Aко по утрото денот се познава – Mилан чекори кон ново “Скудето”

Актуелниот шампион на Италија, црвено-црниот тим од Милано продолжува со неверојатната игра.

И со црвен картон од 46-та минута Милан успеа да ја добиe Сампдорија во гости со резултат од 1-2. Месијас го отвори резултатот уште во 6-тата минута, а новото засилување, младиот Белгиец, Де Кетеларе стрелаше за 0-2. За жал, вториот гол беше поништен поради минимална офсајд позиција на Жиру.

Леао беше заслужено исклучен од игра во 46-тата минута и Сампдорија ја искористи можноста да одговори со голот на српскиот интернационалец Џуричиќ. ВАР собата на судиите беше исклучително активна, па главниот судија Фабри одлучи да досуди пенал за Милан во 67′ минута, можност што Жиру не ја пропушта.

Исклучително важни три бода за Милан, но сепак “Росонерите” имаат повеќе причини за радување. Во клубот веќе јасно се гледа новиот лидер на теренот. Упорен како Гатусо, внимателен како Пирло и со лидерски особини како Малдини. Да, зборуваме за Сандро Тонали, ѕвездата на италијанскиот фудбал. Има само 22 години а веќе ја зациментира својата позиција, како пред раководството на тимот, така и пред навивачите.

Миленикот на “Кypва суд” само што потпиша нов договор до 2027 година, со секој негов потег докажува дека ја заслужи двојно поголемата плата. Иако се очекуваше од Милан да биде поактивен во ова “меркато”, клубот не го одврза ќесето за големи засилувања. Она што е важно, како што пренесува “Газета”, задржан е костурот на екипата. Истата која изминатата сезона го крена трофејот на Италија.

Ф.Г.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.