Цел кош награди во ООУ “Гоце Делчев” – Прилеп

Oсновното општинско училиште “Гоце Делчев” – Прилеп e вечен расадник на таленти, кои години наназат бележат успеси на сите општински, регионални, државни и меѓународни натпревари. Од ова училиште излегле и сеуште излегуваат идни интелектуалци во сите сфери и научни полиња.

Успехот на учениците пред се е заслуга на посветените и фокусирани ментори и секогаш отворениот за соработка, координација и помош директор. Директорот Трајче Каралиоски повеќе години одлично ја раководи институцијата, го вложува сиот свој труд и напор, а успехот на тој начин е гарантиран.

Nnagradeni_od_goce_delcev

Успешноста кај учениците во ОУ „Гоце Делчев“ преовладуваше во целата учебна година. Дури меѓу најдобрите, се кријат доста мултиталенти. Не ги бидува само за едно, туку постигнуваат резултати, каде и да бијат мегдан. Доминираа успесите во природните науки. За “аирлија”, на првиот државен натпревар по хемија, “растур” направија. Како по формула, им нема рамни и на физичарите и математичарите. Успешната приказна ја раскажуваат и франкофоните. Ништо помалку не се неуспешни ниту спортистите, или писателите, особено не информатичарите или пак младите техничари.

ХЕМИЧАРИТЕ НА ЧЕЛО

Opasni_so_hemijata

На првиот државен натпревар по хемија, “гоцеделчевци” поминаа повеќе од успешно, потејќи се над тестовите цели два часа. Ги зазедоа челните позиции и тоа сите се ученици од 8-в одделение. Меѓу 97 учесници од земјава, под менторство на Кети Иваноска, прва беше Делфина Апостолоска, втора Бојана Кузманоска, а зад нив се нареди Деница Темелкоска. Апостолоска била најдобра и за фрлање ѓуле со менторот Ристо Тошески. Викендов ја чека државниот предизвик по биологија, откако го освои третото место на регионалниот под менторство на Билјана Георгиеска.

– Успеав со труд и работа, иако беше тешко. Се роди нова љубов кон хемијата. Можеби влијаеше генот од баба ми, која била наставник по хемија – вели Делфина Апостолоска.

Бојана Кузманоска постигнална висок резултат на државниот, а била трета на регионалниот, иако тестот бил сложен. По биологија е пофалена, а се натпреварува и по англиски на Хиппо.

Деница Темелкоска, иако на регионалниот не освоила награда, се помачила да го оправда првото место од Народна техника. Се изборила за третата позиција со помош на сличните прашања за оксидација и сé повеќе се насочува кон хемијата.

Осмоодделенецот Валентин Димитриоски иако претходно бил прв, на државниот бил пофален. Ја сака хемијата.

– Се гордеам на хемичарите. Нема поголема радост кога љубовта кон хемијата се пренесува на учениците, а особено кога ја разбираат и нижат хемиски победи – додава менторот  Кети Иваноска.

Пофалена биле и деветоодделенката Мила Јагуриноска, инаку спортист, и осмоодделенката Стефана Џамбазовска, која претходно била второнаградена, а за натпреварувањето и љубовта кон природната наука била инспирирана од наставничката Иваноска.

Glavni_za_prirodnite_nauki

 

 

Први за “гимнастика” на умот

Седмоодделенецот Марко Таневски кој беше прв на државниот по информатика под менторство на Летка Дојкоска, коси математички задачи и го освои второто место. Под менторство на Неда Јовески, зад него се најде осмоодделенецот Благоја Овезоски. Тој лани беше прв по математика и информатика. Се надмина себе си и се закити со бронза на Јуниорската математичка олимпијада. Трет бил и на Кенгур.

– Трите науки се поврзани и ми одат. Нема предмет – фаворит. Поголеми резултати редам по математиката, иако е потешка – вели Овезоски.

Тој нема мака, ниту со физиката. Освоил трето место од општински, регионален, до државен.

ФИЗИЧАРИТЕ ВО УСПЕШНА МИСИЈА

Fizicarite_lapnuvaat_nagradi

Физичарите под менторство на Соња Димовска имаа полн погодок во силната конкуренција од 150 натпреварувачи. Повторно блеснаа на државниот натпревар, покажувајќи одлични резултати. Деветоодделенката Габриела Лазоска иако претходно била пофалена, на државниот, се изборила за третата позиција. Трет бил и Благоја Овезоски. Со пофалница се закитила Емилија Џајкоска, која истиот резултат го постигнала и по математика. Учествувала и Тамара Тасеска.

ТРИУМФ НА ФРАНКОФОНИТЕ

Uspesna_godina_za_mladite_frankofoni

Наградите не се сефте ни за франкофоните под менторство на Ирена Наумоска. За составот “Со францускиот јазик си создавам пријатели низ целиот свет” на државно, Марио Јакимоски “лапна” злато, а среброто отиде во рацете на Стефанија Шамовска. За усно изразување на државната Олимпијада, Лазоска се пласираше меѓу најдобрите 15 учесници од 46, заземајќи ја шестата позиција.

– Само со континуирани вежби има резултати. Им порачувам на идните генерации да се натпреваруваат по француски јазик – додава Лазоска.

За пофалба е што освои максимален број на поени во најтешкиот модул усно изразување, а била прва на регионалниот за писмен состав.

НАГРАДИ ДУРИ И ОД ДЕТСКИ СЕМАФОР

Куп медали и пехари на градите и за витрините стасаа со учениците од државниот натпревар од Народна техника. Наталија Кочоска се “позлати” за радиотехника со наставничката Благица Чатлеска, а бронза донесе Ивона Трајкоска за метеорологија со менторот Златко Петревски.

На државниот натпревар по природни науки, на третата позиција застанаа шестоодделенците Ивона Трајкоска со менторот Билјана Георгиеска и Софија Гешоска со наставничката Соња Димовска. Добила пофалница на полуфиналето од Хипо, на регионалниот по математика, а на Спелинг поминала на регионалниот. Иако им е нов предмет и се пријавиле за натпреварот одненадеж, се изненадиле кога не само што стигнале на државниот, туку и постигнале успех.

И за спорт ги бидува учениците од ОУ “Гоце Делчев”. На државниот училишен натпревар “златни” беа ракометарите со менторот Зоран Бунески и Делфина Апостолоска за фрлање ѓуле под раководство на Ристо Тошески. Од џудистите, злато освои Теодора Димеска, сребро Стефан Аврамоски, а бронза Виктор Трајкоски.

По традиција, училишниот хор со 28 членови под диригенство на Љупчо Мирчески беше второнаграден на државниот хорски натпревар во Кавадарци.

Ученичката Адела Еленин, вешто управувајќи го велосипедот низ пречките по полигонот, освоила второ место и на регионалниот и на државниот натпревар “Детски семафор”. Годинава е многу подобра, со оглед дека лани не успеала да стигне до државниот.

МЕЃУНАРОДНИ ПРИЗНАНИЈА

Учениците од 5-г одделение со наставничката Александра Андоноска беа наградени за проектот “Прошетка во природа” како омилен на публиката во Брисел, Белгија. Во конкуренција од 195 апликации од 34 земји од Европа, Америка и Австралија, нивната изработка била единствен македонски проект досега наградуван на манифестацијата.

Шестоодделенката Офелија Настеска, која лани го објави своето првенче “Моите сонови”, со нејзината песна “Сонце во сончогледите” под менторство на Билјана Јагуриноска, стигна до Меѓународниот фестивал на детско творештво “Панонски детски град”. Била второнаградена и на конкурсот за Св. Кирил и Методиј во Кичево, организиран од Македонско-бугарското друштво за пријателство, каде била наградена и со фотоапарат за под вода. Нејзина творба се наоѓа и во поетската збирка на фондацијата “Никола Кљусев”.

IMG_3725

IMG_3727

IMG_3726

Извор: НЕДЕЛНИК ЗЕНИТ




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.