Изградбата на автопатот Прилеп-Битола се одвива со силна динамика. Веќе следната година едната страна од автопатот ќе биде целосно завршена и граѓаните ќе можат да возат по нов асфалт, додека комплетното автопатско решение се очекува да биде финализирано до 2029 година, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостувањето во поткастот „Ноќно студио“.
-Автопатот Прилеп-Битола од една страна е нешто што е дамнешна желба. Од друга страна, веќе влезе во паневропските коридори. Тој коридор кога ќе биде завршен и од македонска и од грчка страна, ќе го скрати патувањето помеѓу Скопје и Атина за некаде до 3 часа, што многу ќе значи за економијата и за бизнисот. Едната страна од автопатот ќе биде целосно завршена веќе следната година, а комплетното автопатско решение заедно со сите споредни инфраструктурни објекти како: клучки, натпатници и споредни патишта, се очекува да биде финализирано до 2029 година, истакна вицепремиерот Николоски.
Според него, новиот автопат ќе биде значајна алтернатива на Коридорот 10- д и ќе овозможи побрзо поврзување меѓу Скопје и Атина.
























