УХМР предупредува: Можни се излевања поради најавените обилни врнежи

Доколку најавените врнежи дожд од 50 до 70 литри на метар квадратен паднат во период од 72 часа, не би требало да има никакви проблеми, но ако тие се случат локално, на помали сливни подрачја за краток временски период и со силен интензитет, тогаш се можни излевања, предупредува УХМР.

Според информацијата од прогностичките модели, на целата територија на нашата држава е можна појава на интензивни локални врнежи поради што се препорачува внимателно движење покрај водотеците и суводолиците.

Поизразени региони се крајниот запад, југо-запад и северо-запад, каде покрај можни локални излевања на помалите водотеци, можна е појава и на свлечишта и одрони, особено на патниот правец Маврово-Дебар-Струга. Покрај овој регион за особена внимателност од можна појава на локални излевања се и горните сливни подрачја на Вардар и Треска, сливните подрачја околу планината Кожуф и гевгелиско-валандовскиот крај, наведува Управата.

При евентуална појава на интензивни врнежи во градските средини, поради големиот процент на водонепропусност (бетонски и асфалтни површини), очекувани се брзи истекувања по улиците и појава на заезерени површини поради засипани со нанос шахти и одводни атмосферски канали. На одредени локации каде олуците се приклучени на обичната канализација можно е да дојде до поплавување на одредени подрумски простории поради преоптовареност на канализационите цевки.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.