Ова е веќе пародија: Сугаре ќе менувал ГУП, а четири гoдини беше министер и тоа не му текна

​Генералниот урбанистички план е документ кој претставува Устав во урбанизмот и урбанистичкото планирање – истакна кандидатот за градоначалник на Прилеп од СДСМ, Горан Сугарески на вчерашната прес конференција и потенцираше дека носењето на нов ГУП за градот ќе биде еден од неговите приоритети.

Неговата прес конференција во целост ви ја пренесуваме во продолжение:

Во својата основа, урбанистичкото планирање служи за уредување и хуманизација на просторот, заштита и унапредување на животната средина и природата, како и социјална, економска и еколошка одржливост на општината.

Генералниот урбанистички план ја дава рамката за развојот на градот во следниот 10-годишен период.

Носењето на ГУП е од подеднаква важност како за граѓаните, така и за стопанските субјекти, бидејќи со неговото, и со усвојување на од него произлезените Детални урбанистички планови, се стимулира изградбата на стопански, индустриски и енергетски градби во општината. Сето тоа значи поголем број на издадени одобренија за градење и директен приход за Општината од наплатен комунален надоместок.

Во Програмата со која СДСМ и Коалицијата излегува пред граѓаните, нудиме изработка на нов Генерален урбанистички план, конкретна проекција за планскиот развој на градот за следната деценија.

При изработката на новиот ГУП, појдовен стратешки документ ќе биде стратегијата за одржлив развој на Прилеп, со која се овозможува подобрување на условите за живот во нашиот град и негов забрзан развој. Студијата е изработена со користење на мултидисциплинарен пристап од странски експерти, во рамките на Еразмус плус Енејбл проектот.

Успешното функционирање на домувањето е нераскинливо поврзано со планирање на придружни содржини: изградба на училишта, градинки, спортско-рекреативни објекти и паркови, локални деловно-трговски центри со маркет, пошта, амбуланта, ресторани и слични содржини.

Исклучително важен сегмент при носењето на Генералниот урбанистички план претставува реализација на планираната инфраструктура: сообраќајници со коловози,велосипедски патеки, пошироки тротоари и зелени површини во населбите.

Она што треба да се потенцира, е дека добиените податоци од тековниот попис на населението, домаќинствата и становите ќе бидат од огромно значење при изработката на новиот Генерален урбанистички план.

Во овој контекст сакам да напоменам дека во напредна фаза е постапката за донесување на Детални планови за 30 населени места во општина Прилеп, со што за прв пат создаваме услови за урбанизација и планско градење во руралните средини.

Инаку, последниот Генерален урбанистички план за Прилеп беше донесен во Декевмри 2015 година од страна на Советот на Општина Прилеп, за плански период 2013-2023 година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.