Пирова Влада за Заев и СДСМ

13045696_10207728123335499_725875_n

Откако странските предатори (грабливци) и милитантните Aлбанци не му обезбедија на Заев пирова победа на парламентарните избори, сега се обидуваат да му овозможат пирова влада за која што цената што ќе ја платиме ние Mакедонците è да не бидеме Mакедонци.

Но, ова не е ништо ново за нас Mакедонците. Не е ново тоа дека за Македонија и македонскиот народ секогаш имало странски предатори. Не е ново ниту тоа дека странските предатори успевале да ја уништуваат македонската држава и да го спречат неjзиното формирање со помош на домашни предавници. Не е ново и тоа дека предавствата се правени заради големи лични интереси на предавниците. И Самоиловата војска ја „уби“ домашен предавник заради големи лични интереси. И Гоце Делчев е убиен заради голем личен интерес на домашни предавници… Не е ново и тоа дека и денешниве домашни предавници се личности со силна волја за реализација на преголеми лични интереси.

Ново е само тоа што модерниве предавници, предавството на македонската нација и народ го прават во услови кога Р.Македонија е суверена држава. Ново е и тоа дека Пандорината кутија не е отворена само за Македонците, туку таа е отворена и за Албанците, Власите, Ромите, Турците, т.е. за сите граѓани на Р.Македонија…, но и пошироко. Според соросовата платформа на албанскиот премиер Еди Рама, креирана за парламентарно обединување на албанските партии со СДСМ, пировата влада на Заев и СДСМ треба да ги обвини српскиот народ и Р.Србија за наводен геноцид врз Албанците во некое минато време??? Ај наздравје. Знаеме што значи тоа во билатералните односи на Р.Македонија со Р.Србија. Имавме една таква авантура и искуство со Н.Р. Кина.

Ако не е трагично, тогаш  è  многу комичен еден момент во целокупната ситуација поврзана со настапите на поддржувачите  на процесот за креирање пирова влада на СДСМ. Според нив, смее албанскиот премиер Еди Рама да креира платформа за парламентарно и владино “обединување“  на партиите на Албанците во Македонија со СДСМ со која безусловно ќе се крши уставот, ќе се уништува унитарноста, идентитетот и суверенитетот на македонската држава, а  нашиот претседател, претседателот на Р.Македонија Ѓорге Иванов, не смеел да бара гаранција за тоа дека таа платформа за парламентарно и владино обединување на партиите што сакаат да прават влада нема да биде во спротивност со уставот и виталните интереси на македонската држава. È “браво“ за оние домашни политички аналитичари што се обидуваат да протуркаат ваква глупост во колективната свест на македонците. Запнале на своите “рогови“ назив експерт и на дрзок и безобразен начин се обидуваат на граѓаните на Р.Македонија да им ги наметнат нивните шарлатански интерпретации на уставот и предавставта на Заев и СДСМ.

Посебно агресивен во обидот за наметнување на оваа глупост è “експертот“ што му нудел пари и скапи ролекси на претседателот Киро Глигоров за да прифати промена на името на нашата држава. Претседателот Глигоров, лично и јавно на национална телевизија го кажа кој е тој и каков  „експерт“ è. Го знаеме сите зарем не? Во минатото беше министер за внатрешни и надворешни работи на Р.Македонија и претседателски кандидат на СДСМ. Да не правиме грешка, не станува збор за оној кандидат за претседател на Р.Македонија од СДСМ кој што кога беше во улога на советник за национална безбедност на претседателот Борис Трајковски го откажа учеството во составот на делегацијата што патуваше со владиниот авион за Сараево под изговор дека добил “пролив“(дијареа) пред самиот почеток на кобното патување??? Браво за проливот оти во атентатот врз претседателот Борис Трајковски, пропратно ќе загубевме еден ваков експерт за предавничка интерпретација на уставот на Р.Македонија???!!!

Парадоксално, но вистинито е и тоа како „добро“ успеале да го постројат колективниот ум на членството на СДСМ во насока на поддршка на предавничката мисија и визија на Заев со политичките багабонти. Кутрите не гледаат или  не сакаат да видат дека „царот е гол“. Од желбата за власт, не гледаат јадните дека се соучесници во креирањето на пирова власт за Р.Македонија.  Не ја гледаат јадниците шумата од дрвата. Никој од нив не сака да види дека „водачот“ на СДСМ ја води македонската држава во провалија. Ова не е метафора за физичка слепост, напротив, станува збор за духовно слепило на следбеништвото на СДСМ. Се сомневам дека им се случува исто духовно слепило какво што им се случи на следбениците на национал-социјалистите од Адолф Хитлер. Од преголемата желба за власт следбениците на Хитлер не согледаа дека поддржуваат зло од огромни размери, притоа, несвесно станувајќи соочесници во реализацијата на најголемата злосторничка визија и мисија за човештвото.

Не, членството на СДСМ не согледува дека е соучесник во креирањето на  пирова власт за Р.Македонија. Не согледаа дека со нивна помош предавниците на државните вредности на македонскиот народ успешно излажаа 350 000 гласачи. Овие гласачи мислеа дека нивниот глас го даваат за подобра иднина на македонците. Тие не мислеа дека нивниот глас ќе биде изманипулиран за потребите на визијата за голема албанија од милитантниот дел на албанците во Р.Македонија. Зарем, веќе, не е јасно зошто и се доделени на СДСМ седумдесетте илјади гласови од милитантните Албанци. Не гледаат ли следбениците на “новиот“ СДСМ дека нивниот “водач“ ги трансформира во несвесни слуги и инструмент за реализација на погубната визија за Р.Македонија во чија што закрила најде и грчкиот антагонизам за поништување на македонската нација и држава.

Но, ако тие самите како следбеници СДСМ заради духовната заслепеност не се способни да ја преиспитаат „новата наметната мисија“ на нивната партија, односно да преиспитаат за кого постои денешниот СДСМ и на кого му служи, тогаш тоа е работа на нас граѓаните на Р.Македонија.

Прочка помина. Маските на политичките багабонти, веќе, се паднати, а решението за ова велепредавство è на дофат. Тоа решение се содржи во синтагмата „народот да си ја преземе судбината во свои раце“.

Д-р Зоран Петрески

Авторот на текстот е доктор на науки по јавна администрација




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.