Акцијата за ослободување на Прилеп, 3ти Ноември 1944

Могила_на_Непобедените-Прилеп

Во деновите што му претходеле на ослобудувањето и конечното изгонување на германскиот и бугарскиот окупатор од територијата на Прилеп, претходеле жестоки борби. Многумина ќе кажат дека Македонците биле помогнати од овој или оној, но според историските податоци Македонскиот народ речиси целосно сам го избркал непријателот, особено во Прилеп. Градот херој бил главното упориште и во овој дел на историјата, нескршливоста и упорноста на Прилепчани била главниот бедем со кој се соочил непријателот.

Имено во овие денови во Прилеп распоредот на германските сили бил следниот: 600 војници и офицери во касарната, северно од неа 2 топа и 5 митралески гнезда. Кај месноста “Садика”, од едната страна на реката 2 тешки митралези, а од другата уште 3.

На Брдо, под пиварата, 3 топа противавионски и една чета Германци кај железничката станица.

На “Црвени Брегови”, на излезот кон Битола 2 противавионски топа и 2 артилериски, како и 300 Германци.

Штабот на 15 корпус на 24 октомври издал наредба да на 28/29 октомври 41 и 49 девизија да го нападне и ослободи Прилеп. Претходно на 27 октомври единиците на 41та девизија го ослободиле Кавадарци.

На 29 октомври бил запоседнат Плетвар од страна на XI бригада. Германците биле опседнати околу селото Плетвар. Наредниот ден првиот баталјон го започнал нападот, но германските сили ги збиле своите редови и го одбиле првиот и вториот јуриш. По четириесет часовна борба Германците биле совладани. Наредниот 31 октомври, Германците биле потпомогнати со засилени трупи и вршеле силен притисок да продрат повторно до Плетвар, но сите нивни заложби биле неуспешни, бидејќи бргадата се држела добро и пружала силен отпор.

Силни борби се воделе и на Маркови Кули. Таму германските сили биле потпомогнати и од артилериско оружје, а нашите трупи иако биле со малку муниција го напаѓале непријателот, дури и со камења. Ги држел силниот дух и желбата за слобода. Во повлекувањето кон Варош и Прилеп, Германците ги запалиле зградите на Институтот за тутун, за веднаш потоа сите сили ги упатат повторно кон Плетвар каде и успеале да направат продор помеѓу позициите на XI бригада. Но обидите биле спречени од страна на Штабот кој издал наредба V бригада да изврши напад од кај касарните и да го пресечи патот за Плетвар.

Во мугрите на трети ноември започнал и последниот напад за ослободување на Прилеп. Последните германски истрели откај гробиштата и Варош набргу запреле. Најтешката задача ја имал Третиот баталјон кој во огромен јуриш, правејќи жртва, настојувал да зароби што повеќе непријателски војници. Кај седум часот се слушнала и последната германска детонација, кога биле активирани мините под Ленишки мост. Тоа е последната акција за Прилеп и оттогаш градот живее слободно.

Во последните два дена треба да се напомене дека Прилеп дал 78 жртви, херои на Народноослободителната војска на Македонија. Германците претрпеле 160 жртви и стотици ранети и заробени. Со запленетото оружје, борците се упатиле кон Битола, при што ја ослободиле на 4ти ноември.

ВЕЧНА НЕКА ИМ Е СЛАВАТА НА ЗАГИНАТИТЕ ХЕРОИ, ПРИЛЕП ПАМЕТИ И ДОСТОЈНО СЕ СЕЌАВА НА СЕКОЈ ОД НИВ.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.