Три држави, три настапи и големи резултати: В.К. Херој испиша историја за велосипедизмот во Прилеп (ФОТО/ВИДЕО)

Неделата, 21 јуни 2026 година, ќе остане запишана како историски ден за Велосипедскиот клуб Херој од Прилеп.

Членовите на клубот настапија на три различни натпревари во три држави – Македонија, Србија и Бугарија, а од овие настапи се вратија со одлични резултати и првите меѓународни успеси во историјата на клубот.

На трката Куп Србије „Улицама Саве Шумановиќа“ која се одржа во Шид, Србија, младото име на В.К. Херој, Константин Костоски, го оствари најголемиот успех за клубот досега.

Костоски, во категоријата јуниори, со својот настап ја донесе првата меѓународна победа за В.К. Херој, бранејќи ги боите на својот матичен клуб. Историски резултат кој е голема награда за трудот, посветеноста и работата на младиот велосипедист.

Уште еден одличен резултат пристигна од Бугарија. На трката Гран Фондо во Велинград, каде настапија повеќе од 200 натпреварувачи, Влатко Лозаноски во категоријата Мастерс успеа да се искачи на второто место.

Лозаноски имаше фантастична борба до самиот финиш, а дополнителна тежина на успехот му дава фактот што со победникот имаа исто време.

Во меѓувреме, на домашен терен, на Државното првенство во МТБ маратон во Крушево, свој настап имаше Андреј Маџоски во сениорска конкуренција.

На исклучително тешка и долга патека, Маџоски храбро го заврши предизвикот и беше многу блиску до место на пиедесталот.

Од В.К. Херој упатија честитки до своите возачи за постигнатите резултати и порачаа дека овој ден е потврда дека клубот оди во вистински правец.

Три настапи, три држави и историски резултати – В.К. Херој продолжува да го испишува своето име на велосипедската карта.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.