Вчера околу 11:55 часот во месноста „Чаири“, на атарите на Кривогаштани и Врбјани, избувнал пожар при што биле зафатени големи површини со сува трева, стрништа и балирана слама.
Благодарение на брзата и професионална интервенција на Територијалната противпожарна единица – Кривогаштани, огнената стихија за кратко време била ставена под контрола, а спречено било и нејзиното ширење кон околните земјоделски површини со насади, со што е избегната поголема материјална штета.
Од Општина Кривогаштани упатија искрена благодарност до пожарникарите за нивната навремена реакција и професионален ангажман во заштитата на животите, имотот и земјоделските површини.
Воедно, од локалната самоуправа повторно апелираат до граѓаните да не палат стрништа, сува вегетација и друг растителен отпад, особено во услови на високи температури и зголемен ризик од пожари. Потсетуваат дека користењето оган на отворен простор може да предизвика сериозни последици, а секое забележано појавување на пожар треба веднаш да се пријави до надлежните служби.
„Само со заедничка одговорност можеме да ги заштитиме природата, земјоделските површини и имотот на граѓаните“, порачуваат од Општина Кривогаштани.


























