дома блог страница 1122

(Видео) Обид за атентат врз Зеленски при вчерашната посета на поплавениот Херсон

Русите се обиделе да го убијат украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата вчерашна посета на Херсон, тврди белорускиот портал Некста.

Зеленски вчера пристигна во Херсонската област за да ги посети поплавените подрачја по уривањето на браната Нова Каховка.

На првото видео што беше објавено од порталот, Зеленски може да се види како разговара со локалните жители кои се подготвуваат за евакуација, по што тој заминал за Миколаив, град кој исто така беше погоден од поплавите.

Но, веднаш по заминувањето на Зеленски и неговата делегација, улицата во Херсон каде што стоеше со жителите стана цел на силно руско гранатирање, што сугерираше дека Русите знаеле дека Зеленски е таму и се обиделе да го убијат, наведе белорускиот портал Некста.

Денеска завршува училишната година за средношколците, основците ќе учат до среда

Крај на училишната година за средношколците. Основците ќе учат до 14 јуни, како што беше најавено од МОН.

Првиот екстерен испит, задолжителниот мајчин јазик, 15.620 матуранти го полагаа на 27 мај, а утре ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура кој е изборен. На избор на матурантите им се дадени седум предмети.

Министерот Јетон Шаќири рече дека во новата учебна година ќе има учебници и дека до септември има доволно време. За грешките во учебниците се повикува на комисијата и на педагошката служба.

Божиновски до Меџити: Рефундирајте им и средства за пат и дајте им и дневница на косовските граѓани што ќе се лечат тука

Сценаристот Божидар Божиновски со коментар во свој стил за наредбата од министерот за здравство Фатмир Меџити до јавните здравствени установи во државава да ги лекуваат косовските граѓани по исти цени како македонските, зошто тие не биле странци во Македонија?!

„Ова не е фер кон косовските граѓани, кои, за разлика од македонските, треба да патуваат до тука. Да се размисли за рефундирање и на средства за пат и дневница. Свака час министре“, реагира Божиновски на Фејсбук.

„Премиерчето ќе изреагира за изјавите на неговиот министер за здравство или ќе си поќути пак? Ќе побара одговорност и оставка? Ќе биде разрешен? Не е проблемот само финансиски, туку е и иредентистички и националистички, а доаѓа од функционер на оваа влада, нејзин претставник“, додава тој.

„Да сме реални, тешко тој шо стигнал до таму за во наше здравство да се лечи, ама то е друга тема…“, иронизира Божиновски во нова објава.

„Единствени странци во Македонија стануваат Македонците…“, заклучува тој.

Уапсени двајца битолчани: Кај едниот пронајден пиштол и муниција, кај вториот предмети кои ги украле неговите малолетни деца

На 08.06.2023 полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Битола го лишиле од слобода К.Ј.(26) од Битола.

При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, билe пронајдени и одземени пиштол „зораки“, две рамки за пиштол и 48 куршуми. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вчера, исто така, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола од слобода го лишиле В.А.(43) од Битола. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени муниција и предмети кои потекнуваат од тешка кражба извршена на 02.06.2023 од страна на неговите малолетни деца. Со нив бил извршен службен разговор во полициска станица, при што го признале делото.

По целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Албанците и Косоварите ќе ги лекуваме со исти цени во нашите болници?

Не стигнуваат реакциите откако министерот за здравство најави дека државјаните на Косово ќе се лекуваат во Македонија по исти цени како македонските државјани.

Докторот Александар Митов реагира дека тоа нема таков капацитет и дека тоа не го прават ниту Сингапур и Швајцарија за своите соседи.

„Дај Боже да имавме толку висок здравствен буџет па да ги лекуваме сите околни земји… Но, немаме.
Па дури и Сингапур и Швајцарија не лекуваат граѓани на околни земји. Треба само површно познавање на буџетите на болниците за да се знае каква е реалната состојба. Значи, за некои работи не треба ни анализа за да се види дали се реални и можни. Треба само малку информираност и здрав разум. Но, не само пари, и последниве ги нема…“
, напиша Митов на Фејсбук.

Ова следува откако денеска Министерството за здравство донесе одлука за нивелизација на цените на здравствените услуги во РМ, како за државјаните на земјата така и за граѓаните од Косово и Албанија. Според министерот за здравство, Фатмир Меџити, тука нема да застане туку ќе побара билатерална соработка и со Србија и Грција, објави ТВ 21.

-Косовските граѓани плаќаа двојни цени и тоа само во јавното здравство, а не во приватното. Дадовме наредба од Министерството за здравство ова да се израмни и да има исти цени како за државата, бидејќи всушност не доаѓаат странци во Македонија, тие се од Косово, особено за здравствени потреби. Презедов мерки и за граѓаните од Албанија кои доаѓаат и ги посетуваат болниците во Охридскиот регион – изјавил Меџити.

Катаклизмични сцени од Делчево: Градот го погоди страшно невреме, водата носеше автомобили и корнеше улици (ФОТО)

Големо невреме проследено со врнежи од дожд и град попладнево го зафати Делчево.

Под вода се многу од улиците во ниските делови од градот, а оштетени се голем број на објекти и улици. Сцените кои се споделуваат на социјалните мрежи се страшни. Во дел од делчевските населби во прекин е снабдувањето со електрична енергија.

Потпишан меморандум: Општината ќе плаќа партиципација за студентите кои ќе студираат на државните универзитети

Со потпишување на Меморандум за соработка меѓу Општина Новаци и УКЛО ќе се влијае на намалувањето на миграцијата на младите луѓе во најкритичните моменти во државата и нивно останување во родното место во матичната земја. Меморандумот го потпишаа градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски и ректорот, проф. д-р Игор Неделковски во просториите на ректоратот.

Предлогот на градоначалникот Стевановски финансиски да се помагаат идните студенти, жители на Општина Новаци кои ќе се запишат на државните универзитети на прв циклус студии во Македонија ќе се најде на дневен ред на седница на Советот на Општина Новаци.

Градоначалникот Стевче Стевановски очекува дека Советот ќе ја прифати идејата, Општината да ги стимулира младите жители да се запишуваат на државните универзитети, поточно на УКЛО, да се стипендираат во нивното студирање, со верување дека на овој начин се прави чекор напред да се задржат младите дома првенствено со студирањето а потоа и со нивното работење и создавање семејство.

Според ректорот Неделковски со формализирање на иницијативата Општина Новаци прави крупен исчекор, во заложбата да се задржат младите и квалификувани луѓе, дека станува збор за еден позитивен пример со којшто Општината препознала начин да се намали миграцијата кон странство и миграцијата од руралните средини кон градовите.

На овој начин, Меморандумот за соработка со самото потпишување промовираше еден од начините за сплотување на чинителите во општеството за решавање на вакви важни прашања кои може да отворат развојни перспективи во цели региони.

Мицкоски: Нудам три датуми за избори оваа есен или широка влада, заштитен идентитет и брза интеграција

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во Тема на денот во централниот дневник на ТВ Сител вели дека на вчерашната лидерска средба со Димитар Ковачевски понудил три датуми за избори оваа есен или широка влада, како и заштитен идентитет и брза интеграција во Европската унија.

-Му го кажав мојот предлог за избори кои би се случувале оваа есен, како три можни датуми ги предложив 24 септември, први или осми октомври. Да одиме на избори, тој кој што ќе биде поразен да го поддржува победникот во одбрана на националните интереси. Значи да бараме гаранција за многу вековниот македонски идентитет, култура, традиција, посебност, обичај и јазик од Европскиот совет и преземав обврска преку премиери на земји членки таа точка да ја ставиме на дневен ред. И бидејќи сите велиме никој нема против македонскиот идентитет тогаш нема причина зошто таа точка да не биде на дневен ред и да се добие таков документ со кој што ќе се добие документ со кој што ќе биде потврда на македонскиот идентитет, од страна на највисокото европско тело, а тоа е Европскиот совет, каде што членуваат шефови на влади и држави од земји членки на Европска Унија. А од друга страна ќе ги видиме вистинските намери на нашиот источен сосед, дали е идентитетот проблем или не е, рече Мицкоски.

Претседателот Мицкоски посочи дека се понудил да побара економски пакет за проекти за суштински потреби на граѓаните во форма на грант и кредитна линија за македонското стопанство.

-Второ реков дека ќе разговарам јас бидејќи сме од истото семејство на ЕПП со Урсула Фон Дер Лајен и ќе побарам економски пакет за проекти за суштински потреби на граѓаните, во форма на грант кој што ќе биде дел од буџетот на Европската комисија за 2024 година. И побарав кредитна линија за македонското стопанство за да може македонското стопанство да се подготви за процесот на пристапување кон ЕУ и да може подготвено да го пречека тој процес.

Мицкоски потенцираше дека му предложил на Димитар Ковачевски да се бара од Бугарија да имплементира барем 3 пресуди донесени од Судот за човекови права, укажувајќи дека покрај евроинтеграции, се зборува и за добрососедство, додавајќи дека не може само Македонија да биде добра и да испорачува, но како што рече Ковачевски ги одбил предлозите.

-И третата работа која ја предложив, а тоа беше на Судот за човекови права во Стразбур има 14 пресуди од кои што 13 се конечни, а од тие 13, 6 се завршени, и Бугарија мора да ги имплементира. И реков еве нека изберат 3 тие нека ги имплементираат, бидејќи покрај евроинтеграции, зборуваме и за добрососедство. Ако зборуваме за добрососедство тоа значи двосмерна улица, не може само ние да бидеме добри соседи, мора и од другата страна да видиме дали тие ќе бидат добри соседи. Но, тоа беше одбиено, истакна Мицкоски.

Мицкоски вечерва гостин во Дневникот на ТВ “Сител”

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва во 19:00ч. гостин во Дневникот на TВ “Сител”.

https://www.facebook.com/photo?fbid=815687956579799&set=a.479735406841724

Великаните на македонското глумиште, Петар Мирчески и Петре Темелковски, наградени за животно дело од театарскиот фестивал “Војдан Чернодрински” во Прилеп

Како и секоја година, и оваа, Собранието на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе додели награди за животно дело.

Собранието донесе одлука награди за животно дело да добијат двајцата великани на македонското глумиште, Петар Мирчески и Петре Темелковски.

Петар Мирчевски

Наградата за животно дело обично се дава на поединци кои поставиле нови мерила за квалитет и пристигнале на врвот на планината наречена уметничка кариера. Но во случајот на Петар Мирчевски, актер според кого пензијата е условна работа, кариерниот врв тешко се дефинира. А како да се дефинира кога Мирчевски е постојано во нагорна линија, чиниш сега тргнал по патеката нагоре?

Вистинскиот почеток на актерската приказна на Мирчевски се случува пред повеќе од четири децении, кога се зачленува во драмската секција на битолската гимназија „Јосип Броз Тито“ и почнува да игра на младинската сцена во тамошниот театар, каде што се вработува по дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1979 година. Оттогаш, Мирчевски посветено ја гради својата кариера на неколку паралелни патеки. Како постојан член на ансамблот на Народниот театар во Битола и чест гостин во поголемите театри во Македонија, Мирчевски достигнува импозантна бројка од 170 остварени ролји. Меѓу нив, особено салиентна е улогата на првиот македонски Сирано во Сирано де Бержерак (текст: Едмон Рустан, режисер: Љубиша Георгиевски). Оваа улога му ги носи првите награди (актер на годината од Екран во 1991 година и најдобра машка улога на МТФ „Војдан Чернодрински“ во 1992 година), а триесетина години подоцна, монолозите на Сирано се сѐ уште врежани во меморијата на Мирчевски.

Потоа следуваат соработки со звучни режисерски имиња и значајни улоги од домашната и светската драматургија, како што се: Тристан (Љубомора и љубов, [1992], режисер: Слободан Унковски), Гавро (Казабалкан, [1998], режисер: Златко Славенски), Санчо Панса (Дон Кихот, [2011], режисер: Владо Цветановски) и Агамемнон (Геноцид, [2015], режисер: Љубиша Георгиевски). Мирчевски толку често игра, што дури и една од најважните вести (раѓањето на синот) ја дознава на паузата од претставата Преноќиште (во режија на Љуба Милошевиќ). Разноликоста на улогите на Мирчевски и емотивната длабочина која е потребна за нивно отелотворување неизбежно водат и до бројни признанија на театарски фестивали, меѓу кои и награда за најдобар млад актер на Млад борец (1999), Златна маска на Охридско лето (1981) и награда за најдобро актерско остварување на Нушиќеви денови (2011).

Иако, според овие успеси, изгледа како Мирчевски веќе да стигнал до солидна надморска височина, вреди да се спомене и работата на над 40 телевизиски серии и играни филмови, во кои соработува со актуелни домашни и странски режисери, како: Теона Митевска, Милчо Манчевски, Драган Бјелогрлиќ, Раде Шербеџија и Емир Костурица.

Она што е заедничко во изведбите на Мирчевски, без разлика дали се на штиците што живот значат или пред камера, е мајсторското „носење на туѓата кожа“ како своја. И жесток и кревок, Мирчевски е еден од ретките актери кој игра со секој атом од своето постоење и гради безвременски ролји кои ги паметат генерации љубители на театарот и филмот не само во Македонија туку и низ целиот регион. Неговата способност дури и во споредните улоги во кои игра на јазик кој не го зборува течно да ги „украде“ симпатиите на гледачите, како што е случајот во турската серија Збогум Румелија, е уште една потврда за неговиот вонсериски талент. Во последната деценија, Центарот за култура во Битола му довери уште една, одговорна задача. Како селектор на Меѓународниот фестивал за монодрама, Мирчевски ги артикулира модерните тенденции во овој посебен театарски жанр и притоа учествува во дефинирањето на културната политика во градот под Пелистер, каде што публиката четири децении го храбри и се гордее со неговите успеси. По толку искачени уметнички планини, наградата за животно дело е и повеќе од заслужена. Сепак, познавачите на кариерата на Петар Мирчевски, освен што ќе му честитаат за достигнувањето, ќе го прашаат и на што работи во моментот. Оти, за актер од неуморниот ков на Мирчевски, постојано има нови врвови за освојување.

Петар Темелковски

Како да се напише експликација за награда за животно дело за еден крајно нетипичен актер и уметник од посебен калибар, а притоа таа да не звучи изветвено и типично? Лесно, затоа што кариерата на Петар Темелковски е полна со невообичаени факти и уникатна симболика.

По дипломирањето на Театарската академија во Софија кон крајот на 1972 година, Темелковски ја започнува својата професионална актерска кариера на штиците што живот значат во еден исклучителен сплет на театарски околности. Во „Животот на Галилеј“ од Бертолт Брехт, режирана од Бранко Ставрев, Телемковски ја толкува улогата на Андреа Сарти, кој од својот учител Галилеј добива значајна обврска – сочувување на неговите ракописи и пренесување на стекнатото знаење кон идните генерации. Галилеј во оваа постановка го игра токму Илија Милчин – неспорниот светилник на македонскиот театар и главниот иницијатор за основање на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Па така, сценската иницијација на Темелковски само ја навестува непроценливата важност која тој ќе ја има за (развојот на) театарот во Македонија.

Како актер, Темелковски гради мошне специфична кариера. Наместо да дозволи институционалните очекувања и имплицитната квота кои произлегуваат од статусот на „постојано вработен актер“ да го дефинираат неговиот актерски опус, тој е во трка единствено со самиот себеси и сопствениот креативен капацитет. Неговата професионална театрографија е како прошетка низ носечките, и неретко насловни, улоги во сите позначајни дела од светската и домашната драматургија. Од Горчин („Пелиново“ на Жарко Команин, 1974) и Џејмс Тајрон („Долго патување во ноќта“ на Јуџин О’Нил, 1988), преку Агамемнон („Ифигенија во Авлида“ на Еврипид, 1996) и Крал Лир (Шекспир, 2002), па сѐ до Херман Клаус („Диво месо“ на Горан Стефановски, 1979) и Максим Бродски („Р“ на Јордан Плевнеш, 1987 и 1991). Ролјите кои ги толкува Темелковски се комплексни и бараат хируршка прецизност, атлетска издржливост и занаетчиска посветеност на актерската игра во секој миг на сцената. Несомнено, неговата супериорна професионална подготвеност, сугестивната игра и мајсторски диференцираниот говор биле клучни за соработката со сите значајни македонски режисери, меѓу кои и најескопонираните имиња од тогашниот нов/модернистички бран: Слободан Унковски и Љубиша Георгиевски (со кого соработувал на 25 проекти).

Индикативни за неговниот нетипичен актерски развој се и низата престижни награди на важни фестивали во Македонија и регионот: „13 Ноември“ (1984), Стериина награда на Фестивалот Стериино позорје во Нови Сад (1987), Златен ловоров венец на Фестивалот на мали и експериментални сцени во Сараево/МЕСС (1988), МТФ „Војдан Чернодрински“ (1990 и 2000), „Ристо Шишков“ на Фестивалот на камерен театар во Струмица (2001), како и филмската награда на Филмскиот фестивал во Пула (1976) за неговото деби како Дуко во филмот „Најдолгиот пат“ на Бранко Гапо. Во историјата на македонскиот театар, малкумина актери можат да се пофалат со фестивалски успеси низ целиот Балкан.

Секако, експликацијата за наградата за животно дело би била нецелосна доколку не се спомене второстепеното симболично значење на улогата со која Темелковски ја започна својата кариера. Како ехо на односот помеѓу Андреа Сарти и Галилео Галилеј, Темелковски 11 години беше на чело на тимот задолжен за остварување на дамнешната визија на основоположникот на МТФ „Војдан Чернодрински“, Илија Милчин. Во улога на уметнички директор, Темелковски ја организираше и ја спроведуваше, со негови зборови, „последната верификација“ на развојот на македонскиот театар од 2007 до 2017 година – не само пред публиката, жири-комисиите и критичарите, туку и пред сите колеги кои заедно ја граделе/градат театарската култура во Македонија.

Во градот кој самиот го опишува како „златен кожурец во кој театарот љубоморно се чува како свилена буба“, првата улога на Темелковски одекнува половина век подоцна – како исклучително наградуван актер, посветен уметнички директор и добитник на награда за животно дело на најстариот театарски фестивал во државата.