Цените на нафтата паднаа под 94 долари – Ќе намали ли и кај нас?

Цените на нафтата паднаа денеска на меѓународните пазари под 94 долари бидејќи инвеститорите стравуваат од побарувачка во услови на заострени епидемиолошки мерки во Кина, висока инфлација и зголемени каматни стапки.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше пониска за 1,95 долари во однос на вчерашното затворање и изнесуваше 93,69 долари. Речиси за исто толку падна и на американскиот пазар каде барелот се тргуваше за 87,57 долари.

Трговците нервозно го следат ширењето на Ковид-19 во Кина.

Строгите епидемиолошки мерки во втората по големина светска економија, како и притисокот на трошоците ја намалија активноста во азиската индустрија во август, засенувајќи ги шансите за закрепнување на регионот од последиците од пандемијата, според истражувањето објавено во четвртокот.

Технолошкиот центар Шенжен во јужна Кина ги заостри мерките поради континуираното ширење на инфекцијата, забранувајќи ги големите собири и забавата во затворен простор во областа Баоан на три дена.

Кинеската политика на нулта толеранција за ковид ја кочи економијата, што значи и послаба побарувачка за енергетски производи.

Пазарите се загрижени и поради рекордната инфлација и најавата за агресивно зголемување на клучните каматни стапки во САД и во еврозоната со цел да се запре растот на цените.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.