Златески постави нови прашања за можни злоупотреби: Дали го “дозакопа” директорот на Тутунски Комбинат за платата? (Видео)

Без ниту малку срам денеска генералниот директор на Тутунски Комбинат, Кире Станкоски, викнал прес конференција, на која всушност го потврди документот кој носителот на листата за пратеници во четвртата изборна единица, Александар Николоски, јавно го објави – истакна во денешната реакција Никола Златески, од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, на прес конференцијата која денеска ја одржа Генералниот директор на Тутунски Комбинат Прилеп, Кире Станкоски.

Реакцијата на Златески ја пренесуваме во целост во продолжение:

“Станкоски призна дека зел плата од 3.500 евра нето, односно 5.500 евра во бруто износ, а замислете се правда со то дека во таа плата му бил исплатен одмор со одлука на Бордот на директори.

Во прилог повторно ја доставуваме пресметката за плата на Станкоски, каде јасно се гледа дека овој директор кадар на СДСМ зел плата колку што едно просечно семејство заработува од тутун на годишно ниво.

Поради тоа што на вработените во Тутунски Комбинат не им е исплатен одморот, а еве слушаме дека тоа било одлука само за директорот, најавуваме кривични пријави за членовите на Бордот на директори.

Исто така денеска одново ќе го прашаме Станкоски, дали се вистина информациите кои ги поседуваме, а кои велат дека службено возило на комбинатот се употребувало за превезување градежни материјали за приватни цели?

И дали е вистина тоа дека во пресрет на изборите Станкоски по наредба на Зоран Заев предвреме исплаќа плата и К-15 на вработените, со цел да ги натера да гласаат за СДСМ?

Почитувани сограѓани,

На дело го гледаме лицемерието и расипништвото на кадрите од власта на СДСМ и Зоран Заев. За среќа ова се нивните последни денови!

На 15-ти јули граѓаните на Република Македонија ќе расчистат со овие политичари и функционери кои мислат само на својот џеб.

Следува ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА”.

На денешната прес конференција пак Станскоски истакна:

„Овие денови се изнесуваат лаги и невистини од страна на носителот на ИЕ4 Александар Николоски, а тие лаги се однесуваат на моите примања. Епа Александар Николоски, ајде документирано сега да ги споделиме сите релевантни документи кои постојат во Тутунски комбинат. Значи станува збор за моите примања кои со одлука на борд на директори се носат, а јас како главен менаџер во оваа компанија и сите менаџери кои имаат договори во Тутунски комбинат, на секое акционерско собрание се должни на достават извештај за нивното работење и за нивните примања. Што значи дека овие примања се од јавен карактер, ништо не е тајна, ништо не е скриено. Бидејќи вие мавтате со некоја пресметка во овие изминати денови, ајде работите да ги поставиме онака како што треба. Станува збор за пресметка на плата од јануари месец, која пресметка на плата е произлезена од спогодба која ја имаме потпишано заедно со синдикалната организација. Што вели таа пресметка, како за мене така и за секој вработен во Тутунски комбинат. Со неа се уредува начинот на исплата на неискористени денови од одмор. Според таа спогодба, на секој работник кој од разни причини не го искористил правото на годишен одмор, му се овозможува исплата на истиот како додаток на плата, доколку истиот тоа го побарал. Сите вработени кои имаат ваква потреба поднесуваат барање и тоа се исплатува од Тутунски комбинат, вклучително и генералниот извршен директор“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.