорхе Мас. Тој рече дека Меси најверојатно ќе го одигра својот прв натпревар за Интер против мексиканскиот Круз Азул во Лига Купот, северноамериканско натпреварување кое заеднички го организираат Северноамериканската лига (МЛС) и мексиканската федерација.

Меси на 7 јуни објави дека кариерата ќе ја продолжи во Мајами, по две години поминати во Пари Сен Жермен.

„Решив да одам во Мајами. Време е да одам во МЛС лигата и да го доживеам фудбалот на поинаков начин”, изјави тогаш Меси.

Американските медиуми објавија дека Аргентинецот потпиша договор со Интер Мајами на две и пол години вреден 55 милиони евра. Договорот предвидува и удел во капиталот на клубот на крајот на играчката кариера.

Грандиозен ракометен турнир во Прилеп, овојпат со европски шмек

Прилеп полека се подготвува за Меѓународниот ракометен турнир во чест на Миле Нешкоски, кој оваа година за прв пат ќе трае 4 дена, од 25-28 август.

Списокот на учесници полека се комплетира, а покрај домаќинот РК Прилеп, од домашните екипи ќе учествуваат: Мулти Есенс, Пролет, Скопје, Еурофарм Пелистер 2 и Струга.

Редовен учесник на турнирот е и екипата на РК Дубочица од Србија, а она што ќе биде интересно да се види и што ќе му даде посебен европски шмек на турнирот, е најавеното учеството на финската екипа Кокс – екипа која е редовен учесник во еврокуповите во изминатите години.

Значи ни претстои квалитетен ракометен турнир, на кој со сигурност ќе гледаме уште поквалитетен ракомет од минатите години.

Фатен убиец кој избегал од прилепскиот затвор

Денеска ( 21.06.2023) криминалистичката полиција при СВР Битола по распишана централна потерница од слобода го лиши Р. Р.(60) од с. Маково, општина Новаци, кој бил баран поради бегство од КПУ Затвор Прилеп.

Р.Р. е осуден на 16 години и 4 месеци за кривично дело “убиство” по чл. 123 од КЗ, а за доиздржување има 9 години и 7 месеци.

Лицето ќе биде предадено на казнено поправната установа.

Eрдоган повика да се состави нов Устав на Турција: “Нема да застанеме додека земјата не биде меѓу десетте најголеми економии во светот”

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска уште еднаш повика на составување нов турски устав, јави агенцијата Анадолија.

Турската влада нема да застане додека земјата не се рангира меѓу десетте најголеми економии во светот, рече Ердоган, говорејќи на првиот состанок на парламентарната група на неговата владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) на 28. Меџлис.

Според шефот на државата, кабинетот продолжува да работи на 12. развоен план на Турција, како и на среднорочната програма за развој на земјата.

„Убеден сум дека од економскиот просперитет на Турција ќе имаат корист сите 85 милиони жители на нашата земја. За да ја координираме работата во економската сфера, воспоставивме блиски врски меѓу кабинетот на потпретседателот, Министерството за финансии и Централната банка, рече Ердоган.

Тој, исто така, смета дека важен стимул за натамошниот развој на Турција ќе биде усвојувањето нова верзија на уставот на земјата.

Концептот за „стогодишнината на Турција“, како што рече, „не може да се реализира врз основа на устав кој беше подготвен и усвоен по воениот удар“.

Ердоган предложи во новиот устав да се вметне правото на муслиманките да носат шамии. Тој, исто така, ги повика своите противници да ја поддржат работата за новиот устав на Турција.

Доделени 64 решенија за одобрување на финансиска поддршка за набавка на трактори во Прилеп

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги додели првите 64 решенија за одобрување на финансиска поддршка за набавка на трактори од програмата за финансиска поддршка во руралниот развој.

Решенијата беа доделени на земјоделци од Прилеп и околните прилепски села. По приемот на решенијата земјоделците имаат рок до 10 дена да ги посетат просториите на Агенцијата за финансиска поддршка и да потпишат договор по што би ја реализирале својата инвестиција.

,,Поддршката која ќе ја добијат прилепските земјоделци преку програмата за рурален развој за набавка на нова механизација, односно набавка на нови трактори изнесува 47.5 милиони денари. Досега одобрени се вкупно 730 апликации по оваа мерка за што се одвоени 500 милиони денари. Со ваквата поддршка директно помагаме во процесот на модернизација на земјоделската механизација, намалување на трошоците за обработка на површините а со тоа и зголемување на конкуретноста на македонските земјоделци” – истакна директорот Бачовски

Финансиската поддршка се доделува по принцип на ко – финансирање на вкупните прифатливи трошоци во висина од 50 % – 75 %. По добивање на решенијата и склучување на договор со Агенцијата, корисниците на финансиската поддршка во рок не подолг од 120 дена треба да достават барање за исплата со пропратна документација по што Агенцијата по административна обработка на истите ќе ја ко – финансира инвестицијата.