Јовчески, Гулабоски и Матракоски на тридневен самит во Тирана

Градоначалкникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, заедно со директорот на ЈКП Водовод и канализација, Игор Гулабоски, и Раководителот со секторот за образование во општина Прилеп, Марјан Матракоски, беа дел од Самитот Б40 – Балканска мрежа на градови, кој што се одржуваше од 29 до 31 јануари во Тирана.

За посетата на овој Самит, Јовчески во соопштение за медиумите вели:

-Остварив билатерални средби и имав прилика да разговарам со домаќинот на Самитот градоначалникот на Тирана, господин Ерион Велиај, со градоначалникот на Истанбул господин Екрем Имамоглу, како и со градоначалниците на општините Сплит, Текирдаг, Тузи и Велико Тарново.
Членството на Прилеп во оваа Мрежа на градови од Балканот ни го отворa патот за соработка меѓу градовите и ни овозможува размена на позитивни искуства за решавање на урбаните проблеми, како и зголемување на можноста за економска соработка помеѓу бизнис секторите и проширување на своите пазари во рамките на оваа мрежа на градови од Балканот.

Пред околу 40 градоначалници од сите држави од Балканот и останатите високи претставници на меѓународните и европските институции, имав прилика да се обратам и да ја претставам нашата општина Прилеп. Ги запознав накратко присутните со местоположбата и големината на Прилеп, за неговата значајна и богата историја, за природните богатства, за економските можности и бизнис климата и се она што е препознатлив бренд на нашиот град.

Нашата цел како локална самоуправа е да продолжиме и во иднина економски, општествено и културно да ја развиваме општината, со вклучување на сите структури во заедницата, да направиме дигитална трансформација и да креираме инклузивна заедница, да ја надоградуваме и да ја продолжиме соработката меѓу градовите во рамките на Б40 мрежата и да разменуваме позитивни искуства за решавање на урбаните проблеми, се со цел, заедно да креираме политики за унапредување на урбаните заедници во интерес на сите граѓани согласно Европската визија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.