дома блог страница 1143

Победничко селфи: Тесна, но многу важна победа на прилепчани – Ангелески во последна секунда ја фати “жива”

Во рамките од шестото коло во плеј-аут сегментот на машката Супер лига, ракометарите на РК Прилеп вечерва триумфираа над Куманово со 23:22 (12:7 на полувремето).

И покрај разликата од пет погодоци на полувремето, прилепчани можеа да ги прокоцкаат трите бода, кога промашија пенал за сигурен триумф во последните секунди од натпреварот, но и покрај тоа на крајот му го нанесоа првиот пораз на Куманово ,во разигрувањето за опстанок во најелитното ракометно друштво.

Ова е многу важен триумф за момците на Реваз Чантурија, кој и самиот имаше голем придонес за вечерашната победа во “Ристе Ристески-Ричко”.

Огромна заслуга имаа и 13-те одбрани на Иван Ангелески кој вечерва брилиираше на голот на РК Прилеп. Особено важна беше последната одбрана, во буквално последната секунда од натпреварот, кога ја фати “жива”.

Во наредното коло прилепчани му гостуваат на Голден Арт во Скопје, а овој триумф со сигурност ќе ја зголеми самодовербата на играчите.

Звучат одлично: Прилепчаните од “Тренд бенд” ја промовираа својата авторска песна “Зет сум денеска” (Видео)

Еден од најактуелните прилепски состави во Прилеп во моментов, “Тренд бенд”, неодамна во емисијата “Мерак меана” ја промовираа својата авторска песна “Зет сум денеска”.

Се работи за една народна песна со убав македонски мелос која сигурно ќе одекнува на сите семејни прослави. Во бендот членуваат вокалот Мартин Стојаноски, Александар Трајкоски на клавијатури и Владе Здравески на саксофон.

Слушнете ги во продолжение:

Владата ги замрзна и намали цените на пелените, влажните марамици, хигиенските влошки, тоалетната…

Владата денеска на седница донесе Одлука за определување највисоки цени за тоалетна хартија, влажни марамчиња, пелени за деца и возрасни и хигиенски влошки. Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 20 март 2023 година во трговијата на мало, коишто цени, според одлуката, се намалуваат за 13 проценти.

Највисоките цени на производите од оваа одлука ќе се применуваат до 31 мај годинава, а одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Според членот 29 став 1 алинеја 3 од Законот за трговија, според образложението од предлагачот, Министерството за економија, Владата може привремено да го ограничи вршењето на трговијата во случај нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки, а согласно наведеното, врз основа на членот 30 став 1 алинеја 2 од Законот за трговија, Владата може да ги определи највисоките цени за одделни производи и услуги во производството и прометот, информира владината прес-служба.

Министерот за економија Крешник Бектеши пред почетокот на седницата изјави дека одлуката се носи согласно со анализите направени од Секторот за трговија и увозните цени од Царинската управа, изјави Бектеши пред Владата.
– Цената на тоалетната хартија се движела од 94,8 до 343,3 денари, а во периодот од 1 до 24 март годинава од 94,8 до 205 денари. На оваа цена кога ќе се пресмета и ДДВ излегува дека се движела од 111,8 до 241,9 денари. Од овие производи повеќето од 85 отсто се увезени во нашата држава. Кај влажните марамчиња цената во просек се движела од 94,6 денари во јануари, 94,5 денари во февруари и 83,2 денари во март. Кај нив има и царинска стапка од 6 отсто и не е вклучено ДДВ-то во цената. Кај пелените за деца и возрасни цената се движела од 36 денари по парче до 1.600 денари по кутија. Во цената не е вградено ДДВ-то. Кај хигиенски влошки цената се движела од 27,9 денари до 63,56 денари по парче, во што не е вклучена царината од 6 отсто, изјави Бектеши.

Тој рече дека Одлуката за цената за хигиенските влошки се носи пред се, бидејќи Законот за намалување на ДДВ на овие производи се уште не е усвоен во Собранието.

-За жал во собраниска процедура од декември минатата година имаме законско решение за системски и долгорочно да се решат овие производи во делот на намалувањето на ДДВ-то од 18 на 5 отсто. Сепак и до денеска не е свикана Комисијата за финансирање и буџет за да се усвои тоа законско решение, рече Бектеши и го повика претседателот на Комисијата што поскоро да свика седница.

Владата, потнцираше министерот, е подготвена да се откаже од ДДВ-то за хигиенските производи.

– Законот за ДДВ има посебна одредба со која во време на криза Владата има можност дополнително да го намали ДДВ-то за 5 отсто во комуникација со стопанските комори и со Организацијата на потрошувачите. Ние сме за да се усвои законското решение и системски да се реши проблематиката во делот на намалувањето на ДДВ-то. Подготвени сме и за намалување на царинските давачки особено за основните прехранбени производи и хигиенските производи кои секојдневно се користат од нашите граѓани, рече Бектеши.

Најави дека Владата ќе носи одлуки за замрзнување на цените се додека има потреба.

– Овие одлуки важат до 31 мај, но може и да се продолжат, сепак најдобро решение е да се усвои предлогот во делот на Законот за ДДВ од страна на Собранието. Така ќе имаме и системско и долгорочно решение во делот на основните прехранбени производи и хигиенските производи, потенцира Бектеши.

Припадниците на МВР ќе добијат повиcoки плати во бруто износ од 3.086 денари

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на социјалните медиуми го најави зголемувањето на платите на вработените во МВР во бруто износ од 3.086 денари. Во продолжение објавата на министерот Спасовски во целост:

„Во стилот на старата мудрост ‘тивка вода брег рони’, во соработка со Македонскиот полициски синдикат, успеавме во заложбата за вработените во МВР да обезбедиме зголемување на платите со цел усогласување со растот на минималната плата, а наспроти сите шпекулации во дневнополитички цели со кои се обидоа да ја деградираат и демотивираат македонската полиција, но и да ја потценат доследноста во исполнувањето на ветеното од страна на нејзиното раководство.

Со денешната одлука на 140 седница на Владата, зелено светло доби предлогот на МВР за линеарно зголемување на постојните плати во висина од 3.086 денари по работник во бруто износ, почнувајќи со платата за месец март 2023, која ќе се исплати во април”.

Тој потсети дека ова е четврто по ред зголемување на платите на вработените на МВР, имајќи го предвид минатогодишното зголемување од 5% за сите вработени, а претходно преку Буџетот на МВР во 2018 и 2019 беа издејствувано зголемувања на платите за сите вработени. Покрај ова, со зголемување на платите од 30 отсто беа опфатени 100 лица од Одделот за информатика и телекомуникации и тоа сметано од 01.01.2020 година, со цел мотивација на овие дефицитарни кадри да придонесат во функционирањето на МВР на позициите за кои се ангажирани.

“Истовремено, благодарение на домаќинското работење и остварените заштеди во Буџетот, досега доброволно исплативме бонус плати за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2017, 2018, 2019, 2020, 2021 година, а во тек е прибирањето на податоци за вработени коишто оствариле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво за 2022 година, која ќе изнесува 31.859 денари во поединечен износ, што претставува зголемување од речиси 40% на износот на бонус платата во 2017 година која изнесуваше 22.928 денари.

Подобрувањето на статусот на вработените во МВР е императив за ова раководство на МВР. Продолжуваме да го развиваме концептот ‘Задоволна полиција – безбедни граѓани’, кој придонесе за одлични резултати во гарантирање на безбедноста и борбата против сите видови криминал”, истакна министерот Спасовски на социјалните мрежи.

Јовчески и’ се заблагодари на Јакимовска: Заедно засадија 10.000 дрвца (Фото)

Денес продолживме со една голема пролетна еколошка акција за засадување на дрвја во општина Прилеп. Огромна благодарност упатувам до една од најголемите компании во нашиот град ,,Комфи Ангел” а со сигурност исто така и со голема општествена одговорност, за својот придонес за подигнување на свеста кај граѓаните за заштита и зачувување на животната средина. Компанија која од денешна гледна точка има богато минато за нашата општина и многу општествени инвестиции и проекти кои што го подобриле животот во нашата општина Прилеп – напиша на ФБ градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески после денешната акција за пошумување кај Алинци.

-Денес, заедно со вработените на компанијата Комфи Ангел и дел од општинската администрација, Советот на Општина Прилеп и службите на ЈКП Комуналец и Јавното претпријатие Македонски Шуми, засадивме 10 000 дрва (костен, даб и црн бор) во регионот на населеното место Алинци. Со ова ја продолжуваме акцијата за пошумување на овој регион која што пред неколку месеци беше започната по иницијатива на Советот на општина Прилеп кога беа засадени околу 4000 дрва. А исто така сакам да истакнам дека со овие еко акции ја исполнуваме нашата замисла и ветување за засадување на над 2000 садници секоја година во околината на Прилеп. На менаџерскиот тим и на вработените им благодариме за оваа акција и се надеваме и на идни проекти кои што со сигурност би придонесле за подобрување на условите за живот во нашата заедница. Во наредниот период ќе ги продолжиме ваквите еко-акции и ќе продолжиме да делуваме и понатаму континуирано во секојдневна координација со ЈКП „Комуналец“ и со останатите надлежни институции – напиша Јовчески.

По десетти пат планинарски марш “Даре Џамбаз” во организација на П.Д – ,,КОЗЈАК” од Прилеп

Планинарско Спортско Здружение „Козјак“ – Прилеп по десетти пат, на 02.04.23година, го организира традиционалниот планинарски марш посветен за Даре Џамбаз, на релација: Десоски пат – с.Горно село – Трескавец.

Заинтересираните да се јават на тел.бр: 070/299-282 (Сарван).

За учесниците на маршот ќе биде обезбеден организиран превоз и за оброк следува посен сендвич.

Претседател и водич на патеката Стеван Сарваноски.

Најубавиот прилепски пар кој сте го виделе досега (ФОТО)

Големите штркови гнезда, поставени долж патиштата, високо на електричните столбови се честа слика речиси низ сите делови на држвата од рана пролет па се до последните топли денови во есента.

Враќањето на штрковите меѓу јавноста во Македонија се смета за неофицијален почеток на пролетта. Тие, заедно со ластовичките се првите знаци дека ладните зимски месеци завршуват и почнува новата сезона.

Иако нивното враќање во нашите краишта народски се поврзува со празникот Благовец, низ Пелагониските села веќе може да се види нивното присуство.

Фотографиите се од денеска од прилепско Беровци, каде овие благородни птици веќе се вратени во своите домови.

Ќе признаете, поубав прилепски пар досега не сте виделе.

Аплицирајте! Општина Битола го објави повикот за субвенции за набавка на инвертер клими

Општина Битола објави Јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Општина Битола за набавка на инвертер клима уреди за 2023 година.

На следниот линк, https://www.bitola.gov.mk/javen-povik-inverter-klima-uredi/, граѓаните може да го прочитаат Јавниот повик во кој се дадени условите за аплицирање и Изјавата, која апликантите треба да ја заверат на нотар, дека не користеле субвенции за инвертер клима уреди од претходните јавни повици, објавени од страна на општина Битола.

ВАЖНА НАПОМЕНА:

Граѓаните кои ќе аплицираат на повикот, до понеделник 03.04.2023 година, кога и официјално ќе започне електронското аплицирање, треба да креираат сопствен профил на платформата мЗаедница (https://mzaednica.mk/)

Фискалната сметка за купениот инвертер клима уред, мора да биде со датум и час по објавувањето на Јавниот повик на електронските гласила на општина Битола (веб страница и фб профил), односно од 29.03.2023 година, после 11.30 часот. Сите фискални сметки издадени пред овој датум и час, нема да бидат разгледувани од страна на комисијата.

Уaпceн 22-годишен битолчанец: Полициjaта му пpoнajде ќеси со мapиxyaна

Денеска (29.03.2023) полициски службеници од полициската станица од општа надлежност Битола на ул. „Панде Илковски“ во Битола го лишиле од слобода Н.Т.(22) од Битола.

При преглед кај него биле пронајдени и одземени две ќеси со марихуана. По документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.

Средношколка во медицинското училиште во Битола се здобила со повpeда, откако врз незе паднал таванот во тоалетот (ФОТО)

Директорката на средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола, Наташа Илиева, вчера претпладнето ја известила општина Битола, дека утрото во 8.00 часот, паднал таванот во училишните тоалети, за подоцна, Илиева, на прашање од градоначалникот да потврди, дека при падот на таванот била незначително повpeдена ученичка од училиштето.

Градоначалникот Коњановски, веднаш по добивањето на информацијата, формира општинска комисија со која извршија увид во училиштето, со цел констатирање на состојбата. При извршениот увид, директорката Илиева информираше дека, тоалетите пред неколку години беа реконструирани со донација, а последниве денови биле воочени проблеми на горниот кат, проследени со извесно прокапување.

Комисијата изготви записник во кој ја констатира состојбата, а градоначалникот Коњановски, го контактираше семејството на повредената ученичка, при што беше информиран дека, ученичката е исплашена и со родителите е во Клиничка болница, каде се прават испитувања поради болки во раката. Коњановски, останува во контакт со семејството, а од директорката Наташа Илиева побара одговорност, поради навремено непреземените мерки и непријавениот проблем.
На крајот на минатата година, од страна на градоначалникот на општина Битола, беа повикани, директорите на училиштата, со цел да укажат на потребите за реконструкции и интервенции, кои ги имаат објектите. Од страна на директорката Илиева, не беше побарана интервенција од општината за објектот на средното медицинско училиште – стои во соопштението од општина Битола.