СТРАСТ КОЈА ЗРАЧИ СО МАГИЈА – Интервју со Александар Јованоски, колекционер на стрипови

 

Aлександар Јованоски од Прилеп е колекционер на стрипови. Полиците во неговиот дом оживуваат стотици и стотици броеви на легендарните Загор и Алан Форд. Страста започнала од најмала возраст, а прераснала во вљубеност во оваа магија која денес се третира и како уметност. Низ нашиот разговор, Александар ни открива за развојот на оваа култура во нашата средина, влијанието на стриповите врз карактерот и личноста и за растот на неговата навистина огромна колекција, која моментално опфаќа 2800 изданија.

13078378_10207642898964115_1099810015_o

Koга започна да се развива љубовта кон стриповите и како прерасна таа љубов во колекционерство?

Не знам зошто, но се сеќавам на тој момент кога имав 6 години и го прочитав првиот стрип кој го најдов дома зафрлен во некоја фиока. Стрипот беше со Загор и немаше корица. По дваесетина години се сетив дека се работи за епизодата “Пат до смарагдите“ или бројот 95 на легендарната едиција Лунов Магнус Стрип на издавачот Дневник од Нови Сад. Претпоставувам дека стрипот го купил мојот татко кој пред некоја година ми кажа дека ги купувал сите изданија на Дневник од 1968 година во првите неколку години, но подоцна се откажал бидејќи ги позајмил на некој пријател кој никогаш не му ги вратил. Исто така, и мојот помал вујко беше љубител на стрипови. Тој позајмуваше стрипови од друг колекционер, а тоа беше неговиот другар Илчо Башески кој во тоа време ја поседуваше целата колекција на Златна серија и Лунов Магнус Стрип. Неколку пати бев во неговиот дом да ја гледам уредно средената колекција од преку 1200 стрипови, а откако мојот вујко замина на отслужување на воениот рок во ЈНА, Баше ми дозволуваше да земам по 10 стрипови на две недели. Тоа беше налик на вистинска стрип книжара со оглед на фактот дека повеќето од неговите пријатели позајмуваа стрипови од истата колекција, а овој имаше тетратка и ги запишуваше “позајмените“ броеви. Во таа одвоена просторија, Илчо Баше имаше и други изданија и разни списанија, а се сеќавам дека беше колекционер на различни кутии од цигари.

13045672_10207642921404676_1024174643_n

Раширено беше ли таквото хоби во минатите декади кај нас?

Во тоа време, никогаш не сум купил стрип од трафика бидејќи стрипови имаше насекаде.  Стриповите се разменуваа и на улица. Имаш дваесетина дома, си ги прочитал, па бараш нови и непрочитани броеви. Неретко разменувавме помеѓу два натпревари на баскет или познатиот фудбал на “мали“ голови. Претпоставувам дека постарите купуваа повеќе, но ретко ги задржуваа и ги разменуваа за други. Имаше во оптег доста ралични изданија и тогаш беше битно да прочиташ нешто и затоа купувањето не беше толку важно се до 1990 година кога постарите броеви полека изчезнуваа или беа во полоша состојба, па со текот на времето, стануваа понедостапни и поскапи.

13059767_10207642907484328_2143359427_n

Дали стриповите можат да развијат еден посебен карактер, поуникатен, односно дали стриповите се еден начин на живот?

Мислам дека не е лесно да се одговори на ова прашање од повеќе причини. СУбјективно, сметам дека жанрот авантура е најбитен за читателите од помалата возраст кога низ приказните се учи за победата на доброто врз злото во најразлични форми и варијанти. Битна е авторската слобода на авторите, нивниот пристап кон материјата и концептот за што помала доза на насилство во полза на еден микро универзум исполнет со креативна фантазија кој на крајот мора да има единствено позитивна поента. Од друга страна, насилството е некој вид предупредување, неизбежна сила што може, но не мора да се избегнува или да се потисни во свеста во период кога децата поинаку го доживуваат својот свет. Поради ова, многу издавачи како Дизни, преку своите стрип ликови опстанаа во концептот на умерена фантазија, вешто избегнувајќи ја човечката фигура со замена на животински ликови со човечки карактер. Лично сметам дека Дизниевиот пристап е најбезболен и најприфатен. Ова лесно можете да го проверите со една мала прошетка низ прилепската чаршија и набрзина да ги преброите дизниевите ликови по излозите кои преовладуваат во детските продавници. Секако, ова не е случај само кај нас туку и низ целиот свет. Дизни е компанија која има обрт од 30 милијарди долари годишно или 10 милијарди помалку од јапонската Манга. Подоцна низ животот, читателите наидуваат и на сатирчни, политички, хорор, детективски и еротски стрипови. Оние стрипови кои беа потешки за читање во тие детски денови беа ликовите со Алан Форд, Кен Паркер и Мартин Мистерија. Нешто подоцна се појави и стрипот Дилан Дог од жанрот трилер – хорор. Америчките стрипови беа потешки за следење бидејќи немаа своја сопствена и редовна едиција, но затоа беа познати поради филмуваните стрипови со Супермен и Бетмен кои и денес имаат големо  влијание, иако е забележителна “црната“ трансформација“ на основниот концепт и америчкиот начин на комерцијализација, особено преку филмувањето на марвеловите стрип ликови. Ако тука ги додадеме филмуваните стрипови на Алан Мур како Пекол (за Џек Мевосек), В за Вендета и Чуварите, тогаш сигурно не е тешко да се заклучи дали и колку се стриповите влијателни во денешницата.

 Александар со колкава колекција располагаш моментално и како ги заштитуваш сите тие списанија од влијанието на времето?

Бројот на стриповите варира. Мислам дека најголемата бројка беше 4300 стрипови, а сега се околу 2800. Ова е така бидејќи се откажав од некои стрип јунаци за кои сметам дека ќе беше тешко да се комплетираат  во наредниве 10 години. Ова ми е втора стрип колекција. Првата ја продадов во 2005 година и тоа беше огромна грешка. Што се однесува на прашањето за заштитата, стриповите се сместени во специјални полици во комбинација на  дрво и стакло изведени од локален изработувач на мебел од Прилеп кој исто така е голем стрип колекционер.

13059808_10207642921004666_1129217829_n

Кои беа омилените стрип јунаци тогаш и колку таа стрип индустрија е променета денес, дали сеуште живеат хариените изданија, имајќи во предвид дека модерната технологија си го прави своето?

Хартиените изданија се вистинските стрип изданија. Оние што собираат стрипови во дигитална форма сигурно не можат да се наречат стрип колекционари. Модерната технологија повеќе помогна во популизацијата на стрипот и тоа најмногу преку интернетот, особено со списоците на едициите, насловните страници на изданијата, аукциите и стрип берзите, размената на стриповите итн. Со интернетот се забрзаа неколку процеси во издаваштвото, а фановите се зближија на некој начин со авторите и тоа е одчична работа. Намалувањето на тиражите е процес кој започна пред масовната употреба на интернетот поради се послабата понуда на квалитетни изданија која се должи на таканаречена смена на генерации, особено кај авторите и издавачите низ светот. Тоа не значи дека и денес нема квалитетни стрип автори, но се претпоставува дека модерниот начин на живот ги преориентира кон поприоритетни дејности за нив.

 Дали може добро да се заработи кога една голема колекција како твојата би се продала?

Само во случај на целосни колекции на поединечни стрип јунаци или целосни едиции. Доколку имате колекција од стрип јунак од 200 броеви, а ви недостасуваат уште 180 да го комплетирате ликот, тогаш нема многу да заработите.

 Планираш ли нешто да направиш во врска со оваа тематика, си пробал ли некако да ја прошириш таа магија која ја носат стриповите?

Да. Во 2008 година ја основав фирмата Варм Комикс и ги купив правата за стрипот Алан Форд од извачот Макс Бункер Пресс од Милано. По неколку месеци ги откупив и правата за стриповите Загор, Дилан Дог, Мартин Мистерија Мистер Но и Текс Вилер од издавачот Серџо Бонели Едиторе. Иако на почетокот имав пари за 6 изданија, во период од 3 години издадов 24 броеви. Претходно, кон крајот на 2006 година го основав веб сајтот www.stripovimk.com. Тоа беше првиот Македонски стрип сајт и форум за стрипови кој беше мал предвесник за стрип издаваштвото, стрип салоните и стрип книжарите што подоцна се појавија благодарејќи на овој сајт кој ги собра поголемиот број на фановите на стрипот кај нас, а се појавија и неколку цртачи аматери. Поради приватни причини и презафатеност, го стопирав сајтот во 2014 година, но оваа година повторно ќе биде рактивиран и ребрендиран со далеку поголема база на податоци. Се надевам дека во наредниве години повторно ќе се навратам и на издаваштвото.

 

А.Г.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.