Тркља: “10 пати му ѕвонев на градоначалникот, но не ми крена” – Ова е нечовечки однос рече оштетениот дуќанџија од Прилеп

Комуналните инспектори од Општина Прилеп утрово го зеле целиот инвентар од угостителскиот објект „The Gallery House Pub“, без никакво предупредување или налог. Со вакви обвинувања денеска излезе сопственикот Бисерко Тркља, кој призна дека имал долг кон општината од 89.000 денари, но по претходен договор со инспекторите утринава уплатил 40.000 денари.

„Бевме договорени утрово да ги уплатам парите во банка и тоа и го направив, пред да дојдат тие. Чекав во Општина за да ме прими некој, им заѕвонив буквално на сите, имам дури и порака од градоначалникот и инспекторите. Во меѓувреме ми се јавија вработениве од пабов да дојдам, бидејќи се дојдени 3 полицајци, 10 комуналци и 2 трактори за да ги кренат работиве. Кога дојдов, им ја покажав уплатницава, но ми рекоа дури не им кажи некој од горе да запрат, тоа нема да се случи. Јас повторно појдов во Општина за да се слушнам со градоначалникот, со било кој надлежен, буквално никој, ниту градоначалникот, никој не сакаше да ме прими. Кажано им е што се случува во моментов, дека е уплатено, дека нема потреба од такви работи, дека треба и тие да имаат малку разбирање бидејќи имав пожар и штета од преку 100.000 евра, дека не можев сите обврски да ги измирам навреме и буквално дојдоа и се собраа овде. Јас немам ниту било каков извештај што ми е собрано, ниту ми покажаа некој документ, налог, дека тоа може да го прават. Јас мислев дека пред тоа на вработениве им имаат покажано, бидејќи јас не бев тука, бев во Општина да им ја покажам уплатницава. После ми кажаа дека сите работи ги собрале без опомена, налог или било што, дека нештото можат да го прават“, истакна Тркља.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.