Прилеп гори од адреналин: „Топташ Родео“ стартуваше спектакуларно – утре следува големото финале!

Со многу адреналин, бучава од мотори и одлична атмосфера, денеска во Прилеп започна второто издание на хард ендуро настанот „Топташ Родео“, единствен ваков мото спектакл во Македонија.

На специјално подготвениот полигон во месноста Топташ, 67 натпреварувачи од Македонија и Косово ги покажаа своите вештини на исклучително тешките хард ендуро препреки, а бројната публика уживаше во вистинско адреналинско шоу.

Денешниот пролог донесе неизвесна борба за подобри времиња и позиции пред утрешната главна трка, каде најдобрите возачи ќе се соочат со тешка планинска кружна патека долга 3,4 километри.

Утре (недела) продолжува вистинскиот спектакл! Натпреварувачите ќе возат во групи според денешните резултати, а шесте најдобри ќе обезбедат место во супер финалето, каде ќе се одлучува победникот на „Топташ Родео 2026“.

Организаторите од мото клубот „Хард Ендуро Прилеп“ ги покануваат сите љубители на мотоспортот, адреналинот и добрата атмосфера да бидат дел од утрешниот настан. Влезот е бесплатен, а посетителите со почеток од 09:00 часот ќе можат да уживаат и во музика, храна и незаборавна атмосфера под отворено небо.

Прилеп уште еднаш покажа дека знае да организира настани кои привлекуваат внимание и создаваат вистински спортски спектакл.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.