(Фото) Учениците во Прилеп на молебен канон за благослов на новата школска година

Учениците во Прилеп денеска заедно со родителите на молебен канон за благословување на новата училишна година. Во продолжение ви го пренесуваме текстот од Протоереј Љупче Петрески.

Драги ученици, учители и родители, добредојдовте и уште на почеток Ви посакувам среќен и успешен прв училишен ден. Среќата, успехот, задоволството и насмевката нека ве придружуваат не само во текот во текот на вашето образование ами и през целиот ваш живот.

Како секоја година, така и оваа, пред почетокот на учебната година, во парохиските цркви се благословуваат првачињата и повозрасните ученици, и свечено се повикува Светиот Дух за благословен почеток на новата учебна година.

Гледајќи ве денес, моите сеќавања се враќаат во школските денови, пред повеќе од 35 години, кога учев во блискот училиште во оваа населба (ОУ „Блаже Конески“). Некои од најубавите искуства во мојот живот доаѓаат од овие простори (од населбата Точила) и од ова училиште. Некои работи што сум ги научил во основно училиште, кога бев на ваша возраст, нема никогаш да ги заборавам и ми биле од голема полза во текот на целиот мој живот. Се’ уште паметам некои од поуките и советите што ми ги давале наставниците од основното училиште.

Драги деца, знам дека не е лесно да се премине од целодневна безгрижна игра со семејствата и другарчињата, или од градинка, во училниците.Тоа е голема промена во вашиот живот. Доаѓаат првите должности за првачињата, а за повозрасните веќе искусени, во форма на домашни задачи, читање, пишување и т.н., но не треба да се грижите зашто тие се лесни за извршување кога се извршуваат со љубов.

Особено кога го имаме Божјиот благослов –пишувањето на домашната задача станува многу полесно: собирањето и одземањето, пишувањето големи и мали букви не е проблем кога покрај вас е Оној што најмногу на светот ги сака децата, нашиот Господ Исус Христос. Тој е најголемиот и најдобриот Учител. Ние денес се собравме овде, во домот на најдобриот Учител, во Неговата училница.

Да, драги ученици, Христос е најголемиот учител на сите времиња. Тој е малку поразличен учител од вашите учители во училиштето. Навистина, Тој нема да ве учи на математички задачи или географија, но доколку често доаѓате во Неговата училница, во црквата, ќе ве научи на многу убави и важни нешта. Ќе ве научи да бидете добри деца, добри ученици. Ќе ве научи да бидете кротки, мирни, да не се лутите никому, да не правите лоши работи. Ќе ве научи да бидете трпеливи, да ја сакате вистината, да не лажете, да си помагате меѓу себе, да се почитувате, да бидете добри другарчиња, да се сакате. Ќе ве научи да бидете чесни, поштени, да правите добри дела, да помагате на оној кој е во неволја, да бидете љубезни. Ќе ве научи да бидете послушни кон родителите и учителите и да ги почитувате постарите. Со еден збор, ќе ве научи да бидете добри луѓе!

Ве повикувам, драги ученици, наставници и родители, често да доаѓате во ова „училиште“ и да се дружите со најдобриот Учител Исус и во оваа учебна година. Тој ве сака, се грижи за вас. Исто така, Тој ќе ви даде одговори на многу прашања во текот на животот како и смислата на нашето постоење.

Уште еднаш, ќе ве замолам, не заборавајте да им возвратите на љубовта и вниманието на вашите родители и учители кои се грижат за вас. Слушајте ги и соработувајте со нив. Прифатете го она што ве учат и што ве поттикнуваат да го правите со нивниот добар пример. Совладувајте ги вашите училишни обврски и негувајте го духот на заедништвото и солидарноста.

Исто така, ќе ве замолам, секогаш кога ќе бидете во ситуација да бирате – да го изберете доброто, да изберете да бидете добри деца, да изберете вистина, правда, убавина, добрина. Кога избирате такви вредности, вие всушност го избирате Бога, нашиот најголем и најдобар Учител, затоа што Бог е вистина, и убавина и добрина. Затоа, немојте секогаш да го избирате полесниот пат и да се задоволувате со малку научено, бидејќи тоа не води до целта. Тоа би било како да се каже –„Задоволен сум и со оцена двојка“.

Точно, и двојката е преодна оценка, но што ќе рече на тоа нашиот најголем и најдобар Учител, кога Тој знае дека можете повеќе, можете да заслужите поголема оценка, зашто Тој не создал за поголеми дела и повисоки оценки. Секогаш да се трудите да научите повеќе, за петка. Зашто, ако се задоволиме со двојки, само ќе го растажиме нашиот најголем Учител, а тоа не сакаме никому да го направиме, а најмалку на најдобриот Учител, нели?

Божјата помош, помошта на најдобриот Учител, нека ве придружува во вашата одговорна работа. Нека почетокот на учебната година започне и заврши со благословот на најдобриот Учител.

По молитвите и благословот на нашиот духовен татко, нашиот владика, дедо Петар, нека ви е успешна новата училишна година!

Протоереј Љупче Петрески




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.