Девојки за големи достигнувања, интервју со сестрите Маријана и Мишела

Успехот на сестрите Маријана и Мишела е и наш успех, успех на нацијата, успех за државата. Две сестри, две ближначки, сплотени како едно тело и еден дух. Посветени, упорни, газат и чекорат кон спортските височини, кон спортска гордост. Не израдуваја со сребро од престојното Светско првенство во Џакарта, Индонезија и ни ги отворија очите, дека Македонија може, дека Македонија е силна за секакви достигнувања. Нашиот разговор би го започнал со една мисла за успехот од Кенеди, кој рекол – “Сето замислено, нема да биде извршено во првите сто дена, ниту во првите илјада, ниту можеби за време на нашиот живот на оваа планета. Но, да почнемe “.
Здраво дечки, најпрво честитки за огромниот успех и освоеното сребро на Светското првенство во Индонезија. Чест ни е што ве имаме за наши гости, а уште поголема чест што ве имаме за наши сограѓанки.
Како се роди љубовта кон каратето кај вас, дали пресудно беше тоа дека вашите родители се спортисти или само од себе ве натера да запловите во овој спорт?

Уште од многу мали години, нашите родители кои се тренери на КК Ронин и селектори на државната репрезентација во ката постојано не носеа на тренинг со нив. Кога наполнивме три години, кај нас се јави желба за карате. Секако дека има улога и тоа што нашите родители се спортисти, но тоа не беше пресудно за да избереме карате, можевме да избереме било кој спорт, но сепак нашата желба беше да бидеме каратисти.

Вие сте млади спортисти, гордост на Прилеп и Македонија. Колку внесува жар и желба за идни победи оваа пријатна атмосвера која ја созададовте?

Ние пред се го сакаме каратетто кое претставува нашиот начин на живот. Секако напорно тренираме и тоа донесе многу резултати и признанија за нас, но секако се стремиме кон нови достигнувања и нови цели. Се разбира не застануваме овде продолжуваме со уште поголема жар за нови победи.

Колку напорни беа подготовките за Џакарта, што беше клучно за ваквата силна спремност?

За ваков голем резултат се спремаме цел живот. Наша цел беше медал на Светско првенство (јуниорско и сениорско). Но, поинтензивните подготовки за Индонезија започнаа пред две години после Светското првенство во Шпанија 2013 (Светско првенство се одржува на секои две години…парните се сениорски а непарните јуниорски години). Оттогаш вежбаме напорно секој ден, по два пати без застој, бидејќи во меѓувреме имавме многу важни официјални сениорски и јуниорски натпревари. Поседните подготовки беа во Дојран со репрезентацијата каде што исто така имавме психички подготовки со психологот Ленче, која многу ни помогна во тој дел.

Ги победивте едни од најсилните репрезентации во карате спортот. Дали се зголеми респектот и стравот од Македонија за во иднина?

Точно е тоа, до сега не бевме аутсајдери, и за тоа говорат резултатите на последните првенства ( прво место на сениорска премиер лига во Истанбул, први на светската ранг листа, петто место на сениорско Европско првенство итн..) Сега со овој последен резултат каде што не виде целиот свет, и е прво финале за Македонија на официјално Светско првенство, секако дека е зголемен респектот кон Македонија особено кон катите. Сега веќе сме препознатливи, добивме многу пофалби од селектори и судии од цел свет, како многу млад, перспективен и талентиран тим. Сите ни предвидуваат светла иднина, се разбира со многу труд.

Покрај успехот на Светското првенство во Индонезија, што уште имаат Маријана и Мишела како свои одликувања?

Ние тренираме 14 години и во нашата кариера имаме премогу резултати, но би ги набројале најзначајните: 2-ро место на Светско јуниорско Првенство 2015/Индонезија, 3-то место на Европско јуниорско првенство 2014/Лисабон, 1-во и 3-то место на сениорски премиер лиги/Истанбул, 5-то место на Сениорско европско првенство 2015/Истанбул, 5-то место на јуниорско Светско првенство 2013/Шпанија, прво и второ место на Светската ранг листа, медали од Светски купови и многу медали од Балкански првенства.

Кои се вашите идни планови, што може да очекуваме од вас во скоро време?

Ние веќе остваривме еден наш сон, но секако дека не застануваме тука. Нашата следна цел е Европското јуниорско првенство во Кипар 2016. Во меѓувреме имаме и балканско првенство и сениорски премиер лиги. Секако наша главна цел е да го повториме овој резултат и во сениорска конкуренција, медал на следното Светско сениорско Првенство во Австрија 2016г.


Колку е тешко да се тренира со родител, дали имате притисок, бидејќи нели дома го имате тренерот постојано, или пак сето тоа е едно огромно задоволство?

Па не е лесно родителите да ти бидат тренери. Кај нас буквално преку цел ден се зборува за карате. Тоа што се случува на тренинг продолжува и дома. Секако дека притисокот е поголем и поинакво е чувството, но додека сме на тренинг тие се наши тренери и така се однесуваме. Сепак задоволството е големо.

Сведоци сме дека каратето е постојано во врвот во македонскиот спорт. Дали Македонија би се израдувала со медали на Олимписки игри во моментот кога каратето ќе стане олимписко натпреварување? Поседуваме ли квалитет и за такви достигнувања?

Па ние сметаме дека Македонија ќе се израдува со олимписки медал во карате, затоа што навистина има квалитетни каратисти во Македонија и Македонија веќе има огромни резултати во карате на официјални натпревари. Како и на сите спортисти, олимпискиот медал е наш сон и ќе вежбаме многу напорно за да го оствариме, да донесиме медал од Олимпијада за Македонија.

 

Знаеме ли да ги цениме вашите успеси, колку сте задоволни од македонската медиумска јавност во тој поглед, и дали има полиња на кои треба да се помогне во каратето ?

Во однос на медиумската застапеност и информирање за нашите резултати сметаме дека нашите резултати и на останатите репрезентативци се релативно добро застапени во медиумите, во најголем дел од порталите и пишаните медиуми, додека на телевизиите таа е помала. Што се однесува до помошта од институциите и бизнис секторот можеме да кажеме дека таа не е соодветна со нашите врвни резултати. Од Општина Прилеп сеуште не ни се исплатени наградите кои според правилникот ни следуваат за остварени резултати на Светско, Европско, Медитеранско, Балканско Првенство и Светски купови. За сите наши медали од 2013, 2014, 2015 сеуште ги чекаме нашите награди кои се надеваме дека ќе ги добиеме после овој историски резултат за македонскиот спорт. Се надеваме на стипендија-меѓународна и светска категорија од Агенција за млади и спорт, која според законот за спорт на Република Македонија ни следува за освоен сребрен медал од Светско Првенство. Само за илустрација турските и египетските репрезентативци кои освоија медал се пречекани со највисоки почести од врвните личности на нивните државии, слично е и со репрезентативците на Шпанија, Италија, Германија, Иран, Австралија, кои ги имаат сите привилегии како фудбалерите, ракометарите, кошаркарите на овие држави, каде медал на Светско има иста тежина без разлика во кој спорт е освоен.

Маријана и Мишела што е потребно за тим од 3 девојки да успее толку добро да се синхронизира меѓусебно, толку добро да умее во дел од секундата да се следи меѓусебно и да изработи токму онака како што е потребно?

Ката тим е најтешка дисциплина во карате. Многу е тешко да се состави тим од три девојки кои што треба да прават исти движења, со иста снага, иста брзина, иста експлозивност и во ист ритам. А во мечот за медал тимот покрај катата вежба и еден дел бункаи во кој ги покажува значењата на движењата во катата. Тоа е борба меѓу трите члена во тимот со акробатаски скокови и удари кои се забранети. За да се состави ваков тим потребно е трите девојки да бидат упорни смирени психички силни и да знаат тимски да се согласуваат.

Кој е патот до успехот?

Патот до успехот е многу макотрпна работа, откажување од задоволства, посветеност и упорна работа, пролеавме многу пот и солзи. Секојдневно посветено живееме со карате почнивајќи од наутро, тренинзи, исхрана, натпревари, психички тренинзи. За да се стане еден врвен спортист не е само последниот ден на натпреварот, патот е многу трнлив и тежок, но сладок на крајот. Многу е лесно слободното време да го трошиме на забави, но ние го обравме овој начин на живот. Да бидеш врвен спортист е навистина посебна привилегија на малкумина. Посебно ни е значајно тоа што имаме многу пријатели шампиони од цел свет
( Азербејџан, Кувајт, Италија, Венецуела, Египет, Шпанија, Австралија, Нов Зеланд, Макао, Бразил, Турција, Естонија, Шветска, Мароко, Иран, Перу, Јапонија, Индонезија итн…), постојано контактираме и се гледаме на натпреварите. Тоа не може да се купи и не може секој да го има. Овие се пријателства кои ќе ни останат за цел живот. Тоа е привилегијата на спортот.

Кои се желбите на сестрите Димоски, што би сакале да постигнете во вашата спортска кариера?

Наша најголема желба е како што кажав да го повториме овој резултат во сениорска конкуренција, односно медал на Светско сениорско првенство. Ќе вежбаме напорно и се надеваме дека во Линз-2016 ќе успееме да стигниме до тој резултат. А кога каратето официјално ќе стане дел од Олимпиското семејство секако и медал од Олимпијада за Македонија.

Порака до читателите на маркукуле.мк?

Верувајте во себе и во вашиот сон, бидете упорни и со работа и силна желба вашиот сон ќе стане реалност.

Девојки продолжете да нижите успеси, гордост ни сте, ќе се радуваме и ќе известуваме за сите ваши достигнувања. Само храбро и остварете ги вашите и нашите соништа да бидеме број 1 . Екипата на МАРКУКУЛЕ ви е благодарна.

Подготви: Александар Георгиоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.