(Фото) Со премиерата на комедијата “Лажговци” започна одбележувањето на 70 години театар “Војдан Чернодрински” – Прилеп

Со премиерата на претставата „Лажговци“ во режија на Коле Ангеловски синоќа (17.02.2020 ) започнаа активностите за одбележување 70 години театар „Војдан Чернодрински“ кои ќе траат до 23 февруари.

На одбележувањето присуствуваа градоначалникот на општина Прилеп Илија Јванооски и заменик министерот за култура г-н Владимир Лазовски.

На почетокот на присутната публика и се обрати директорот на Центарот Рубинчо Белчески кој посочи дека Театарот е насушно потребен.

– Од сите уметности само театарот е директен посредник со публиката. Тој е светлина сам по себе, што свети од сите страни и е препознатлив за секој човек. Театарот потребно е да e различен, а нашиот театар низ децениите растејќи, развивајќи се беше различен….Нашиот и ваш театар, преку претставите отвора вистински прашања, коментира, просветлува, возбудува, открива, воспоставува систем на врендости, бранува. И затоа е во последните години е во врвот на македонскиот театар.

Во седумте децении прикажал околу 350 премиери, односно се одиграни 7000 претстави кои ги гледале на 1,5 милиони луѓе – рече Белчески.

Според градоначалникот Илија Јованоски театарот „Војдан Чернодрински“ е една од институциите со најдолга традиција со која Прилеп и прилепчани се гордеат.

– Во своето повеќедецениско опстојување прилепскиот театар посебен акцент му давал на домашното драмскотот ворештво. На оваа сцена биле поставувани праизведби на текстови од македонски драмски автори… Денеска тетаарот го сочинува тим кој во моментот е врв во македонското глумиште -рече градоначалникот Јованоски.

Заменик министерот за култура Владимир Лазовски честитајќи го јубилејот посочи дека нашиот ансамбл е еден од најрепрезентативните во земјава и во регионот.

– Оваа сцена е драгоцено место кое со генерации грижливо се чува и се надоградува. Од првите почетоци, па до денес Прилеп, со бројните заслужни родени прилепчани кои се дел од втемелувачите на современиот театар, покажа дека има јасно дефинирана оска која овој град со право го бележи како еден од најтеатарските во земјава.Во оваа прилика, би сакал да го поздравам и доајенот Коле Ангеловски со чија премиера вечерва почнува прославата на јубилејот како еден од оние режисери чии наслови, според бројот на изведбите се меѓу најомилените кај публиката. Благодарение на верната прилепска публика, која покрај комедиите ги поддржува и храбрите поставки, бројни автори имаа шанса на оваа сцена да ги реализираат своите проекти со кои потоа стигнаа далеку во меѓународни рамки, афирмирајќи го македонскиот театар меѓу театри од целиот свет. На одбележувањето на 70 годишнината од Театарот „Војдан Чернодрински“, должен сум да укажам дека конечно е започната постапката за обезбедување на документацијата што ќе овозможи реконструкција со надградба и доградба на објектот на НУЦК „Марко Цепенков“, а се однесува на потребите на театарот. Со тоа, ве уверувам дека, овој талентиран и пожртвуван ансамбл, во скора иднина ќе ги има вистинските услови кои ќе бидат на нивото на нивниот врвен уметнички професионализам – рече заменик министерот Лазовски синоќа на одбележувањето.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.