дома блог страница 114

Драма за инфаркт: Прилеп продолжува со максимален ефект, Ангелески херој во последна секунда

Ракометарите на Прилеп продолжуваат со максимален ефект во суперлигашкиот плеј-аут, откако на гостински терен го совладаа Пролет со 30-29, запишувајќи ја четвртата победа во исто толку натпревари во борбата за опстанок.

Клучна фигура во триумфот беше голманот Иван Ангелески, кој блесна со вкупно 14 одбрани, а херојскиот момент го имаше во самиот финиш, кога одбрани пенал по истекот на регуларното време, спречувајќи израмнување по ударот на Стоилевски и обезбедувајќи вредни бодови за својот тим.

Прилепчани подобро го отворија натпреварот и рано поведоа со 3-0, задржувајќи ја предноста во поголемиот дел од првото полувреме. Сепак, домаќините од Пролет се вратија во игра и во еден период имаа и водство, но на паузата се замина со израмнет резултат 15-15.

На почетокот од второто полувреме, капитенот на Пролет, со два брзи погодоци донесе водство од 17-15, но Прилеп експресно возврати и повторно ја презеде контролата врз резултатот.

Во завршницата, гостите имаа предност од 27-24, но Пролет успеа да се доближи на само еден гол разлика и пропушти можност за израмнување. Тоа Прилеп го искористи и со два брзи погодоци повторно се одлепи на 30-27. Иако домаќините намалија на 30-29 и добија пенал во последните секунди, Стоилевски не успеа да го совлада Ангелески од седум метри.

Најефикасен во редовите на Прилеп беше Шипинкоски со седум гола, додека Димитриоски и Илиески постигнаа по пет. Кај Пролет, по седум погодоци запишаа Стоилевски и Андоновски.

Итна седница денеска на Владата: Ќе се намалува акцизата за горивата

Владата денеска во 11 часот ќе одржи вонредна седница на која ќе се разгледува состојбата со цените на горивата, во пресрет на можен нов раст поради турбуленциите на светските нафтени берзи.

По седницата, во 11:45 часот, прес-конференција ќе одржи премиерот Христијан Мицкоски.

Претходно, Мицкоски најави дека Владата ќе донесе одлука за намалување на акцизите, со цел да се ублажи ценовниот притисок и да се спречи ново поскапување.

„Според овие калкулации, дизелот требаше да поскапи околу 7 денари, а бензините околу денар и пол до два. Со владината седница исполнети се условите да ги намалиме акцизите – за дизелот за 4 денари по литар, а за бензините за 2 денари по литар“, изјави Мицкоски.

Според најавите, цената на дизелот се очекува да стагнира, додека бензините би можеле да поевтинат за околу половина денар, зависно од тоа дали ќе продолжат попустите од компанијата ОКТА.

Конечната одлука за цените, како и досега, ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика во понеделник.

Премиерот нагласи дека мерките ќе имаат фискални последици, но Владата ќе продолжи со интервенции.

„Тоа ќе се одрази врз буџетот, но ќе продолжиме и со мерката 10% ДДВ уште две недели, по што ќе ја следиме состојбата и ќе реагираме“, изјави Мицкоски.

Последното влегување на Исус во Ерусалим: Православните христијани го празнуваат Цветници – За многу години!

Православните христијани денеска го празнуваат Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим Цветници.

Празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранчиња, како и со својата облека, му го постилале патот.

Неделата, една седмица пред Велигден е празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, што се празнува во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери кршеле цвеќе од дрвјата и врбови гранки и со нив, како и со својата облека му го постилале патот по кој минувал. Саботата пред Цветници се вика Лазарева Сабота или Лазарица, односно Лазара. Според преданието, во саботата умрел Лазар од Витанија, а во неделата Исус го воскреснал. Поради тоа во народот неделата се смета за поголем празник од саботата.

Според тогашните закони учител можело да биде само лице што наполнило триесет години. Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот и Исус по четврти пат доаѓал како учител.

Но тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен. Исус веднаш се упатил таму, но стигнал четири дена по неговата смрт и по погребот. Сестрите на Лазар, Марта и Марија, го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел на време немало Лазар да умре. Марта му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде“.

Легендата вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја. Кога дошол до гробот, Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор“. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји. Со овој чин Исус уште повеќе се здобил со слава. И пак се упатил кон Ерусалим.

Кога стигнал во подножјето на Маслиновата гора, Исус пратил двајца свои ученици во Витфагија за да му донесат осле (магаре) и ослица. Им рекол: „Одете во селоно, што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете ми ги. А ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека му се потребни на Господа и веднаш ќе ги прати“.

Учениците ги донесле, а потоа ги ставиле на ослето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим поздравен од мноштво народ. Ваквиот пречек на Исус во Ерусалим бил последица од неговата голема популарност меѓу народот уште повеќе зголемена по воскреснувањето на Лазара. Се поставува прашањето, зошто Исус во Ерусалим влегол качен на магаре?

Толкувачите на Светото Писмо истакнуваат дека кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот, како што и Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исуса воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините“.

Во спомен на ова свечено влегување на Исус во Ерусалим уште од најраните христијански времиња е востановен празникот Цветници кој, меѓутоа, се празнува од III век. На иконата овој чин е насликан како Исус јава на магаре, а неговите ученици и народот му го постилаат патот со цвеќе и облека.

Авто Контрол дел од кампањата „Недела на пешаците“ – “Сите сме пешаци и сите имаме одговорност да придонесеме за побезбедни улици” (ФОТО)

Во рамките на националната кампања „Недела на пешаците“, иницирана од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во Прилеп се реализираше едукативна активност насочена кон подигнување на свеста за безбедноста на пешаците.

Активноста беше организирана од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот, а во нејзината реализација активно се вклучи и компанијата „Авто Контрол“. Во едукативниот процес учествуваа ученици од СОУ „Ристе Ристески“ – сообраќајна струка, како и претставници од Министерството за внатрешни работи.

Целта на настанот беше да се потсети јавноста на важноста од почитување на сообраќајните правила и зголемување на вниманието кон пешаците како најранлива категорија во сообраќајот.

Од „Авто Контрол“ истакнуваат дека како општествено одговорна компанија, континуирано се залагаат за безбеден сообраќај и одговорно однесување на сите учесници, давајќи активен придонес во вакви иницијативи.

Во рамки на кампањата беше упатен и апел до возачите:

✔️ Да ја намалат брзината пред пешачки премин
✔️ Да бидат внимателни, бидејќи нечиј живот зависи од нив

Пораката е јасна – сите сме пешаци и сите имаме одговорност да придонесеме за побезбедни улици.

Големиот Венко Андоновски синоќа беше во Прилеп – салата во библиотеката претесна за промоцијата на неговото најново дело “Александар јава на запад”

Големата сала на ЈОУ ГРАДСКА БИБЛИОТЕКА „БОРКА ТАЛЕСКИ“ – ПРИЛЕП беше претесна да ги собере сите љубители на пишаниот збор и почитувачи на делото на Венко Андоновски, на синоќешната промоција на неговото најново дело “Александар јава на запад”.

Прекрасен настан во кој уживаа сите присутни. Настанот го отвори директорката Андриана Ристеска, промотор беше Габриела Стојаноска Станоеска, а извадоци читаше актерот Александар Тодески.

Се разви и дискусија помеѓу авторот и публиката, што е доказ дека ние како организатори успеавме да ги заинтригираме присутните да се запознаат поблиску со содржината на овој нов роман, кој е веќе достапен за зајмување во нашата установа.

Повторно се уверивме во она што веќе го знаевме, а тоа е дека Венко Андоновски е вистински мајстор на пишаниот збор!

Библиотеката Борка Талески и понатаму останува вистински Светилник на културата во Прилеп и пошироко, место каде книгата живее, а знаењето и мудроста се пренесуваат од генерација на генерација!

ЦРНИТЕ ДУПКИ НА ТОЧИЛА – тивка закана која ги демнее децата (Фото)

Парковите во населбата „Точила“ во Прилеп, наместо место за одмор и игра, се претвораат во потенцијална опасност за жителите.

Отворени и оштетени шахти, небезбедни дупки и импровизирани поклопци – можат да се забележат на неколку места. Како што може да се забележи, дел од шахтите се целосно отворени или делумно покриени, што претставува сериозна закана, особено во вечерните часови.

Апелираме до надлежните служби: итно да се изврши увид на терен, да се санираат сите оштетени и отворени шахти и да се обезбеди безбедноста на јавните површини.

Безбедноста на граѓаните мора да биде приоритет, а ваквите опасности не смеат да бидат игнорирани.

Предвелигденско чистење теписи и постелнини – Има решение, треба само да ги побарате најдобрите!

Во пресрет на Велигденските празници, кога домот треба да блесне во полн сјај, чистењето на теписите, постелнините и зимската облека станува една од најважните задачи. Но, во динамичното секојдневие, времето е луксуз кој ретко кој може да си го дозволи.

Токму затоа постои решение – ЕКСПЕРТ 2Б, тимот од Прилеп кој важи за најсигурен избор кога станува збор за темелно, брзо и квалитетно чистење во Прилеп и регионот.

Пред да започнете со велигденските подготовки, оставете го најтешкиот дел на вистински професионалци. Без разлика дали станува збор за:

✔️ Перење теписи, теписони и јамболии
✔️ Јоргани, ќебиња и перници
✔️ Чаршави, униформи и постелнини
✔️ Зимска облека
✔️ Услуги за хотели, ресторани и апартмани

ЕКСПЕРТ 2Б нуди комплетна услуга – од подигнување на вашите работи од домашна адреса, до нивно враќање чисти, освежени и подготвени за употреба.

Она што ги издвојува е и нивниот модерен пристап. Со новата онлајн апликација за закажување, целиот процес е уште полесен и побрз. Со само неколку клика можете да:

✔️ Изберете термин кој ви одговара
✔️ Резервирате услуга за неколку секунди
✔️ Го организирате чистењето без телефонски повици и чекање

Во време кога секоја минута е важна, ова значи повеќе време за вас – за подготовка на празничната трпеза, за семејството и за вистинската велигденска атмосфера.

Закажете термин тука: https://e2b.bizora.mk/client/

Искористете ги празничните денови за убави моменти, а чистењето препуштете им го на оние што знаат како да го направат беспрекорно.

Телефонски броеви за контакт:

078 701 000
078 701 107

ЕКСПЕРТ 2Б – Чист дом за чист почеток овај Велигден!

Прилепска промоција на „Ex nihilo: Репортажна поезија за Андалузија“ од Звонко Димоски

Дата и време: 6 април 2026, 18:30 ч.
Локација: Тротоар
Промотерка: Драгица Здравеска

„Ex nihilo: Репортажна поезија за Андалузија“ на Звонко Димоски е ракопис што ги обединува поезијата, патописот и документарниот пристап во современ книжевен текст инспириран од културната и духовната историја на Андалузија. Делото е конципирано како документарно-поетски циклус во кој Андалузија се чита како простор на историска меморија, мит и лична внатрешна географија. Делото ја развива формата на репортажна поезија — современ жанр што ги поврзува фактографијата, авторското сведоштво и
поетската слика.

Структурно, книгата претставува заокружен поетски циклус составен од дваесет и четири тематски целини, посветени на конкретни места, личности и симболи од андалузиското културно наследство. Секоја песна функционира како поетска репортажа, надополнета со елементи на историско толкување и кратки воведни белешки, создавајќи впечаток на културна хроника во стих. Авторскиот пристап ја претвора Андалузија во
симбол на повеќекултурност, соживот и духовна светлина, каде што се преплетуваат традициите на исламот, христијанството и јудаизмот, музиката на фламенкото и чувството на историска меланхолија.

Книгата е во издание на Полица, реализирана со поддршка на Министерството за култура и туризам. Ракописот „Ex nihilo – Репортажна поезија за Андалузија“ на читателот му нуди можност да ја запознае Андалузија, но не како географски предел, туку како духовен простор – живо место што се преселува во срцето на читателот. Во него, документарната прецизност постепено се преточува во чиста поезија, оставајќи силна емоционална трага и нова димензија во современиот македонски поетски израз. Оваа поетска книга сведочи за редок спој на интелектуална рефлексија и длабока лична чувствителност, кој создава впечатлива читателска блискост.
Ана В. Рингачева

„Поезијата на Димоски создава впечатлива синтеза меѓу патописното сведоштво илирската чувствителност, претворајќи го просторот во симболичен топос на внатрешното искуство. Неговите стихови ја откриваат Андалузија како метафора за враќањето кон изворната емоција и духовната припадност. Со тоа, авторот успева да изгради поетски свет што истовремено е конкретен и универзален, близок и длабоко созерцателен“.
Мариола В. Миколајчакова (Полска)

Денеска е Лазарова сабота, ден кога го пpaзнyваме големото чyдо

Лазарова сабота и Цветници се големи православни празници кои се и најава на најголемиот од сите – Велигден.

На овој ден, познат дури и како Лазарица во одредени делови од Македонија, се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос.

Овој настан бил на шест дена пред предавството и yбиcтвото на Христос на Голгота. На Лазарева сабота обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците.

Цветници, пак, е во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранки, како и со својата облека му го постилале патот.

На Лазарова сабота именден слават оние кои го носат името Лазар и неговите варијации.

На Цветници пак, именден слават оние кои носат имиња инспирирани од цвеќе, како на пример Цветанка, Цветан, Јасмина, Лилјана, Виолета, Босилка, Трендафилка, Роза и слични.

Вечерва во “Цепенков” ќе биде отворена изложбата „Од утопија до ентропија 83/26“ од уметникот Златко Крстевски

Вечерва (петок, 03.04) од 19:00 часот во Ликовната галерија при ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Од утопија до ентропија 83/26“ од уметникот Златко Крстевски, на која ќе бидат претставени 30 слики, масло на платно. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.

Изложбата е пресек на согледување и преиспитување на пејсажната архитектонска форма како бришење од природните еколошки топоними. Од надреални утописки форми до деструкција, уништување на природата…

Визуелното согледување е на климатските промени како културни промени.

Климатските промени се еден од најголемите предизвици со кои се соочува човештвото денес и претставуваат фундаментален политички, економски, еколошки и социо-културен предизвик, што ги засегнува сите. Ние мора да реагираме сега, заедно и на поинаков начин. Секој од нас мора да го преиспита начинот на кој живее, што консумира и да размислиме каков свет сакаме да оставиме за нашите идни поколенија.

На национално ниво, креаторите на политики треба да изнајдат начини за промовирање на одржлив економски развој, кој ќе помогне во креирање на работни места и истовремено ќе придонесе за редуцирање на емисиите на јаглерод диоксид. И на глобално ниво, меѓународните лидери треба да се согласат на праведна, ефективна и амбициозна рамка за значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Во суштина, климатските промени повикуваат на културни промени. Тоа е главна тема на оваа изложба. Преку своите дела охрабрувам да развиеме нова свест и да го промениме начинот на кој се согледуваме себе си и светот. Покрај зголемувањето на свесноста и поттикнувањето дебата, исто така повикувам да реагираме.

Навидум, климатските промени се проблем на иднината, но иднината се оформува во сегашноста. Затоа, сите ние треба да реагираме сега – вели уметникот.

Златко Крстевски покрај со сликарство се занимава и со авторски стрип, карикатура, мејл-арт. Учесник е на сликарски колонии, симпозиуми, изложувал во Полска, Тунис, Турција, Словенија, Украина, Србија и други земји. Добитник е на меѓународни награди за сликарство во Тунис, Кореја, Словенија, а за цртеж во Кина, Турција и Кореја.