Интервју со Ице Трајкоски – боксерот од Прилеп од кого се очекуваат големи спортски успеси (Фото/Видео)

Ице Трајкоски е новата боксерска надеж од Прилеп, момче со карактер и извонреден спортски талент. Упорната работа, тренинг и желба, го внесоа во водите на професионалниот бокс, а тренингот под покровителство на тренерот Дарко Чатлески, од ова младо момче ќе направи спортист за почит. Трајкоски од мали нозе мечтаел за боксот. Неодамна во Тирана, Ице го победи на домашен терен Албанецот Јорго Гонај со нокаут во прва рунда. Во продолжение разговараме со него за досегашните успеси, но и идни планови, како и за тоа што се’ е потребно за еден млад човек да спортува бокс.

Кога се роди првата љубов кај тебе кон боксот и што беше пресудно да започнеш најпрво да тренираш, а потоа и професионално да се занимаваш со овој спорт?

Уште од мали нозе им се восхитував на брокерските атлети и имав голема желба да почнам да тренирам бокс, но моите родители не ми дозволуваа бидеќи е еден од поекстремните спортови во кој повредите се почести. Истата таа желба во текот на годините стануваше се поголема и пред три години беше пресудна да јас почнам да тренирам бокс, а моментот кога сфатив дека овој спорт ме исполнува и сакам максимално да се посветам на него, решив да преминам од аматерски во професионални борби.

Боксот е напорен спорт кој сигурно дека бара добра физичка подготвеност. Што друго е потребно да поседува еден спортист кој сака да се занимава со овој спорт и колку лесно или тешко се стигнува до тоа?

Точно, боксот бара огромна физичка подготвеност. Исто така огромната желба и посветеност се пресудни за успех во овој спорт, колку повеќе си амбициозен толку поголеми се шансите за успех.

Прилеп од секогаш имал добар потенцијал кога боксот е во прашање, но ќе се согласиш дека со исклучоци овој спорт стагнира во нашиот град, но и во нашата држава. Зошто е тоа така и што според тебе е потребно за работите да тргнат на подобро?

Точно така, Прилеп од секогаш имал квалитет и потенцијал кога е во прашање боксот и повеќе од очигледно е дека боксот како спорт стагнира во изминативе години, не само во Прилеп туку и во Македонија, се разбира секоја чест на исклучоците. Многу работи треба да се сменат, но не би сакал да коментирам и ќе останам воздржан на таа тема.

Тренираш под тренерската палка на мајсторот за бокс од нашиот град Дарко Чатлески, спортист со големи успеси во овој спорт и голема желба за напредок и очекувања од своите ученици. Како е да се тренира со Чатлески, дали е напорно и што може да се очекува од вашата заедничка работа?

Чест е и огромно задоволство да се има тренер како Дарко Чатлески, човек кој има многу придонесено за боксот во Прилеп и на ниво на цела Македонија. Има огромен придонес во мојот развој и напредок во боксот. Дали е напорно? Хахаха, нормално дека е, Дарко добро знае што е потребно за успех и секогаш се стреми да ме донесе ниво погоре, сепак е син на еден од легендите на Прилепскиот спорт Ѓорѓи Чатлески.

Ице, досега си имал повеќе борби. Кој е твојот биланс на победи и порази и дали желбата за победа е секогаш пресудна за успех во рингот?

Само што излегов од аматерските води, после 10 аматерски борби преминав во професионални, мојот биланс брои 2 професионални борби еден пораз и една победа со нокаут. Желбата е еден од клучните фактори за победа во рингот, но не и пресудна, потребна е голема дисциплина, тренинг и физичка подготвеност за успех.

Пред извесно време имаше професионална борба во Тирана Албанија каде победи. Како гледаш на овој триумф, што ти донесе и дали беше тешко да се победи на така жежок гостински терен?

Тирана беше тест за мене, со тренерот Чатлески сакавме да видиме до каде е мојот физички и психички напредок. Секогаш е тешко да боксуваш со противник кој е на домашен терен и публиката е на негова страна.

Што можеме да очекуваме од тебе за скоро време?

Во моментов имаме неколку понуди. Со тренерот Чатлески внимателно ги разгледуваме опциите и за брзо време може да очекувате нов боксерски меч.

До каде се твоите можности и што можеш да и ветиш на спортската јавност?

Напорно работиме со тренерот Чатлески и секој нов меч е чекор поблиску до целта, а тое е титула. Со Господ напред и напорна работа мислам дека еден ден ќе стигнеме до таму.

Нокаутот на Ице во Тирана против Јорго Гонај во прва рунда:




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.