Новогодишните забави си го направија своето: Кривичните на ОК за ревизорскиот извештај по празниците?

Изминаа речиси два месеци откако Државниот завод за ревизија го објави извештајот за работата на Општина Прилеп во изминатите години, а најголем бум кај јавноста предизвика информацијата за “новото мовче” на Градската река во населбата “Сточен пазар”, за кое општината патем како инвеститор исплати 554.846 евра, е пуштено во употреба без обезбедена комплетната изведбена документација, што пак претставува ризик за безбедноста на корисниците на сообраќајниците кој ги поврзува мостот.

Ова значи дека над половина милион евра пари на граѓаните се дадени за објект кој ниту ги исполни очекувањата за олеснување на сообраќајот, ниту пак ги исполнува законските критериуми за безбедност.

Проектот беше еден од малкуте кои ги сработи претходната локална самоуправа предводена од градоначалникот Илија Јованоски. Беше најавуван со музики, беше сниман со дронови, идеа министри, пратеници, разно разни функционери…

И додека тогашната локална власт се расфрлаше со фанфари како успешно решиле децениски проблем во Прилеп, тогашната опозиција на ВМРО-ДПМНЕ секојдневно редеше пресови на оваа локација – едно 20-тина најмалку, а изминатите два месеци некако немо и без малку ентузијазам ја примија оваа информација од ДЗР, ако воопшто детално го прочитале извештајот.

Граѓаните речиси секојдневно ги разговараат овие теми и бараат одговорност. Бараат од раководството на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ да го кренат гласот, исто како што беа гласни пред изборите. Имаше дури и најава дека правен тим работи на изготвување кривични пријави, но засега овие муабети се покажаа како чисти шпекулации.

Единственото логично објаснување е дека новогодишните забави и коктели си го направија своето, па за кривичните пријави веројатно ќе почекаме после празниците. Дотогаш наздравете, расположете се со добра песна, со убаво друштво, победата сама ќе си дојде….




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.