Битолчанка ќе ги застапува интересите на кошаркарските џинови

Мери Ковачевска, сопруга на директорот на државната компанија ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е партиски кадар на СДСМ стана претседател на Здружението на кошаркарски прволигаши.

Чудно, но оваа госпоѓа која нема никаква поврзаност со кошарката, доаѓа на ваква функција.

Таа доаѓа на место на местото на Видоја Секуловски од МЗТ Скопје, чиј мандат веќе заврши, и ќе биде првата дама на чело на ова здружение.

Ваквото именување го поставува прашањето дали станува збор за обид на владејачката партија, преку сопругата на својот истакнат член, да оствари контрола во случувањата во македонската кошарка. Тоа прашање е актуелно особено што Мери Ковачевска има едвај едногодишно искуство во кошарката, односно само од минатата сезона таа е дел од управа на кошаркарскиот клуб Пелистер од Битола.

Мери Ковачевска од тимот на Пелистер, која денеска, засега неофицијално, ги доби потребните гласови од останатите прволигаши, на гласањето одржано преку електронска пошта. Таа од минатата сезона е дел од амбициозната управа на клубот од Битола, кој летово сериозно се засили и кој предводен од тренерот Марјан Илиевски, репрезентативците Бојан Трајковски и Бобан Стајиќ и веќе ангажираните неколку странци, дефинитивно ќе атакува на самиот врв од табелата.

Пред првата дама-претседател на Здружението ќе биде сериозна задача во пресрет на една турбулентна сезона, каква што дефинитивно ќе биде таа што доаѓа со оглед на сѐ уште актуелната пандемија со коронавирусот. Креирањето на календарот, подобрување на протоколот за игра, начинот на кој би се решило првенството во случај на нов предвремен прекин се само дел од работите со кои Ковачевска ќе треба да се фати во коштец, секако заедно со раководството на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.