Инспирација за секој млад човек кој се бopи со килограмите: Чиртата од Прилеп ќе ви каже кој е лекот за слабеење за кратко време (Фото)

Роберт Чиртоски – Чиртата е млад човек од Прилеп кој долго време се борел со вишокот на килограми. Еден куп на диети, па дури и изгладнување, не го дале посакуваниот резултат кој го пронашол во спортот. Од пред три месеци Чиртата тренира во боксерскиот клуб “AC” кај боксерската легенда од Прилеп, Дарко Чатлески. Напорните тренинзи заедно со неговата истрајност и упорност, му помогнале за релативно кратко време својата телесна тежина да ја намали за дури 15 килограми. Роберт не застанува тука и во меѓувреме продолжува редовно да тренира и да симнува нови килограми, а во продолжение разговаравме за неговата цел и како се одвиваа тренинзите со Чатлески.

Роберт за почеток кажи ни колку изнесуваше твојата тежина пред да почнеш да тренираш со тренерот Дарко Чатлески ?

– На самиот старт од првиот тренинг мојата тежина изнесуваше 115 килограми.

Фотографии од првиот тренинг

Колку време ти беше потребно за да ја достигнеш моменталната тежина?

– Два месеци ефективни, редовни и одговорни тренинзи, кои ги посетувам три пати во неделата. Секој тренинг трае час и половина, од кој на почетокот имаме задолжително загревање на мускулите. Тренерот Дарко Чатлески, во текот на секој тренинг го пренесува својот концепт на вежби и карактеристични техники за овој спорт – боксот.

Како се одвиваа тренинзите, дали беше напорно?

– На почетокот морам да признаам дека првите неколку тренинзи ми беа напорни, бидејќи до тогаш не сум имал конкретна спортска активност. Но со редовност, желба и посветеност колку моја, толку и од мојот тренер Дарко Чатлески, тренинзите во боксерскиот клуб “АС” Прилеп ми станаа задоволство.

После три месеци тренинзи и минус 15кг.

Дали претходно си испробувал други начини на слабеење и колку си бил успешен во тоа?

– Сум пробувал да, со разни диети, понекогаш морам да признаам и денови со изгладнување, но никогаш не сум го добивал посакуваниот ефект како кога почнав да тренирам бокс. Дефинитивно без спорт и физичка активност не би ги добил овие резултати за толку краток период.

Во меѓувреме продолжуваш со тренинзи во боксерскиот клуб “АС”, кажи ни која е твојата цел?

– Секако, без изговори. Пред се’, нели како што се вели во онаа старата поговорка “ВО ЗДРАВО ТЕЛО, ЗДРАВ ДУХ”. Се чувствувам прекрасно во сопственото тело. Сета таа физичка активност, напорните тренинзи, со резултати кои и тоа како се забележуваат на мене, ме исполнуваат и искрено се радувам на секој успех што ќе го постигнам. Најголем успех, несомнено е секогаш задоволството што го чувствувам со резултатот од секој изминат тренинг. Ете тоа е мојата цел.

Што би им препорачал на сите млади луѓе кои се борат со килограмите?

– На прво место, да се соочат со тој проблем кој за жал е се почест кај младите, и итно да ја преземат работата во свои раце. Секогаш здрава исхрана, желба, и голема одговорност и упорност во сопствената цел, но без спорт и спортска активност шансите за намалување на вишокот килограми се значително помали. Значи – другари, спортувајте здраво и уживајте во заслужените резултати.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.