“ЗОШТО МАКЕДОНИЈА?” – Teкст кој ќе ви го расплаче срцето и душата!

… Сонував, како пешачиме со син ми, му зборам на неразбирлив јазик оти син ми не го разбираше Македонскиот…

Jа видов вчера, кога поминував, мислам грчко беше местото, седма година кај што не сум ја видела, ја гушнав, колку носталгично мирисаше, остарела… Мислам дека беше злоставувана од нејзините, најблиските синко…

МАКЕДОНИЈА се викаше! Зошто мајко?! Зошто Македонија?!

Се разбудив! Ги отворив очите, во собата сум, тука сум, своја сум… Сон е!

Сватив дека тенки ни се годините, претенки да разбереме, и сосема недоволни да одлучуваме! Земја преполна стари ковчези, полни со знаења, и преисполнети со простување. Длабоки ни се корените, испреплетени во јазли, цврсто обвиткани околу јадрото. Нашите корени, тетовирани врз нашата држава, со болна, раскрвавена припадност на една химна и знаме, на еден јазик, на неа во целост, врз Македонија!

Од Бога ни е дадено да се родиме тука, пишано ни било на ова парче земја да ни засјае првата светлина, и да го вдишеме Македонскиот воздух. Но од благо разбранувани води зачекоривме по стрмни улици, од кристални прозори бришеме талог сивило, само да не зацрни, да не не дозаслепи. Не! Не сме проклети, и со Бога сме се пазареле, со душите на мегдан, со младоста која како свеќа догорувала, за смислата на јазикот кој го говориме, за писмото кое го користиме, за бојата на државата во која се будиме!

На почеток сме , онаму каде доцното ќе роди рано повторно, поради идеите на сопствените предавници , Македонија да ја сторат лузно!

Трчавте Македонци, за да земете од “животот”, да грабате од присилната “длабока старост” што ќе ви ја вбризгаат! Ќе не направат војници за нивните свилени џебни трезори, оти Македонецот никогаш не се плашел. … Одбран и лесното да му тежи, тешкото да му е прелесно… Да заплаче низ смеа, да се смее при солзи. Наратор на љубовта, тагата, сеќавањето. Да го запише раскажаното, слушнатото, за да остане да не се заборави… Ниеден детал.

Тоа место, од звук и збор направено, тула во ѕидот, бастион на една Македонштина, историја… Живот! Тој е воздухот кој те тера да дишеш со полни гради живот…

Полни гради Македонски! Едноставно ли е?! Да пукаме во тој спроти себе, кој прв пат го гледаме во животот, а ни е брат/сестра Македонска . Убав ли е бојот?! Бојот во кој ќе тргнеш , а дома дечињата мирно ти спијат, родителите по петти пат го требат веќе отребениот ориз!

Ти во ранецот книга за смислата на животот и смислата на човечкото постоење, за семејството и љубовта! Со Бога се разбираш преку поглед, и соништата веќе ти имаат друга димензија!

Се казнува поминување на црвено, а ние сме сведоци на оние кои веќе одамна ги изгазиле интимните координати на човечкиот живот! Граници ќе поместиш, луѓе ли ќе продадеш , но можеш ли и свеста на мнозинството?!

Најголемата сила е во сплотеноста, и токму затоа се обидуваат да удрат тамо,за да ја ослабат силата преку разединување, било да е територијално,политичко или идеолошко!

Само разединети, поделени Македонци се совладливи Македонци, сплотеноста е непобедлива. Од тешкото… Најтешкото, од возможното… Највозвишеното! Ставот е дел од нашата личност… Скалило!

Одлуките ни се водат при тој став, од скала на скала! Ние одлучуваме дали ќе се искачиме, спаднеме или тапкаме во место ( што е најлошо)!

Во најлошата борба сме, против “македонци” кои на сила, и не аргументирано ни го допираат коренот, нашите предци кои гинеле за оваа земја, нашите браќа и сестри и нашите деца, како и за децата кои допрва треба да се родат, да се родат како чисти Македонци во Македонска држава.

Да не ги заборавиме делата на оние пред нас, да не плукаме по нивниот самопрегор, визија и жртва.

Божји аманет ни е ова свето парче земја. За нашиот жар, за нашиот дух, за љубовта!

Да не се оствари кошмарот, да не постои прашањето ‘ЗОШТО МАКЕДОНИЈА’ !

Автор: Јасмина К. Трајановска




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.