Ангелов до СДСМ: Како што ќе гласате за УЧК – командантот Џафери, гласајте и за бранителите

Претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов апелира до пратеничката група на СДСМ да гласаат за донесување на поднесениот закон со кој ќе се обесштетат досега необесштетените браните од 2001 година и семејствата на загинатите браните. Како што ќе гласате поранешниот УЧК-овец Џафери да стане премиер, соберете храброст и гласајте за бранителите, порача Ангелов.

„Додека гласаат поранешниот командант од УЧК да стане премиер, нека соберат храброст и следните неколку дена нека гласаат и за оние кои загинаа или беа ранети од истата онаа УЧК од чии редови потекнува премиерот за кој гласаат денес…

Денес македонското Собрание ќе гласа за избор на техничка Влада која ќе биде предводена од досегашниот собраниски претседател и следен премиер, поранешниот командант од УЧК, Талат Џафери. На негово место во Собранието е избран координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески.

На крајот на ноември минатата година, Достоинство поднесе иницијатива со предлог закон за измена и дополнување на постоечкиот Закон за бранители, со кој треба да се обезбеди обесштетување на 10-тина воени инвалиди и 15-тина семејства на загинатите бранители кои се’ уште се необесштетени.

Со своите потписи пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ даде недвосмислена подршка на оваа иницијатива со што таа стана и официјален предлог закон.

Со образложение дека е испратен на превод на албански јазик, Талат Џафери избегна да го стави на дневен ред на собраниска седница овој предлог закон иако истиот се состои од само еден суштински член.

Затоа, во име на се уште необесштетените десеттина воени инвалиди и петнаесеттина семејства на загинати бранители апелирам до новиот собраниски претседател веднаш да го стави на дневен ред овој предлог закон, а до пратеничката група на СДСМ да даде поддршка на истиот.

Со поддршката на предлог законот на Достоинство ќе се исправи една голема неправда нанесена на воените инвалиди и семејствата на загинатите бранители, но воедно ВМРО ДПМНЕ ќе ја тргне блокадата на Законот за вработените во одбраната кој го блокираа со над 1.500 амандмани.
Голема благодарност до пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ со надеж дека и пратеничката група на СДСМ на крајот на својот мандат ќе собере храброст и ќе се одважи да даде поддршка на се’ уште необесштетените воени инвалиди и семејства на загинатите бранители од 2001-та. Исто како што денес ќе дадат поддршка на поранешен командант од УЧК, од истата онаа УЧК која ги уби или рани нашите соборци за кои бараме праведно обесштетување“, порача Ангелов.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.