Колумна на прота-ставрофор Илија Донев: МАКЕДОНИЈА, МАКЕДОНЦИ, СЛОБОДА

Македонија и слободата се нераздвојни или поточно, Македонците не можат да живеат без овие две нешта.

Тоа би било исто како риба без вода. За Македонците животот без слобода е неподнослив. Плод, пак, на слободата е демократијата. Македонија, слободата и демократијата – се дополнуваат. Секоја од овие појави работи една за друга, а освен тоа сите заедно работат за Бога, Кој, пак, е Создател на сé. Тоа е она кон што Македонија треба да тежнее. Вистинската слобода и вистинската демократија се почеток на работата за човештвото и секому донесуваат мир бидејќи сите сме жива слика Божја.

Што да речеме за луѓето? Што со Македонците? Ние сме едни од оние кои мора да бидат слободни и мора да добијат вистинска демократија но и да бидат демократи. Секој Македонец мора да биде вистински слободен и вистински демократ. Вистинскиот Македонец секогаш вели: Ние ги викаме Македонци сите оние кои ја прифаќаат и негуваат нашата култура, јазик и писменост. Тоа е слободен дух, вистински Македонец, и основа за обожување и почит.

Како некој може да постане слободен? Запознај ја вистината за Македонија и Македонците и таа ќе те направи слободен. Тоа е одговорот. Но, проблемот е што мнозина немаат основни познавања од нашата историја или сакаат да тргуваат со неа за лични цели. Познавањето на вистината секогаш го прави човекот слободен. Апсолутната вистина се поистоветува со Бога. Затоа секој оној кој вистински Го познава Бога живее слободно. “Само чистите по срце ќе Го видат Бога“ (Заповед на блаженствата), така тие ќе ја познаат вистината. Тој е вистинско и идеално хумано суштество. Каков е односот на современото човештво кон идеалното – што е идеална слобода, демократија, задоена со Македонски и Христијански дух? Одговорот би бил различен за секоја личност. Ова се однесува исто и на нас, кои сме родени и знаеме дека сме Македонци. Едноставно ние можеби се грижиме за националното име – Македонско, но често пати, само на хартија, но не и во подлабока смисла. Дали со ова ги додирнав вашите чувства? Дали, драги браќа, ве повредив? Ова прашање си го поставувам и јас себеси. Ајде да седнеме и да размислиме. Ајде да земеме нож, како хирургот, и да го разгледаме прашањето и одговорот. Ајде да направиме рез и да ја оперираме својата персоналност и да ја најдеме вистината. Таа вистина ќе не направи слободни, а освен тоа ќе не направи поголеми Македонци отколку што сме.

Колку од Македонија носиме во себе? Колку Христа го носиме во себе? Колку ја носиме во себе вистината? Дали сме подготвени да се жртвуваме за Македонија, за Христа и за вистината? Во 1903 и во 1941 година нашите браќа и дедовци отидоа многу далеку давајќи ја својата крв за нашата родна Татковина, за слободата и за светата вера во Христа Исуса. Дали си ти денес подготвен, како верник, секоја недела да одвоиш два часа од твоето време и да ги посветиш на Бога присуствувајќи на Светата Литургија в Црква? Дали ги учиш своите деца во Православната вера и зачувување на македонскиот јазик? Дали живееш за слободата? Дали ја шириш вистината и дали зборуваш за неа? Дали не веруваш дека ова ќе ја измени состојбата во Репубика Македонија и во сите македонски предели ако секој Македонец ја знае вистината и живее за неа и доследно го осветлува секого и секаде со таа вистина? Ако ние си ја вршиме нашата работа како што треба дали мислиш дека лагите и извртувањето на нашата историја ќе преовладеат? Дали тогаш злосторничката пропаганда на соседите ќе биде така успешна и напредна во прикажувањето белото – црно и обратно? Јас длабоко верувам дека тоа е наша слабост но и одговорност. Дали Православната вера и вистината се доминантни денес кај Македонкиот народ? Да или не? Ако е вистина тогаш е на наша страна и во наша полза, но јас мислам дека ние сеуште ги имаме тие проблеми, а тоа значи дека не сме си ја завршиле и сеуште не ја вршиме, работата како што треба.

Во интерес на нашите браќа, Илинденските херои и партизаните кои ги жртвуваа своите животи за вистината, за Православната вера и нашата слобода; во интерес на вредното празнување на празникот на Македонските просветители; и во интерес на чувањето на традициите и точното држење на вистинската линија во животот, барем малку да помислиме на нашите должности како Македонци, а и Православни Македонци. Ние мораме да ја знаеме вистината и мораме да живееме со вистината ако сакаме да бидеме вистински слободни. Ние мораме да и служиме на вистината и да ја предаваме на другите по нас како би биле слободни и да бидат соучесници во македонската историја култура и да живеат како Православни Македонци. Секој да ја знае вистината, и дај Боже, правдата да дојде, пред се’, кај нас во Република Македонија, а потоа и во другите македонски предели. Тоа е нашата задача.

Драги браќа, имајте ја Македонија и Православната вера длабоко во вашите срца и души, и бидете подготвени да се жртвувате за нив, а потоа од длабочината на душата и срцето подготвувајте се за прославување на празникот на Св. Браќа Кирил и Методиј, на св. Климент Охридски па на Илинден и сите други настани од нашето богато историско минато. АМИН.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.