“Зголемување на можностите за младинско вработување” – Проект на Младински Сојуз – Крушево

13083173_10208412193136712_8175912751431084547_n

На 22ри април, во локалот „Скар“ – Крушево, се одржа првиот семинар од проектот “ENTER Social Enpretpreneurship”, организиран од Младински Сојуз – Крушево и поддржан од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, во партнерство со Yunus& Youth и во соработка со локалните партнери СФЕРА – Битола и АГИТС – Прилеп.

Целта на проектот “ENTER Social Enpretpreneurship” е зголемување на можностите за младинско вработување преку иновативниот концепт на социјалното претприемништво, а на тој начин и промоција на економскиот и бизнис развојот на Пелагонискиот регион.

На семинарот беше формирана неформална мрежа од разни засегнати чинители кои потекнуваат од важните системи за поддршка на младинското социјално претприемништво (институции, образование, граѓански сектор, бизнис сектор, фондови).

На семинарот учествуваа над 30 претставници од различни институции во Крушево, Прилеп, Битола и регионот.

Во пресрет на следната фаза од овој проект, односно тридневниот тренинг курс кој ќе се одржи во Крушево од 13-15 мај, каде ќе учествуваат 30 млади лица (потенцијални социјални претприемачи), да ги проследиме изјавите на некои од учесниците на првиот семинар:

1.Билјана Стојческа, Младински Сојуз Крушево, програмски координатор:

Денес македонското општество се соочува со два многу големи проблеми: повеќе од 54% од младите во земјава се невработени, а 70% од младите својата иднина ја гледаат надвор од нашата земја. Нашето долгогодишно искуство во работа со младите луѓе на локално, регионално и национално ниво не води до заклучокот дека невработеноста кај младите е особено евидентна надвор од главниот град Скопје и тоа доведува до миграција на младите и внатре и надвор од земјата. Со имплементирање на проектот “ENTER Social Entrepreneurship” ние се стремиме кон остварување на амбициозната  цел “Зголемување на можностите за вработување на младите преку развој на иновативниот концепт на социјалното претприемништво и со ова економски  и бизнис развој на Пелагонискиот регион. Искрено се надевам на вистински импакт и успех затоа што ни значат МЛАДИТЕ ЛУЃЕ ВО НАШИОТ РЕГИОН!

2.Марија Мидовска Петкоска, Асистент на Економски Факултет – Прилеп:

Особено ми е драго што присуствував на настан во кој учествуваа голем број на млади и енергични луѓе кои веруваат во подобра иднина и се подготвени да вложат труд за подобро утре на сите нас. Многу е добро кога на едно место ќе се видат млади ентузијсти кои со многу емоции зборуваат за проблематиката на социјалното претприемништво. Топло го поздравувам и целосно го поддржувам овој проект пред се бидејќи е поврзан за нов модел на бизнис со социјална цел кој сеуште не е доволно третиран во македонската економија, но се практикува низ целиот свет. Преку истиот гледајќи од економски аспект се постигнуваат економски резултати, а профитот се користи за развој. Исто така она што е особено важно е тоа што овој концепт придонесува за намалување на невработеноста помеѓу младите луѓе. Морам да ги поздравам носителите на проектот за одличната организација и одбраните говорниците кои ги презентираа сите важни елементи на овој концепт и дадоа доста примери за социјални претпријатија во Македонија и светот. Она што особено беше интересно е делот на отворената дебата помеѓу учесниците кои присуствуваа на семинарот и дадоа конструктивни мислења и идеи за понатамошно развивање на овој концепт. За крај сакам да ги охрабрам младите луѓе да започнат со свој социјален бизнис и да дадат свој допринос во овој свет.

3.Милчо Дули, Претседател на СФЕРА – Битола:

По повод Семинарот на ден 22.04.2016 година во Крушево во Локал Скар се случи почетокот на еден проект кој е од големо значење за Пелагонискиот регион но и општо во РМ. Проект каде што се поттикнува социјалното претприемништво како иновативен бизнис кој младите можат да го развиваат со помош на многу организации, здруженија, агенции како  кај нас така и во светот. Јас како претставник од СФЕРА Македонија, организација од Битола и партнер во истиот проект во организација на Младински Сојуз Крушево сум многу задоволен од отпочнување на проектот каде што ќе се поттикнат младите на развивање на вакво тип на бизниси, исто така се надевам дека проектот ќе има резултат и ќе видиме пример на социјален бизнис во Пелагонискиот регион кој нашите организации ќе му даваат поддршка за негово развивање.

13124903_10208412193016709_3271785419147180364_n




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.