Прилепски уметнички гениј: Интервју со Стојан Дурланов

Се восхитува на сите дела на легендарниот швајцарски уметник Ханс Рудолф Гигер и го следи неговото творештво. Пред него е блескава уметничка кариера, а неговите раце уште сега имаат создадено вредни уметнички дела, кои пленат сечиј поглед. Стојан Дурланов е вистинска свежина и перспектива за прилепскиот уметнички простор. За нас претставува особена чест да поразговараме за неговите фасцинантни дела, почетоците на неговата кариера, како и плановите и желбите за во иднина.

1

  • Oд кога  уметноста станува твоја пасија, кога го откри својот талент и како го развиваше?

Уметноста стана моја пасија уште од средношколските денови.Поради големата желба да се запишам на Ликовната Академија – ФЛУ (Факултет за ликовни уметности), Скопје при крајот на средното училиште почнав активно да одам на обука и припреми кај истакнати професори.

  • Кога започна професионално да се занимаваш со уметност?

После дипломирањето на ФЛУ започнав професионално да се занимавам со уметност.

15781982_1281745238559807_924642629_n

  • Од каде ја црпиш својата инспирација, што е тоа од секојдневниот живот што е највпечатливо за тебе, постојано ги окупира твоите мисли и те води кон создавање на вредни дела?

Мојата инспирација ја црпам од Гигер,галаксијата,напредната технологија, нано технологијата, како и речиси се што е поврзано со научната фантастика. Умешноста на изразување е пропратена од чиста фантазија, но притоа умешноста е исто толку битна како и фантазијата која дава идеи за творење. Може да се рече дека уметноста му е својствена на човекот,со што тој се разликува во рамки на природата и се издвојува од останатите живи битија.

15801564_1281745421893122_1700289114_n

  • Имаш ли свој изграден стил на творење, која уметничка сфера е постојано во твој домен  на интерес?

Јас сум дипломиран графичар, графички дизајнер и педагог.Најмногу се занимавам со графика и старите графички техники како сува игла, мецо тинта, аква тинта, како и слики на платно, скулптури објекти, и др. Како автор целта ми е да го презентирам она што го создавам и да дозволам публиката да се соживее со делата односно да се втопи со секое дело одделно. Секое дело е како прозорец кон некоја друга реалност и секој различно го доживува.

15820524_1281750388559292_1013524555_n

  • Имаш ли реализирано свои самостојни изложби зад себе?

Во мај оваа година во Домот на култура ,,Марко Цепенков,,  имав самостојна изложба со наслов Откривање на нови светови (Андромеда галаксија).  Исто така имам реализирано и групни изложби во Македонија и странство, и тоа:

Групни изложби во Македонија: Национална галерија на Македонија Чивте амам.

Галерија 7

Национална галерија на Македонија  Мала станица – Young art.

КИЦ- Скопје – ” Мал формат “

Културно информативен центар – Скопје – Годисна Ревијална Изложба

Македонски културен центар Македонски брод

НУЦК “Марко Цепенков” – Прилеп изложба “уметниците во чест на Свети Никола”

Групни изложби во Странство учество :

Galerija Bogić Beograd.

Изложба ликовне колоније Накучани – “Osvrt”

Хол Библиотеке Шабачке – “V Сазив

Dom kulture Obrenovac

Saborna crkva Svetih apostola Petra i Pavla u Sapcu.

Siroka staza – “ZAJEDNO”

Културен центар Житораџа Србија

Културен центар Београд

Биенале :

Биенале во МКЦ – зимски салон 2013 – Тело што помни со делото – “Иднина ” објект комбинирана техника.

 Книги:

Изработка на корицата на книгата “Приказни за тревите и другите приказни” од Живко Грозданоски

  • Какви  се можностите во нашето општество, постои ли шанса за младите уметници и со кои предизвици се соочуваш?

 Модерната уметност во нашето опшество стагнира и тапка во место. Уметниците се уште се инспирирани од експресионизмот и импресионизмот. Ретко кој од уметниците се осмелува да излезе и експериментира надвор од границите на досега познатото.

  • Работиш и како ликовен педагог. Како успеваш да ги прилагодиш двете  работни задачи, уметничкото творештво и пренесувањето на ликовното знаење?

Работам подолго време во образование и се трудам на моите ученици да им пренесам колку што можам повеќе ликовно знаење, им давам креативни идеи за творење кои секогаш вродуваат со плод,бидејќи во изминативе неколку години имаме добиено доста награди и во Македонија и странство. Што се однесува на уметничкото творештво секогаш успевам да најдам време бидејќи тоа е мојата пасија, професија и уживам во тоа што го работам.

  • Кои се твоите планови, желби, аспирации?

Најголем план ми е да го завршам стрипот-новелата кој го изработувам подолг период, а најголема желба ми е тој добро да се пласира на пазарот и добро да биде прифатен од публиката.

  • Кој е твојот ликовен гениј, човек на чии дела се восхитуваш?

Па веќе споменав се восхитувам на целото творештво на уметникот Hans Rudolf Giger.

  • За крај кажи ни дали младите  уметници можат  да опстанат, односно дали може да  се живее од уметничко творење и продавање на уметнички дела?

Во Македонија не може да се живее од уметничко творење и продажба на уметнички дела, поради финансиските причини и недоволно развиеното чувство за уметност кај нашиот народ.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.